Култура
Награди на фестивалот „МакеДокс“
Во прекрасниот амбиент на Куршумли-ан синоќа беа доделени наградите на вториот Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“.
Во прекрасниот амбиент на Куршумли-ан синоќа беа доделени наградите на вториот Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“.На фестивалот беа доделени пет награди за филмовите кои беа прикажани во фестивалските селекции. Насловите на сите награди се поврзани со кромидот – симболот на фестивалот.Наградата за најдобар филм за деца и млади „Кокарче“ ја доби филмот „Надеж“ на режисерката Елинор Баркет од САД. Филмот зборува за осуммина хендикепирани музичари кои живеат во Зимбабве, ја сакаат музиката и нивниот најголем сон е да одат во Америка. Одлуката за доделување на наградата ја донесе Комисијата составена од младите Јана, Теа и Леа Јовановски и Мариго Антова, а наградата ја прими Џон Сурфејс, аташе за култура во амбасадата на САД во Скопје. Беше воспоставена и скајп-врска со авторката на филмот, која најискрено се заблагодари со жалење дека не можела да присуствува на „МакеДокс“.Наградата „Кромид“ беше доделена за филм од Главната програма на фестивалот. Комисијата во состав Надја Велушчек, Томас Логоречи и Ивица Џепаровски донесе одлука за најдобар филм на фестивалот да го прогласи „Катка“ на чешката режисерка Хелена Трештикова.„Формите на злото се бескрајни, но кога се индивидуализираат низ призмата на непосредното живеење на еден зависник од дроги, тогаш стварноста станува неподнослива и за оној што низ неа минува и за оние коишто неа ја проследуваат на филмското платно. Таква мачнина чувствува секој што го следи филмот „Катка“, врвно документаристичко остварување што никого не може да остави рамнодушен“, стои во образложението на жирито. Наградата ја прими Јозеф Браун, амбасадор на Чешка во Македонија.Членовите на Комисијата за доделување на наградата Нови автори „Млад кромид“, во состав Агнета Морген, Трулс Ли и Атанас Георгиевски, донесоа одлука наградата да и припадне на младата српска режисерка Мила Турајлиќ за филмот „Синема комунисто“. На педантен начин со комбинирање архивски снимки дополнети со коментари од денешна перспектива Турајлиќ создаде филм кој го истражува митот кој ја создаде Југославија – нејзиниот некогашен претседател Јосип Броз -Тито.„Идејата за филмот се појави кога го видов филмскиот град во Белград. Сакав да снимам филм за состојбата во која се наоѓа тој филмски град и зошто дозволиле сега тој да биде запуштен. Откако почнав да го истражувам неговото минато сфатив колкава улога има во создавањето на официјалната слика на Титова Југославија и сосема полека се појави идејата дека со приказната за филмскиот град би можела да ја раскажам и приказната за Југославија“, изјави младата режисерка Мила Турајлиќ, за Макфакс.Наградите за Човекови права и Етички идеи му припаднаа на „Непријатели на народот“, филм на Тет Самбат и Роб Лемкин. Еден од најдобрите истражувачки новинари во Камбоџа заедно со продуцентот Роб Лемкин снимија потресен документарец за масакрите во Камбоџа кои се случуваа за времето на владеењето на Црвените кмери. Авторот на филмот се соочува со луѓето кои ги извршувале масакрите врз невини луѓе.Во образложението на Комисијата за наградата за човекови права, во состав Хана Кулханкова, Алек Русјаков и Тако Руигхавер, е нагласено дека „победничкиот филм на неверојатно искрен и човечен начин ја открива приказната за режимот на Црвените кмери и геноцидот што го извршиле врз сопствениот народ, но на публиката и дава можност да размислува за тоа како на мирен начин би можеле да се справиме со постконфликтните ситуации“.Комисијата за Наградата за етички идеи, во состав Маја Јуриќ, Ацо Станкоски и епископ Климент од Хераклеја, за истиот филм го даде следното образложение: „Во форма на исповед не само на „жртвата“ туку и на „џелатот“, овој филм ги брише границите на црно-белото, на конвенционалното гледиште на Доброто и Злото. Тој е онтолошка одредница за нашата одговорност кон интимната и кон колективната историја, која од нас бара поопсежно да ги согледаме трагите на (не)разумноста човекова“.Продуцентот Роб Лемкин, во неможност да дојде во Македонија, до фестивалот упати порака во која стои: „Благодарни сме на жирито и на организаторите на „МакеДокс“ што филмот го донесоа пред македонската публика. Особено не исполнува тоа што идеите на филмот ги разбираат луѓе од земји кои се далеку од Камбоџа, а кои исто така имаат искуство со политички превирања од блиското минато. Ако нашиот филм им помага на луѓето да размислуваат како да им пристапат на историските трауми, сторителите и злоделата, и како да дојдат до помирување, тогаш навистина ни е мило“, нагласи Лемкин во пораката.Во текот на фестивалот се одржуваа и три работилници. На крајот беше одлучено да се додели награда за Најдобра рецензија на Работилницата за критика на креативната документаристика. Наградата ја доби Оливера Аритоноска за критиката за филмот „Катка“. Комисијата во состав Евгенија Теодосиевска, Зоран Бојаровски и Игор Спасовски, во образложението за наградата нагласи дека „критиката на Аритоноска не само што информира и отворено и без предрасуди ги предочува доживеаните филмски процеси, туку таа спори и не се согласува со самиот автор-режисер. Тоа значи дека оваа критика го содржи оној секогаш посакуван процес кога авторот на текстот истовремено разговара и со авторот на филмот и со публиката“.Денес на фестивалот ќе бидат прикажани филмовите кои ги добија наградите. Потоа ќе следува завршната забава на која во Куршумли-ан ќе има концерт на групата „Амбиент анархист“ од Бугарија, и диџеј сетови на Ѓорѓи Јаневски од Канал 103, и Вале и Неџо од „Беј д’Фиш“./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

