Култура
Дејан Дуковски добитник на наградата за драмски текст „Коле Чашуле“
Драмскиот автор Дејан Дуковски за текстот „Изгубени Германци“ ја доби наградата за драмски текст „Коле Чашуле“ на МНТ.
Драмскиот автор Дејан Дуковски за текстот „Изгубени Германци“ ја доби наградата за драмски текст „Коле Чашуле“ на МНТ.На Конкурсот што го распиша Македонскиот народен театар, со цел да ги реанимира драмските писатели во Македонија, пристигнаа 40 текстови. Првонаградениот текст ќе добие парична награда во износ од 300.000 денари. Втората награда не е доделена, додека рамноправни трети награди добија текстовите „Безљубени“ на Благица Секуловска и „Чад“ на Сашо Кокаланов.Во образложението на Одлуката која ја донесе Комисијата за доделување на наградата во состав – Братислав Димитров (претседател), Јелена Лужина и Венко Андоновски, стои:„На Конкурсот пристигнаа вкупно 40 драмски текстови, од кои недвосмислено се издвои текстот на Дејан Дуковски, што жирито го обврза да го утврди внатрешниот критериум за рангирање на останатите текстови. Тој критериум наложи да не се додели втората награда. Наместо тоа жирито доделува две рамноправни трети награди“.Во понатамошното образложение на Комисијата за доделување на наградата за драмски текст „Коле Чашуле“ се потенцира и текстот „Тетовирање“ на тандемот Ана Јакимовска и Бранко Костевски, кои заеднички го потпишуваат текстот.„Прво сакам да кажам дека сум пријатно изненаден од бројот на пристигнатите текстови. Дури би можел да кажам дека сум шокиран од бројот на пристигнатите текстови. Податокот да се примат толку текстови во кус рок покажува дека навистина кај нас во ова време има луѓе кои се занимаваат со оваа, речиси, неисплатлива работа. Сакам да нагласам дека во поголемиот број текстови кои пристигнаа се забележува едно нешто кое, можеби, влијаеше врз нашата одлука да нема втора награда, а тоа е дека текстовите како да се пишувани да стигнат навреме на Конкурсот, што е нормална појава кога прв пат се објавува конкурс. За следната година луѓето веќе ќе знаат како ќе оди целата работа“.„Сакам да истакнам дека и кај текстовите кои не се наградени имаше исклучително талентирани луѓе, но драмата не подразбира само талент, подразбира и огромна и макотрпна работа и, се разбира, занает“ – нагласи Венко Андоновски.Својот ангажман во Комисијата за доделување на наградата, Јелена Лужина прво го илустрираше со цитатот од Лесинг, дека „Нема национален театар без национална драма“, и додаде дека многу и е драго што Македонскиот народен театар повторно ја востанови наградата за драмски текст.Како најстар и најдотеран на прес-конференцијата, Братислав Димитров, во својство на претседател на Комисијата, додаде дека Конкурсот постојано е отворен за македонски драмски текстови, но на овој начин се создава температура, тензија и убава атмосфера и може да ги размрда креативните сили во најубава смисла.По објавувањето на првонаградениот текст, авторот Дејан Дуковски изјави дека е навистина благодарен за тоа што неговиот текст ја доби наградата, и нагласи дека во Македонскиот народен театар се чувствува како дома.Дејствието во текстот се случува на крајот од Втората светска војна, во напуштен рудник на оваа територија, а главните ликови се Германци и еден Италијанец кои дезертираат, и затоа неговиот наслов е „Изгубени Германци“. Станува збор за црна комедија.Македонскиот народен театар, покрај доделувањето на паричниот износ на наградата, се обврза дека текстот ќе биде поставен на неговата сцена најдоцна за две години.Едновремено, ќе биде припремено издание во кое наградените текстови ќе бидат објавени, а промоцијата треба да се случи на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Дијалози на современиот авторски филм: регионални гласови и европски кинематографски традиции во програмата на Кинотека на Македонија – март 2026
Во месец март 2026 година, Кинотека на Македонија ја обликува својата програма како промислен и концептуално заокружен циклус на проекции посветени на современите регионални продукции и нивните дијалози со пошироките европски и светски филмски традиции. Оваа селекција не е само репертоар на актуелни остварувања, туку куриран простор за критичко преиспитување на авторскиот филм, неговата општествена релевантност и неговата способност да го артикулира искуството на поединецот во контекст на колективните историски, културни и емотивни трауми на регионот. Програмата ја потврдува улогата на Кинотеката како институција што ја негува филмската меморија и, истовремено, активно го поттикнува современиот авторски израз и дијалогот меѓу генерациите и кинематографиите.
