Култура
Одбележани два значајни јубилеи во НУБ
Два значајни јубилеи, 150 години од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци и 50 години од постоењето на поетската манифестација „Струшките вечери на поезијата“ свечено беа одбележани во народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Два значајни јубилеи, 150 години од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци и 50 години од постоењето на поетската манифестација „Струшките вечери на поезијата“ свечено беа одбележани во народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.Отварањето на церемонијата беше проследено со поетско читање на песната „Т’га за југ“ од Константин Миладинов. „Ги славиме овие јубилеи во време кога секој аргумент од било која сфера на општествениот живот исклучително е значаен во борбата за зачувување на националниот идентитет и самобитноста на македонскиот народ, историја и култура“ изјави директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“ Миле Бошески. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, изјави дека ќе се пристапи кон изготвување на проект за целосна обнова на спомен-домот посветен на браќата Миладиновци во Струга каде ќе бидат сместени канцелариите на Струшките вечери на поезијата и струшкиот музеј. „Овој спомен-дом ќе биде и свратилиште на сите почитувачи на убавиот пишан збор кои оваа 2011 година ќе бидат дел од чествувањето на петте децении од постоењето на манифестацијата „Струшките вечери на поезијата“ преку која ќе се навратиме на делото на Миладиновци, кое е камен-темелник на нашата литературна дејност“ рече Канческа Милевска. Во втората половина на 19 век започнува македонската преродба во време кога твореле браќата Миладиновци.„Димитријата Миладинов е водечкото име и челник на македонската преродба. Тој со своето дејствување го пробуди чувството за значењето и за убавината на мајчиниот јазик и изврши пресудно влијание на најзначајните писатели и собирачи на народното творештво. Делото на овој будител на просветно, културно и национално поле го следат и го проучуваат ученици Константин Миладинов, Партение Зографски, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков и многу други“ рече претседател на Друштвото на писатели на Македонија, Раде Силјан. „Струшките вечери на поезијата“ за прв пат почнале да се одржуваат на 15 јули 1961 година. Оттогаш, секоја година бројот на учесници се зголемува, а годинава има 67 учесници од целиот свет. „Кој беше тој творечки порив и висина да се потпре еден таков монументален споменик на поезијата, но и на културата и духовното воопшто во Република Македонија. Од денешен аспект станува уште појасно дека тој поттик го изведоа авторите, со силна творечка индивидуалност“ изјави Данило Коцевски директор на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“. Годинава „Струшките вечери на поезијата“ се под покровителство на УНЕСКО. Добитникот на наградата „Златниот венец“ е македонскиот поет – академик Матеја Матевски./крај/макфакс/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем концерт на „Архангел“ на 13 јуни
На 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје ќе се одржи голем самостоен концерт на македонскиот бенд „Архангел“. Настанот ќе биде посветен на 44 години музичко творештво на Ристо Вртев, одбележувајќи четири децении препознатлив авторски израз и влијание врз македонската рок и алтернативна сцена.
На сцената на Стадионот на АРМ публиката ја очекува повеќечасовна музичка приказна, раскажана преку антологиските композиции „1.000.000 долари“, „Чудесен свет“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Нова вера, нова библија“ и многу други, надополнета со дел од новиот материјал што бендот го создава.
Архангел интензивно работи на својот петти студиски албум, кој ќе означи ново креативно поглавје во нивната дискографија. Дел од композициите ќе бидат премиерно изведени токму на овој концерт, додека првиот официјален сингл се очекува наскоро.
Концертот, насловен „Срцевина“, претставува концептуално продолжение на поетиката на авторот и фронтмен Ристо Вртев – централен столб на бендот и клучен двигател на нивниот препознатлив авторски израз.
Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, чиј фокус е промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 2 март, онлајн на www.karti.com.mk/arhangel и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.

