Култура
Почнува вториот „МакеДокс“
Второто издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 17 до 24 јуни во Куршумли-ан, Детски театарски центар и Кинотека на Македонија.
Второто издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 17 до 24 јуни во Куршумли-ан, Детски театарски центар и Кинотека на Македонија.Фестивалот кој минатата година ги донесе најзначајните наслови во светската креативна документаристика, годинава продолжува да се реализира со проширена мисија.„Вториот „МакеДокс“ е посиромашен во бројот на филмови, но е побогат со програми. Посодржаен, послоевит и постокмен. Помудар од лани. Во Кинотека и старата Скопска чаршија ќе пренесеме дел од животот во Камбоџа, Полска, Шведска, Кореја, Зимбабве, Словачка, Бразил, САД, Холандија, преку очите, душата и умот на 40 извонредни автори. Некои од нив ќе дојдат лично да ги споделат со нас своите приказни“.„Продолжуваме со нештата кои веруваме дека вредат: кино на отворено, патувачко кино, организирани посети на програмата за деца и млади, размена на искуства низ работилници и дружење“, – изјави Киријана А. Николоска, директорка на фестивалот „МакеДокс“.Програмата на „МакеДокс“ годинава ја сочинуваат вкупно 35 актуелни и повеќекратно наградувани креативни документарни филмови. Натпреварувачки се три програми: „Главна програма“, „Нови автори“ и „Програма за деца и млади“.Новост во програмата се тематската селекција „Еколошки документарни филмови“ и селекцијата од меѓународни „Кратки документарци“. Селектор на целата програма е Петра Селишкар.„Оваа година повеќе се насочивме на земјата каде што расте кромидот, кон неговите корени. Затоа ја приклучивме Еко-програмата. Но, не заборавивме на зелените врвови на кромидот кои ги претставуваат детските и филмовите за млади“.„Публиката ќе може да види филмови кои зборуваат за животот носен на плеќи од луѓе кои возат рикши, за суштината на преводот, за животот и последиците од употребата на хероин, за варшавското наци-гето, за сексуалната трансформација, за еден филмски жанр во Југославија кој што ја одржуваше во живот државата, за соколите и нивното значење во арапскиот свет, за љубов без граници на возраста, за луѓе во години чија амбиција не е да се пензионираат, за огромни нуклеарни контејнери кои ги праќаме да патуваат низ времето“, објасни Петра Селишкар, селектор на програмата на фестивалот.„Проекциите на филмовите повторно ќе се одвиваат под отвореното небо во Куршумли ан. Бидејќи со искуствата од минатата година заклучивме дека три документарни филма се премногу за една вечер годинава ќе се одржуваат по две проекции, во 21 и во 23 часот. Проекции ќе има и во Детскиот театарски центар во старата Скопска чаршија, со почеток во 17 и 19 часот, а веќе се во тек проекциите за деца и млади во Кинотеката на Македонија“, објасни Бранд Ферро, продуцент на „МакеДокс“.Новото фестивалско издание започна со организирани проекции за децата и средношколците од основните и средните училишта од Карпош и Центар. Во Кинотеката на Македонија од 30 мај до 3 јуни учениците претфестивалски ја искусуваат програмата наменета за нив.„Чест ми е што повторно присуствувам на зачетокот на фестивалот со сериозен габарит, со многу сериозен пристап и правен од исклучително вредна и креативна екипа. Мислам дека првото издание на фестивалот остави силен печат на културното милје во Македонија. Тој тренд во најмала рака треба да се задржи, но, знаејќи ги луѓето кои работат на организацијата на „МакеДокс“, сигурен сум дека годинашното издание ќе биде уште поуспешно“, нагласи Влатко Галевски, филмски критичар.Покрај филмските проекции, годинава се закажани повеќе придружни активности во програмата „МакеДокс плус“. Дел од нив се и трите работилници „Современиот документарец помеѓу реалноста и филмот“, „Критика на креативната документаристика“ и работилницата за видеоактивизам „Не мрази ги медиумите, стани медиум“.Минатогодишната идеја – „Патувачко кино“, ќе се организира и оваа година. Во август „МакеДокс“ повторно ќе патува со кино-караванот низ шест нови градови и села во Македонија./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кога тишината и допирот зборуваат погласно од сликите: Премиера на „Толку е тивко“ на Театар Пи во Ѓорче
На 27 декември со почеток од 19:00 часот, во Центар за култура Ѓорче Петров, ќе се одржи премиерата на најновата театарска претстава „Толку е тивко“ на Театар Пи.
„Толку е тивко“ е филозофска и длабоко сензитивна театарска исповед во која светот се открива низ внатрешниот поглед на девојче што го изгубило видот. Наместо визуелни слики, просторот се гради од звуци, допири, тишини и сеќавања, претворајќи ја сцената во жив лавиринт на чувства и мисли. Претставата ја води публиката низ детството, загубите и растењето на главниот лик, каде темнината не е празнина, туку место во кое се раѓаат светлина, пријателство и смисла.
Со несекојдневни сценски средства и силна емотивна нарација, „Толку е тивко“ ја преиспитува перцепцијата за гледањето, постоењето и значењето на тоа што навистина значи да се „види“ светот.
Режијата и концептот се на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска, а претставата е работена по автобиографски разкази на Борка Тадиќ.
Проектот е поддржан од Општина Ѓорче Петров, а учесници се ученици од основните и средните училишта од Ѓорче Петров и корисници на ЦПЛИП Порака Скопје. Организаторите упатија благодарност до Александар Стојкоски, Сара фешн, ЦПЛУП – Порака Скопје.
