Култура
Блуз & соул фестивал во рамките на Скопско културно лето
Блуз&соул фестивалот годинава ќе се одржи по 15 пат, на 4 и 5 јули во „Колосеум“, во рамките на Скопско културно лето.
Блуз&соул фестивалот годинава ќе се одржи по 15 пат, на 4 и 5 јули во „Колосеум“, во рамките на Скопско културно лето.Гости на годинешното издание се познати имиња на блуз-музиката од Србија, САД, Бугарија,Германија. На отворањето ќе настапат „Тексас Флад“ од Србија, а по нив Шакура Саида со Дона Грантис од САД. „Тексас Флад“ е еден од најдобрите блуз-состави во Србија. Формиран е во 2004 година и по неколкуте персонални промени денес работи во состав Ненад Златановиќ-гитара и вокал, Иван Чукиќ-бас, Владимир Голубовиќ-тапани. Станува збор за тројца искусни и квалитетни музичари во чиј блуз има забележителни елементи на рокот. Шакура Саида е мултиталентиран уметник која се занимава со филм и театар.Треба да се истакне и нејзиниот придружен бенд, посебно младата гитаристка Дона Грантис, која е вистинска сензација поради своето импресивно свирење на гитара.Со неа на 4 јули ќе се одржи работилница во кафулето „Вертиго“.„Секоја година носиме интересни имиња од блуз&соул светската музичка сцена. Тоа се музичари кои негуваат различни стилови, но во основата пред се е блузот,“ изјави Васил Ивановски, програмски уредник на фестивалот.На 5 јули, на сцената во „Колосеум“ ќе ги видиме бугарскиот бенд 5XL, Грегор Хилден бенд и специјален гостин Хариет Луис. 5XL e еден од најдобрите состави на бугарската блуз- сцена, формиран од гитаристот Борислав Димтров-Боро кој го сметаат за најдобар гитарист во Бугарија кога станува збор за блузот. Освен што одлично свири на гитара, тој се занимава со иновации на ефекти за гитара кои ги користат познати гитаристи. Музичарите на овој бенд свират во различни формации, но направија и специјална програма за овој фестивал. Свират на различни сцени и се исклучителни уметници. Грегор Хилден е еден од најдобрите гитаристи на германската блуз-сцена и се смета за еден од најдобрите гитаристи чие реноме одамна ги има надминато границите на неговата земја. Негов специјален гостин ќе биде Хариет Луис, американска вокалистка која се споредува со легендарната Роберта Флак. Во случај на неповолни временски услови, фестивалот ќе се пресели во Универзалната сала. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

