Култура
Генералниот директор на УНЕСКО во посета во Македонија

По повод златниот јубилеј на „Струшки вечери на поезијата“ денеска и утре, во официјална посета на Република Македонија, ќе престојува генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова.
По повод златниот јубилеј на реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ денеска и утре, во официјална посета на Република Македонија, ќе престојува генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова.
Во текот на денешниот ден, Бокова, придружувана од министерот за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Елизабета Канческа-Милевска ќе го посети Музејот на вода во Охрид, а во вечерните часови (во 21 часот, во катедралната црква „Св. Софија“) ќе присуствува на презентацијата на поетскиот портрет на годинашниот лауреат на СВП, Матеја Матевски.
Високиот функционер на УНЕСКО, во недела, со почеток во 20,30 часот, во рамките на „Струшките вечери на поезијата“ ќе има и свое обраќање на меѓународниот митинг на поезијата „Мостови“, а ќе ја врачи и наградата на УНЕСКО за најдобар млад поет.
Генералниот директор на УНЕСКО, во рамките на својот престој во Република Македонија ќе го посети и манастирот „Свети Јован Бигорски“ за кој оваа значајна организација даде ургентна помош за обнова за опожарениот споменик на културата.
Во текот на утрешниот ден во 11 часот во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид, генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова и министерот за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Елизабета Канческа-Милевска ќе остварат и билатералната средба на која ќе разговараат за досегашната соработка и актуелните проекти кои Република Македонија ги реализира во рамките на соработката со УНЕСКО./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претстави, музика, изложба и стендап-комедија оваа недела на „Бит-фест“

Денес, 8 јули, од 21 часот, на „Бит-фест“, на малото плато пред Офицерскиот дом, гостува театарската претстава „Нушиќ лично“ на Народното позориште „Тимочке Краине“. Театарската претстава доаѓа од фестивалот „Актерот на Европа“.
На 9.7.2025, со почеток од 21 часот, на малото плато пред Офицерскиот дом, ќе се одигра театарската претстава „Сега му е мајката“, во продукција на Алтернативен театар „Пробатон“ од Свети Николе. Претставата е по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов. Музиката е на Дарко Станојков, светло и тон – Иван Гичев, а улогите ги толкуваат Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓорѓиев.
На 10 јули, од 20 часот, во изложбениот салон на Културниот центар „Магаза“ во Битола, со поддршка од „Бит-фест“, ќе биде отворена традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Битола, кое повеќе од пет децении активно придонесува за развојот на ликовната сцена во градот.
На изложбата ќе бидат претставени 35 дела – слики, дигитални графики и скулптури, создадени во 2024 и во 2025 година – 34 уметници од Битола и други македонски градови. Изложбата се одликува со изразена стилска разновидност и свежина, што ја рефлектира динамиката на современото ликовно творештво.
Во изложбата учествуваат: Симеон Силјановски, Роберт Михајловски, Драган Најденовски, Слободан Рајчевски, Ване Костуранов, Вангел Срнаков, Синиша Кашавелски, Владимир Илиевски, Владимир Младеноски, Стефан Анчевски, Маријан Котевски, Тони Попов, Татјана Манева, Филип Јовески, Бојана Артиновска, Симона Мирчевска, Дијана Колонџоска, Димитри Балојани, Мирјана Бубевска, Маја Танева, Петар Кирановски, Александар М. Поповски, Ѓорѓи Зајаковски, Душан Шешиќ, Златко Крстевски, Бојана Тошевска, Валентина Илијевска, Дејан Макаријовски, Љупка Галазка-Василев, Билјана Толевска Наумовска, Николче Српчански, Динко Ненов и Виктор Лозанов. Гостин на изложбата е Александар Сотировски.
В петок и в сабота, 11 и 12 јули, ќе се одржи 13. издание на фестивалот на електронска музика СМОТРА. Почетокот на програмата е во 21 часот, првиот ден е резервиран за Старата битолска чаршија, а в сабота програмските содржини ќе се реализираат во Безистенот.
Идејата за овој фестивал датира од 2011 година, а настана како одговор на потребата за алтернативна сцена во Битола. Целта беше да се понуди поинтимна атмосфера на необични локации на кои ќе се презентира поквалитетен избор на електронска музика и диџеи/презентери и каде што младите ќе може да се изразат преку која било уметничка форма.
Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна, Старата чаршија и др.) и внимателно избрани изведувачи, кои настапуваат со енергични диџеј-сетови и настапи во живо, СМОТРА претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура.
Во изминатите 12 изданија СМОТРА константно еволуира апсорбирајќи нови содржини од современиот електронски звук и проширувајќи ги вообичаените рамки на дејствување според барањата и очекувањата на посетителите и развојот на современите технологии.
Работната недела в петок на 11 јули на „Бит-фест“ ќе биде заокружена со вечер исполнета со смеа и добра енергија и со настап на Бојан Велевски – еден од најпознатите македонски стендап-комичари, кој доаѓа во Битола со нова доза хумор и животни ситуации, кои сите ги препознаваме. Настанот ќе се одржи во амфитеатарот „Тумбе кафе“, со почеток во 20.30 часот.
Култура
Македонската филхармонија го отвора 65. издание на Охридско лето

