Култура
Сепак успешно 51-во Охридско лето
Со театарската претстава „Медеја“ во режија на Нада Кокотовиќ, синоќа заврши 51-то издание на Фестивалот Охридско лето.
Со театарската претстава „Медеја“ во режија на Нада Кокотовиќ, синоќа заврши 51-то издание на Фестивалот Охридско лето.За организацијата и атмосферата на фестивалот, за Макфакс проговорија одговорните селектори на музичката и драмската програма, Гордана Јосифова Неделковска и Ѓорѓи Јолевски.„Како креатор на музичката програма, моја задача е да направам, што попрофесионална и квалитетна програма, која му доликува на еден ваков престижен фестивал. Гостуваат светски имиња, а се со цел да се задржи реномето што фестивалот го има. Сметам дека фестивалот беше на високо рамниште, а тоа не е само мој впечаток, заклучокот го донесувам врз основа и на реакциите на стручната критика и врз основа на реакциите на публиката како и на музичарите кои гостуваа“, рече Гордана Јосифова Неделковска, селектор на музичката програма на Охридско лето. Ѓорѓи Јолевски, селектор на драмската програма на Охридско лето истакна дека е задоволен од овогодинешната понуда на драмската програма.„Пред се сум среќен и задоволен, не само со годинашнава програма туку и за целиот петгодишен период откако сум јас селектор на драмската програма. За мене вистинско отсликување на квалитетот, на претставите е големата посетеност и задоволните гледачи. Драго ми е што Нада Кокотовиќ, Дејан Дамјановски, Јозеф Наѓ, влегоа во театарското семејство на Охридско лето заедно со Питер Брук, Слободан Унковски, Александар Морфов, како и голем број квалитетни продукции. Сите тие веднаш по враќањето дома, ми испорачаа благодарници за поканата со желба повторно да дојдат“, истакна Јолевски. Марко Коловски, претседател на друштво на композитори на Македонија, вели дека за разлика од минатата јубилејна година, кога фестивалот имаше исклучително квалитетна програма, годинава, нивото е нешто пониско, што е и разбирливо. „Сепак имаше доволен број квалитетни музичари и ансамбли, без претерано излегување од шемите на Охридско лето. Имаше неколку концерти наменети за пошироката публика, кои навистина го оправдаа очекувањето (Влатко Стефановски и Дуке Бојаџиев). Никогаш во потполност не можат да бидат задоволени апетитите на македонските композитори и изведувачи. Кога јас би бил селектор на музичката програма би барал начин како и со што македонските композитори да бидат застапени или вклучени на Охридско лето“, истакна тој.Наш впечаток е дека годинашното издание на Охридско лето сепак не беше на минатогодишното рамниште иако за волја на вистината имаше вистински проблесоци, како во музичката така и во драмската програма. Ќе се памети свеченото отворање со продукцијата „Ла фура дел Баус“ од Шпанија и Македонската филхармонија, концертот на пијанистот Александар Гиндин од Русија, како и пијанистот Алексеј Володин исто така од Русија. Исклучително атрактивен беше завршниот концерт на братот и сестрата Димчевски (виолина и пијано), со што се заокружи музичкиот дел на фестивалот. крај/вгCopyright 2011 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

