Култура
Седум документарни македонски филмови на вториот Македокс
На второто издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе бидат прикажани седум македонски документарни филмови.
На второто издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе бидат прикажани седум македонски документарни филмови. Фестивалот ќе започне на 17 и ќе трае до 24 јуни во Куршумли-ан, Детски театарски центар и Кинотека на Македонија. Истиот ќе биде свечено отворен со македонскиот документарец на Арсениј Јовков, „Македонија во слики“. За време траењето на фестивалот ќе бидат прикажани и уште шест филмови од факултетот за драмски уметности. Годинава програмата на „МакеДокс“ годинава ја сочинуваат вкупно 35 остварувања од најновата светска продукција поделени во пет програмски целини: главна програма, нови автори, еколошки документарци, краткометражна продукција и програма за деца и млади. „Генералниот впечаток е дека документаристика е многу слабо позната кај децата и младите и нашата цел е да придонесеме да се развие чувството за документарност и документаристика. Имаме прекрасни дискусии на кои работиме после секоја проекција“ изјави директорката на фестивалот Киријана А. Николоска.Идејната порака на фестивалот е симболиката на кромидот. „Ја земавме пораката од документарниот филм „Жена со пет слонови“ во кој се зборува дека кромидот нема средина. Ако го пресечете нема да најдете средината. Целта на кромидот е нов кромид. Тоа е пораката која сакаме да ја пренесеме“ изјави селектор на целата програма е Петра Селишкар.Таа додаде дека имала тешка задача во изборот на селекција од 500 документарни филмови да се одберат најквалитетните во програмата која ќе се прикажува годинава. Македокс ќе додели и пет награди: „Кромид“ за најдобар филм во меѓународна натпреварувачка програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ за најдобар филм за деца и млади, награда за филм со најдобра презентација на „Човекови права“, и награда за филм за најдобри „Етички идеи“. Секоја од наградите ќе биде едногласно изгласана од тричлено жири во секоја од категориите.Новостите во програмата се тематската селекција „Еколошки документарни филмови“ и селекцијата од меѓународни „Кратки документарци“.Во програмата се вклучени покрај работилниците и изложба на фотографии, илустрации на карикатуристи од Шведска и Балканот на тема климатски промени како и изложбата на креативни документарни фотографии од македонски фоторепортери/ки. Во вечерните часови организирани се диџеј сетови за сите љубители на добра музика и филм. Како и минатата година и годинава повторно е организирано патувачко кино во шест градови низ Македонија: Лазарополе, Вевчани, Штип, Гевгелија, Виница и Кавадарци.Цената на билетите за детските проекции ќе чини 100 денари за пакет од два филма и 150 денари за вечерните проекции. /крај/макфакс/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Галерија Рудиќ – Годишна изложба на фотографии на фото клубот ЕЛЕМА-Скопје
На втори април, во 19 часот, вторник, во Рудиќ галерија ќе биде поставена клубска изложба на фотографии, „ЕЛЕМА 2024“.
„ЕЛЕМА 2024“ е изложба која го означува креативниот и творечкиот континуитетот на ФК Елема низ долгите години постоење и промовирање на фотографската уметност.
Како прва годишна клубска изложба она ги најавува идните активности на Клубот кои секако ќе бидат претставени во периодот кој следи, со јасен акцент на индивидуалноста на авторите слободниот дух, секогаш со нов пристап и нови трендови кон создавањето на фотографијата за што ЕЛЕМА секогаш имала капацитет.
Ќе бидат изложени фотографии на реномирани македонски автори: Раде Луковиќ, Дејан Гилевски, Кирил Штрков, Вацлав Лукиќ, Цветан Гавровски, Владимир Арсовски, Катарина Николов, Драгољуб Николовски и Боро Рудиќ.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот Регион
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј – Охрид, а учество зедоа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.
„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцира Костадиновска- Стојчевска.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.
Министерката со македонските експерти ги информира членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи, меѓу кои предлог-закон за управување со светското природно и културно наследство и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.
Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг-мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ во Република Албанија и во Северна Македонија.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.