Култура
Од сабота „Бит Фест„
На шестото издание на „Бит Фест“, кое почнува во сабота (25 јуни) и ќе трае до 27 август ќе продефилираат стотина уметници
На шестото издание на „Бит Фест“, кое почнува во сабота (25 јуни) и ќе трае до 27 август ќе продефилираат стотина уметници кои ќе бидат дел од досега најбројните настани, преку 120, и тоа од сите области на уметноста и културата вклучувајќи театарски претстави, концерти од областа на класичната музика и оперски концерти, фолклорни концерти, етно, џез и рок концерти, ликовни и графички изложби, современи уметности, поетски вечери,саеми на книга и други мултумедијални проекти.„Бит Фест“ и оваа година останува под мотото на отворено културно лето кое промовира реномирани уметници и независна културна сцена и ќе биде домаќин на гости од Франција, Белгија, Италија, Велика Британија, Русија, Словачка, Полска, Бугарија, Турција, Хрватска како и бројни учесници од Македонија.Специфичноста на „Бит Фест“, а воедно и со тоа и неговата препознатливост, ја дава токму моментот што во негов состав се организираат десетина фестивали од сите културни и уметнички сфери со што се излегува во пресрет пред се на независната и алтернативна уметничка сцена. Така, битолското културно лето во јули и август ќе ги реализира Фестивалот на музика и традиција „Локум Фест“, Фестивалот за современи уметности „Акто“, „Илинденски денови“, Поетскиот фестивал „Поетски синтези“, Фестивалот на асоцијацијата „615“, Младинскиот Арт фестивал „Битола отворен град“ и „Шут фест“.Целта на „Бит Фест“ е да се даде можност на најразновидна и алтернативна културна сцена и истата да се приближи до сите генерации, но и да се привлечат љубителите на културата од соседните земји и пошироко, што пак се покажа како реалност на изминатите фестивалски изданија. Токму затоа речиси сите настани во организација на „Бит Фетс“ остануваат бесплатни, а организаторите се надеваат дека преку уметноста ќе придонесат за развој на културниот туризам во Македонија.Културното лето се реализира со целосна подршка и учество на Центарот за Култура Битола, Заводот и Музеј на град Битола, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ и Битолскиот Театар, а покровител на културното лето и овојпат е градоначалникот на општина Битола, Владимир Талевски.Свеченото отварање на „Бит Фест“ е на 25 јуни, сабота, со почеток во 21 часот во античкиот театар Хераклеја со настап на гудачкиот камерен оркестар АРКО и изведба на филмска музика „Плачот на виолината“./крај/пд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

