Култура
Мајсторот на виолина Ѓорѓи Димчевски го затвора фестивалот „Охридско лето“
Со настап на концерт-мајсторот на оркестарот на Валенсија, македонскиот млад виолинист Ѓорѓи Димчевски, вечерва ќе се затвори музичката програма на 51-вото издание на фестивалот „Охридско лето“.
Со настап на концерт-мајсторот на оркестарот на Валенсија, македонскиот млад виолинист Ѓорѓи Димчевски, вечерва ќе се затвори музичката програма на 51-вото издание на фестивалот „Охридско лето“. Во црквата Света Софија во 21 часот уметниците и публиката ќе имаат уште една шанса годинава да уживаат во прекрасниот амбиент, акустичност и автентичност. „По многуте остварени настапи со оркестарот на Валенсија и неодамнешниот концерт со Израелската филхармонија и големиот Зубин Мехта, на големо задоволство на сите, токму Ѓорѓи Димчевски ќе ја затвори овогодишната музичка програма на „Охридско лето“ изјави музичкиот селектор Гордана Јосифова Неделковска.Ѓорѓи Димчевски е еден од највпечатливите претставници на младата генерација македонски музичари, за своето музицирање, како и за изведбите на виолина и пијано. Младиот македонски виолинист студирал во класата на Виктор Третјаков, а неколку сезони е концерт- мајстор на оркестарот „ Класична филхармонија- Бон“. Во последниве три години е концерт- мајстор на оркестарот резидентен во Палатата на убави уметности „ Кралица Софија“ во Валенсија, под водство на Лорин Маазел и Зубин Мехта. Настапува и како камерен музичар со Симон Трпчески и Каори Јамагами.Заедно со неговата сестра, Весна Димчевска, активно настапуваат како камерно дуо, а годинава го издадоа и своето прво издание на Музичката младина на Македонија.Утревечер, сите вљубеници во убавата музика, за последен пат на 51-во издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе можат да уживаат во виртуозната изведба на виолинистот Ѓорѓи Димчевски заедно со звукот на пијаното на неговата сестра Весна Димчевска./крај/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

