Култура
Документарецот „Метох” на Вујичиќ на фестивалот Златен витез во Русија
Документарниот филм „Метох” на режисерот Стојан Вујичиќ е селектиран во натпреварувачката програма на дваесеттото издание на меѓународниот филмски фестивал Златен витез кој ќе се одржи во рускиот град Курск од 14 до 23 јуни 2011 година
Златен витез е фестивал кој ги промовира човечките вредности и во чии програми, за разлика од повеќето светски фестивали, не можат да се најдат филмски содржини со насилство и агресија, кои се доминантни во денешната филмска продукција. Тој ги негува христијанските вредности и љубов и се одржува под мотото „За моралните христијански идеали, за воздигнување на човечката душа”.На фестивалот филмот „Метох“ ќе учествува со уште 150 играни, документарни, телевизиски и анимирани филмови од триесетина земји. Дваесетминутниот документарец е сниман во македонските манастири „Свeти .Јован Крстител”, познат како Бигорски манастир и во женскиот манастир „Свети Ѓорѓи Победоносец” во Рајчица, покрај Дебар. Терминот метох означува имот во владение на некој манастир, а манастирот во Рајчица, каде е снимен најголем дел од филмот, е метох на бигорскиот манастир. Филмот прикажува дел од секојдневието на македонската монашка заедница и мотивите кои инспирирале некои од нејзините членови да ја донесат одлуката за замонашување. „Метох” покажува и како се изработува едно ретко ракоделие – познатите епископски капи, таканаречните митри, кои со години наназад се прават во манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец” крај Дебар, а кои ги носат владиците од многу православни земји.„Метох зборува за радоста, едноставноста и за љубовта кон бога. Како што вели една од монахињите – да можат луѓето да сфатат колку бог не љуби, ништо понатаму нема да биде за нив исто, најмалку нивниот живот. Филмот покажува дека животот не е само она што секојдневно го гледаме. На оние кои се во потполност посветени, животот им е радост и исполнување“, вели режисерот Стојан Вујичиќ.Документарецот се снимаше во 2010 година, по идеја на Викторија Стефковска, со приватни средства и донации. Продуцент на „Метох” е Огнен Антов. Фестивалот Златен витез секоја година се одржува во друг руски град. Со него претседава едно од најголемите светски имиња на филмската режија, Никита Михалков, кој е претседател на Здружението на филмски работници на Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

