Култура
Концерт на Куфојанакис и Ангелова во Куманово

Во вторник, (14-ти јуни) со почеток во 20 часот во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ уманово ќе се одржи концерт за виолина и пијано во изведба на Момчило Куфојанакис, виолина и Весна Ангелова, пијано
На програмата се дела од македонскиот композитор „Анданте за виолина и пијано“, од Ј. С. Бах „Чакона за соло виолина од Партита бр. 2 во d-moll“, Л. ван Бетовен – „Соната за виолина и пијано во A-dur опус 47 – Кројцерова, Addagio sostenuto – Presto, Andante con Variazioni, Finale – Presto, од Вјењавски и „Фантазија на теми од операта Фауст од Ш. Гуно.Пијанистката Весна Ангелова основно и средно музичко образование заврши во ДМБУЦ „Илија Николивски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Нина Среброва, а дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Борис Романов. Во 2007 г. ги завршува и магистерските студии по пијано интерпретација на ФМУ – Скопје под менторство на Рита Кинка, професор од Академијата на уметностите во Нови Сад.Во текот на своето образование се усовршувала учествувајќи на мастер курсеви и семинари кај реномирани педагози и пијанисти, како А. Диков, Ј. Михајловиќ, летната француско-чешка академија во Телч каде работи со проф. Ј. Клепач, а добитник е и на стипендија од МММ за учество на меѓународниот курс по камерна музика во Варкесхајм – Германија, каде работи со врвни имиња од областа на камерната музика.Добитник е на први награди на државни натпревари по пијано (1992, 1995 и 1998), како и специјална награда на меѓународниот натпревар по пијано во Нови Сад – Република Србија.Весна Ангелова досега реализираше соло рецитали и камерни концерти, како и серија рецитали со клавирско трио во повеќе градови во Македонија, а како солист во 1994, 1995 и 1999 година настапува со Македонската филхармонија. Ангелова настапува и надвор од Македонија во Германија, Србија, Турција, Бугарија, Франција, Чешка…Остварува двомесечен културен престој и концерт во Париз во 2008 година, реализиран преку Министерството за култура на РМ. Член е на комисија на државниот натпревар по камерна музика (2008 и 2011 година).Вработена е како професор по пијано во ДМБУЦ Илија Николовски – Луј во Скопје од 2000 година, а работи и како надворешен соработник на Македонската филхармонија од 2008 година. Виолинистот Момчило Куфојанакис, исто така основно и средно музичко образование добива во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. м-р. Ерхан Шукри, а сега е апсолвент на ФМУ Скопје во класата на проф. м-р. Михаило Куфојанакис. Се усовршува кај врвните педагози Ирина Головина, Ара Богданјан, Благородна Танева и Евгенија Чугаева. Активен учесник е на семинарот за млади талентирани виолинисти на „Аркутино Мастер Класа-Приморско 2005„ под раководство на проф. Минчо Минчев од Германија, а во 2009 и 2010 година посетува интензивна Мастер класа во меѓународниот центар „E-Vivaldi“ во Венеција-Италија, каде работи со д-р Ино Мирковиќ, визитинг професор на Московскиот државен конзерваториум „П. И. Чајковски“ и на Ерменскиот државен конзерваториум во Ереван.Остварува редица целовечерни рециталски настапи во 2005, 2006, 2009 година во Скопје и ширум републиката. Како солист настапува со Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и ФМУ-Скопје, Мандолинскиот оркестар Скопје и гудачкиот оркестар АРКО.. Настапува на фестивалот Скопско лето, манифестацијата Есенски музички свечености, интернационалниот фестивал на млади музичари ДАМ во Приштина-Косово. Особено забележителни се настапите во 2008 година со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија изведувајќи два дупли Бахови концерти, целовечерен настап во Софија-Бугарија на тематска вечер посветена на Ј.С. Бах, со виолинистот Михаило Куфојанакис и пијанистот Тодор Светиев, како и рециталот во камерната сала Бугарија во 2009 година во Софија. Во 2010 година во Хрватска реализира заеднички настапи со виолинистот М. Куфојанакис и пијаниската Наталија Маричева од Русија.Има реализирано аудио и видео снимки за Македонската Телевизија и Телевизија Косово.Добитник е на следните награди: две специјални награди на државни натпревари (1999, 2002), како и три први награди на државен (2001 и 2011), регионален (2004) и меѓународен натпревар (2006 година).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт – рецитал на Горјана Стојановска во македонскиот КИЦ во Софија

На 30 јуни (понеделник) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи Концерт – рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска од Битола. На концертот во Софија таа ќе ја претстави убавината и длабочината на класичната музика преку интерпретација на дела од Ј. С. Бах, Ф. Шуберт, Ф. Лист и А. Скрјабин.
Настанот ветува уникатно музичко патување, кое ќе ги поврзе различните стилови и периоди, создавајќи емотивно искуство за публиката. Програмата ќе ја поттикне длабочината на чувствата, размислувањата и инспирацијата, како и важноста на класичната музика во современото општество. Ќе биде овозможено поврзување со историјата и духот на музиката, како и уживање во магијата на живата изведба.
Горјана Стојановска е родена во Битола. На осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г и магистрира.
Во 2018 година се запишува и на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан. Академијата успешно ја завршува во 2020 година. Учествува на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои: Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рувен Далибалтајан, Јулија Губајдулина и др.
Горјана има освојувано бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во своето дејствување како пијанист има реализирано многу солистички рецитали, а во 2011 и 2014 година настапува како солист со Македонската филхармонија. Бележи настапи на повеќе фестивали како Есенски музички свечености – Скопје, Подиум на млади (како вонредна програма на фестивалот “Охридско лето”) – Охрид, Бит-Фест – Битола. Во 2024 година настапува во Виена како солист со камерниот оркестар на Националната опера и балет.
Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
Култура
Претставата „Едмонд“ денес премиерно во Битолски театар

Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Директорот Васко Мавровски вели дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, е постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07.
„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава“, рече директорот Мавровски.
„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, рече режисерот Оливер Мицевски.
Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто Едмонд го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на Едмонд е : “Внимавај што посакуваш.”
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Култура
Скопско лето: В понеделник џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.