Билети за претставата се достапни на: https://www.karti.com.mk/tolku-e-tivko-teatar-pi.nspx
Култура
Во Драмскиот театар се одржа комеморација за актерот Лазе Манасковски
„Кога заминува актер, не заминува само човек, заминува цел еден свет, цел еден универзум што тој го создавал на сцената. Со силен аплауз да го испратиме универзумот на Лазе Манасковски“ – со овие зборови во името на македонското глумиште директорот на Драмскиот театар Скопје, Роберт Вељановски, му оддаде последна почит на истакнатиот македонски театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски.
Во присуство на семејството, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денес во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерот Лазе Манасковски.
Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се истакнува дека: „Лазе Манасковски оствари незаборавни ролји во кои беспоштедно се вложуваше предавајќи ѝ се на божицата Талија. Ќе го помниме него, но и ликовите што со жар и со љубов ги толкуваше вдахнувајќи им живот и давајќи им уметнички печат“.
Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша: „Се простувам од човек со кого делев сцена, време и професија, од уметник, чија посветеност, тивка сила и длабока човечност оставија трајна и неизбришлива трага во македонскиот театар. Лазе Манасковски беше актер што не се штедеше себеси, кој со искреност и достоинство ја живееше уметноста и ѝ служеше со целото свое битие. Ќе недостигаат неговиот глас и енергијата што ја носеше со себе. Изгубивме колега од кој се учеше за професијата, но и за човечноста“.
Телеграми со сочувство беа испратени од колегите од повеќе македонски театри, како и од Факултетот за драмски уметности. На комеморацијата последен поздрав упатија актерот Благоја Чоревски, а со свое емотивно обраќање пред присутните се обрати синот на Лазе, актерот Симон Манасковски.
Актерот Лазе Манасковски е роден 27 март 1958 година во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1982 година. Во Драмскиот театар е вработен во 1983 година, каде што е професионално ангажиран сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Во театрографијата на неговата матична куќа останува забележено дека Лазе Манасковски на сцената на Драмскиот театар дебитира уште како студент со улогата Тајниот пират во детската претстава „Џон Пиплфокс“ по која остварува улоги во повеќе од педесетина претстави.
Дел од ликовите што ги игра Манасковски во театарот се: Славко Милосавлевиќ во „Карамазови“, Јован во „Салома“, Стеван Савски во „Собирен центар“, Роже во „Балконот“, Калибан во „Бура“, Хеликон во „Калигула“, Били во „Маратонците го трчаат почесниот круг“, Даме во „Кумови“, Дезертер во „Вазна од порцелан“, Бејбифејс во „Ова не е американски филм“, Дон Гусман во „Свадбата на Фигаро“ или „Налудничав ден“, Помладиот брат во „Дунек“, Егеј и Гоце Гладник во „Сон на летната ноќ“, Херера во „Што е тоа што ги тера жените навечер да трчаат по улиците на Мадрид“, Брендан во „Поручникот од Инишмор“, Коле Сукало во „Сон на летната ноќ“, Духот во „Хамлет“, Киро Стап во „Чија си“, Димитрија во „Буре барут“, Раде Кепевски во „Како да се ограби банка?“, Поул во „Фестен“, и во последната негова претстава во продукција на Драмскиот театар го игра ликот на Мак-Бум во „Пантаглез“.
Манасковски остварува и повеќе филмски и телевизиски улоги. Публиката го памети по ликовите од филмовите: „Сенки“, „Исцелител“, „Врба“, „Хомо“, „Кајмак“ и во телевизиските серии: „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Тврдокорни“, „Македонија може“, „Чудовиштата во нашиот град“, „Во светот на бајките“, „Заведени“, „Фамилија Марковски“, „Преспав“, „Бистра вода“ и многу други.
Македонскиот уметник, актерот Лазе Манасковски, беше погребан во понеделникот во присуство на семејството, многуте колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.
Култура
„Лилјакот“ повторно на сцената на МОБ: спектакуларна оперета на 26 декември во Скопје
По три одлични изведби, „Лилјакот“ ќе се изведе повторно на големата сцена на МОБ за вечер исполнета со музика, хумор и емоции, културно доживување што ја освои пуб-ликата и критиката, соопшти организаторот.
„Македонската опера и балет со гордост ја најавува четвртата изведба на оперетата „Лилјакот“ (Die Fledermaus) од Јохан Штраус II, која ќе се одржи на 26 декември 2025 година. По две претходни изведби што предизвикаа бурни аплаузи, високи оценки од публиката и критичката фела, ова ремек-дело на класичната музика се враќа како еден од најочекуваните културни настани во декемврискиот репертоар.
„Лилјакот“ е светски позната оперета што ја слави радоста, музиката и ведрината на животот, со шармантни сцени, хумор и незаборавни арии. Оперетата ја освои публиката, која ја опиша како „возбудлива, духовита и емоционално живописна“ и која ја поздрави со овации и силни аплаузи“.
Оваа изведба, под диригентска палка на Бисера Чадловска и во режија на Љупка Јакимовска, нуди уште една можност за љубителите на уметноста да уживаат во празнична вечер исполнета со музика, раскош и многу смеа.
Доколку ја пропуштивте претходната изведба, ова е вашата можност да бидете дел од ова празнично културно искуство и да ја почувствувате магијата на „Лилјакот“ во живо, вели организаторот.