Со концерт на оркестарот на Македонската филхармонија на 12 јули во 21 часот на сцената Античкиот театар ќе се отвори 65. издание на фестивалот „Охридско лето“. Како солистка ќе настапи американската пијанистка Клер Хуангчи, а диригент е Едвин Аутвотер од САД. На програмата се „Пајдушко” од Дамир Имери, симфониски танци од „Приказна од западната страна“ од Леонард Бернштајн и „Рапсодија во сино“ од Џорџ Гершвин.
Американската пијанистка Клер Хуангчи постојано ја одушевува публиката со нејзината „виртуозност, уметнички сензибилитет, чувство за интеракција и суптилна драматургија“ (Салцбуршки дневник). Нејзината постојана љубопитност за нов и невообичаен репертоар кој се протега од Бах и Скарлати преку германскиот и рускиот романтизам и делата на Ејми Бич и Барбер, само дополнително говорат за нејзиниот специфичен пристап кон музиката.
За Хуангчи оваа сезона е полна со возбудливи проекти. По нејзиниот успешен албум со концертите на Моцарт со оркестарот „Моцартеум“ од Салцбург следи соработка со издавачката куќа „Алфа класикс“ за која ќе снима ЦД со американска музика насловено „MADE IN USA“.
Нејзините оркестарски ангажмани ќе ја носат повторно во Франкфурт и Порто, на Исланд, а ќе дебитира со симфониските оркестри во Базел, Хановер, Бремен, Бохум и Милвоки. Има остварено настапи во некои од најпрестижните концертни сали во светот како „Карнеги Хол“, сцените во Хамбург, Париз, Минхен, Франкфурт, како и во салите на Берлинската филхармонија, и концертните сали во Виена и Салцбург.
Настапува на реномирани фестивали како што се оној во Луцерн и Рајнгау, Клавирскиот фестивал „Рур“, а од оркестрите со кои настапува како солист се издвојуваат: „Моцартеум“ од Салцбург, „Тонхале“ во Цирих, Минхенскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар во Базел, со диригентите како: Елим Чан, Михаел Франсис, Хауард Грифитс, Пиетари Инкинен, Јун Меркл, Корнелиус Мајстер, Сер Роџер Норингтон, Ева Оликаинен, Александар Шели и Марио Вензаго.
Клер е родена во Рочестер, Њујорк. На многу рана возраст започнува да учи пијано и во 1999 година е поканета да настапи во Белата куќа. Студирала со Гери Графман и Еленор Соколоф на Институтот „Куртис“, пред да се пресели во Хановер и да продолжи да студира со Ари Варди.
Нејзината кариера започнува да оди во нагорна линија откако освојува високи награди на натпреварите АРД во Минхен, на натпреварот „Геза Анда“ и гран-при на Академијата за свирење и диригирање во Париз. Оттогаш често се јавува во двојна улога – како солист и диригент.
Таа е амбасадор на издавачката куќа „Хенле“ и уметнички директор на серијата Камерни концерти во Ербах.
Едвин Аутвотер е еден од диригентите кои ги крши стандардните рамки на концертните доживувања и како куратор, продуцент е познат по неговиот динамичен пристап и крос-овер проекти во кои успешно ги спојува различните музички жанрови.
Работи со различни високопрофилни уметници од бендот „Металика“, преку Винтон Марсалис, Рене Флеминг, Јо-Јо Ма, а неговата креативна визија и можност лесно да навигира во различни музички правци го прават „еден од најиновативните диригенти на денешницата“.
Аутвотер е шеф диригент на Музичкиот конзерваториум во Сан Франциско каде раководи со ансамблите и е дел од револуционерните уметнички проекти на оваа образовна институција. Од 2024 година е назначен за постојан гостин диригент на Концертниот оркестар на Би-би-си, а во периодот од 2007 до 2017 година е музички директор на Симфонискиот оркестар „Китченер-Вотерлу“.
Неодамнешните настапи на овој диригент се со Њујоршката филхармонија, оркестрите во Кливленд, Чикаго и Филаделфија, како и со Кралската филхармонија во Лондон. Соработува со Дајана Рос, Бек, Треј Анастасио, Лесли Одом, Стинг, Ланг Ланг и др. Како советник на Националниот оркестар на САД за одбележувањето на 50-годишнината на Центарот „Кенеди“ ја дели сцената со Одра Мекдоналд, Кристијан Мекбрајд и Комон.
Дебитира на фестивалот „Би-би-си промс“ во 2022 година со Синтија Ериво, по што е редовен гостин на овој престижен музички настан. На меѓународната сцена настапува со оркестрите во Токио, Аделаида, Мексико и Брисел, како и со канадските оркестри во Торонто, Ванкувер, Калгари и др.
Од 2021 година тој ги диригира настапите со Стјуарт Копланд и неговиот проект Полис со оркестар, кој досега е реализиран со оркестрите во Сан Диего, Кливленд и Јута. Исто така тој е еден од идејните творци на проектот „Колтрејн – оставина за оркестар“ кој премиерно се изведе во Торонто во 2024 година и ќе има свои репризи со Концертниот оркестар на Би-би-си и Симфонискиот оркестар во Бостон.
Неговиот проект со Симфонискиот оркестар на Чикаго „Фантастична филхармонија“ се закитува со наградата „Греми“, а соработката со Кирк Хамет од „Металика“ на проектот „Портали“ само дополнително говори за неговата музичка љубопитност.
Култура
Концерт на Ансамблот „Орце Николов“ на Скопско лето

Вечерва, 07.07.2025г. (понеделник) со почеток во 20:30 часот на Колонадата пред платото на Национална опера и балет ќе се одржи концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Орце Николов“.
Концертот е насловен „Оро Орце“ по повод 80 години постоење на Ансамблот.
Влезот е слободен.
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.