Култура
Светлана Христова–Јоциќ и Иво Одехнал добитници на „Книжевно жезло“
Традиционалната поетска манифестација „Празник на липите“, започна денеска во Друштвото на писателите на Македонија
Македонската поетеса Светлана Христова-Јоциќ и чешкиот поет Иво Одехнал се годинешните лауреати на наградата „Книжевно жезло“, за поетски опус со високи естетски остварувања , што традиционално ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Одлуката едногласно ја донеле членовите на Организацискиот одбор на меѓународната манифестација „Празник на липите”. Признанијата на годинешните добитници на наградата, им ги врачија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а ДПМ објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, чешки и на англиски јазик.„Празникот на липите е прекрасен и благороден чин, меѓународен фестивал кој трае подолго од цутењето на липите. Тоа е средба на литературите и културите, подадена и возвратена рака кон убавиот поестки збор, творечка креативна мисла и размисла која ги надминува локалните граници и ги надвишува сите бариери. Потврда за тоа се и годинешните лауреати и нивното творештво, но и бројните автори создатели на песни и есеи посветени на липата на Градот Скопје, љубовта, животот и поезијата“, изјави Христо Петрески, претседател на советот на „Празник на липите“.„Липите се препознатлив дел на скопските пејзажи и се интегрален дел од старите скопски улици, затоа манифестацијата празникот на липите претставува еден вид на симбиоза на различните естетски компоненти на градот Скопје“, изјави Коце Трајановски, градоначалник на град СкопјеСветлана Христова – Јоциќ е авторка на низа стихозбирки што оставија свој печат во развојните текови на македонската поезија во изминатите четири децении. Меѓу нејзините најзначајни поетски книги се вбројуваат: „Калесница”, „Скришен човек”, „Еа“, „Самечка ќелија“ и „Големата молитва“. Таа е покренувач на манифестациите „Празник на липите“, Македонските духовни конаци и на книжевните ревии „Стожер“ и „Портал“.Чешкиот поет Иво Одехнал е роден 1936 година во Валашске Клобоуки. Бил професор по филозофија и директор на книгоиздателството „Блок” во Брно. Една деценија работел како главен уредник на филијалната редакција на „Фортуна принт“. Бил учесник на Струшките вечери на поезијата. Во неговиот богат творечки опус посебно место зазема поемата „Песна за великоморавската обетка“, објавена во 1980 година. Автор е и на стихозбирките: „Змиски ум“, „Оган што цути“, „Заљубен Декарт“, „Пагански глад“, „Кула на љубезниот ветер“, „Црн албатрос“. Добитник е на книжевни награди во Чешка, а негови песни се преведени на руски, англиски, полски, словачки и на германски јазик.Во рамки на манифестацијата „Празник на липите“, чешкиот поет Иво Одехнал беше прогласен за почесен поет на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.