Во фокусот на програмата се филмови што, преку различни естетски пристапи и наративни стратегии, го обработуваат прашањето на идентитетот – личен, семеен и општествен. Публиката повторно ќе има можност да го проследи Утре наутро во режија на Јани Бојаџи, интимен портрет на современиот човек заглавен меѓу инерцијата на секојдневието и тивката, но упорна потреба за промена. Филмот, со суптилна режисерска рака, ја истражува кревката линија меѓу надежта и разочарувањето, при што секојдневните гестови и погледи стануваат носители на подлабоки егзистенцијални дилеми и неми внатрешни конфликти.
Исто така, на програмата во март ќе можете да ја погледнете и моќната драма „Sentimental Value“ („Сентиментална вредност“) на Joachim Trier — суптилна и емотивна приказна за остарен филмски режисер и неговата отуѓена ќерка-актерка, која отвора прашања за уметноста, семејството и помирувањето. На 38. издание на European Film Awards во Берлин, филмот беше прогласен за најдобар европски филм, освојувајќи вкупно шест награди. Меѓу признанијата се најдоа и наградите за:
Со Приказната за Силјан на Тамара Котевска, програмата го проширува својот тематски регистар кон полето на митот, традицијата и колективната меморија. Преку својот препознатлив сензибилитет за човечката ранливост и односот меѓу човекот и средината, Котевска создава филм што функционира како поетска рефлексија за корените и нивното значење во современиот контекст. Во таа смисла, делото делува како мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу колективниот наратив и личната приказна, отворајќи простор за преиспитување на начинот на кој традицијата се пренесува, трансформира и преживува во современоста.
Во истата линија на интимно и политички ангажирано авторство, проекцијата на Мајка на Теона Стругар-Митевска ја продлабочува програмската оска на мартовската селекција преку силен и бескомпромисен женски авторски глас. Режисерскиот пристап на Митевска е остар, но емпатичен, создавајќи филм што истовремено провоцира, вознемирува и повикува на солидарност, отворајќи прашања за телото, изборот и општествените притисоци што се впишуваат во интимните простори на женското искуство.
Кулминацијата на програмата доаѓа со проекцијата на Нов бран во режија на Richard Linklater, кинематографско рекреирање на пионерските денови на францускиот нов бран. Овој филм не е носталгична реплика, туку интелигентен омаж на еден од највлијателните периоди во историјата на европската кинематографија, кога младите автори радикално ги преиспитуваа формата, нарацијата и односот меѓу филмот и реалноста. Преку динамична визуелна структура и рефлексивен наратив, „Нов бран“ го актуелизира духот на бунтот и експериментот, потсетувајќи дека кинематографијата е жив медиум што постојано се обновува преку дијалог со сопственото минато. Вклучувањето на овој филм во програмата создава продуктивен контрапункт со регионалните остварувања: додека локалните филмови ги артикулираат специфичните социјални и културни контексти на Балканот, „Нов бран“ ја отвора перспективата кон пошироката историја на европскиот авторски филм и неговите естетски револуции.
Како целина, програмата на Кинотеката во март 2026 година функционира како внимателно куриран наратив за современиот филм и неговите корени. Таа ги поврзува интимните приказни на регионалните автори со историските пресврти на европската кинематографија, создавајќи простор за дијалог меѓу различни генерации, поетики и културни искуства. Преку оваа селекција, Кинотеката не само што нуди платформа за промоција на регионалните продукции, туку и ја потврдува својата мисија како културна институција што го третира филмот како уметнички и општествен чин. Мартовската програма, со својата тематска кохерентност и естетска разновидност, претставува покана до публиката за продлабочено гледање, критичко размислување и активно учество во живиот дијалог што го создава филмската уметност.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.

