Култура
Со „Турбо Парадисо“ се отвора МОТ
Денеска во 20 часот, со тетарската претстава „Турбо Парадисо“ на Коsztolanyi Dezso, унгарски театар којшто работи во српскито град Суботица, во Младинскиот културен центар-Скопје, ќе биде отворено 36-то издание на Меѓународниот театарски фњестивал – МОТ 2011.
Денеска во 20 часот, со тетарската претстава „Турбо Парадисо“ на Коsztolanyi Dezso, унгарски театар којшто работи во српскито град Суботица, во Младинскиот културен центар-Скопје, ќе биде отворено 36-то издание на Меѓународниот театарски фњестивал – МОТ 2011.
Годинава на МОТ, под слоганот „Млад Отворен Театар“, публиката ќе може да проследи вкупно 18 театарски претстави, од кои девет европски од Србија, Словенија, Чешка, Узбекистан, Литванија, коишто последниве неколку години постигнуваат значителен успех на светските сцени, и девет македонски претстави, од коишто освен присуството на Охридскиот театар, преостанатите осум доаѓаат од независните македонски театри што заживуваат повторно на МОТ. Покрај тоа, годинешнава програма е дополнета со три концерта, две промоции на книги, како и една уметничка инсталација на сценографот и архитектот Филип Јовановски.
Првата фестивалска вечер на летната сцена во МКЦ во 23 часот концерт ќе одржи легендарната американска група со долг европски стаж, „Таксидомун“.
Од селектираните странки претстави публиката ќе има можност да ги види чешката претстава „Чекалница“ на режисерот Вилијам Доколомански, којашто ја одбележа минатата година во Европа, потоа тука се старите познаници на скоспката театарска публика и на МОТ, Словенско младинско гледалиште со претставите „Злосторство и казна“ во режија на Диего де Бреа, за кго велат дека е новото големо име на словенечкиот театар, и „Последниот танц на Нижински“ во режија на Марко Млачник.
Публиката ќе види и претстава од Узбекистан. Станува збор за „Медеја“, претстава којашто ќе донесе поинакви вредности од европскиот театар, а во себе ги содржи културните вредности на една друга средина. Селектиран е и големиот балкански хит „Господа Глембаеви“ на „Ателје 212“ од Србија, во режија на Јагош Марковиќ, во која игра македонскиот актер Никола Ристановски.
Претставата „Ромео и Јулија“, годинава доаѓа од Литванија, во режија на Оскарас Коршуновас, којшто минатата година на МОТ гостуваше со „Сон на летната ноќ“.
Од македонските претстави љубителите на театарската уметност ќе може да ги видат: „Звукот на коските што се кршат“, потоа „Брод за кукли“ на театарот „Вондерленд“ во режија на Нела Витошевиќ, којшто ќе ја прикаже и „Класен непријател“ во режија на Васил Христов, „Љубовницата“ на театарот „Интимејт“ во режија на Софија Ристевска, „Метаморфози“ на Охридскиот театар во режија на Андреј Цветановски, „Роберто Зуко“ во режија на Ирена Стеријовска на театарот „11-мина“, „Слугинки“ на театарот „Ноу нејм“, во режија на Иван Јерчиќ, „Јас, љубам, Бог“ на „Буден театар“, во режија на Милијана Ленак и „Неверство“ на „ЦК театар“, во режија на Нина Николиќ.Жири-комисијата во состав Љубиша Никодиновски-Биш, Ѕвезда Ангеловска и Александра Бошковска, на најдобра македонска претстава ќе и додели награда од 200 илјади денари.
Покрај концертот на „Таксидомун“, на МОТ концерти ќе имаат и македонските групи „Ла колони волвокс“со бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов како гостин, како и „Биоскопија“ на затворањето на фестивалот, новиот проект на Горан Трајковски (од „Анастасија“) и Елена Христова (од „Баклава“).
Во рамките на МОТ ќе се одржат и промоции на две книги „Краток вовед во бесконечноста“ на режисерот Златко Славенски и „Театарот на движење“ на холанскиот кореограф Јозеф Наѓ.
Организаторите на МОТ, по одигрувањето на претставите, за посетителите секоја вечер организира и забави до доцните часови со македонски диџеи.
36-то издание на Меѓународниот театраски фестивал- МОТ 2011 ќе заврши на 28 септември со претставите „Јас, љубам , бог“, на Буден Театар, и „Неверство“ на ЦК театар.
Покровители на Младинскиот отворен театар се Градот Скопје и Министерството за култура, а програмата ја реализира Младинскиот културен центар-Скопје.
Цената на билетите, коишто од понеделник се пуштени во продажба, изнесува 300, 400 и 500 денари, односно 200 денари за македонските претстави, додека вкупен билет изнесува 1.500 денари. Фестивалот е финансиран од Министерството за култура со 4,5 милиони денари и 800 илјади денари од Градот Скопје./крај/со/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Министерството за култура и туризам на 60. јубилејно издание на Меѓународниот саем за туризам во Берлин
Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот Меѓународен саем за туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), што се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.
„ИТБ Берлин“ од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер е Ангола.
Македонската делегација на Саемот во Берлин, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
На националниот штанд од 93 м², годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.
Според Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава ја посетиле 91 290 германски туристи, а тоа претставува зголемување од 141 % во однос на 2024 година. Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 % споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ (city-break) во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација.
Учеството на Саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.
Култура
„Сила“ – концерт на Македонска филхармонија по повод Денот на жената
Во четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по Повод денот на жената, насловен „Сила“ кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција.
На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.
Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелие, Кралскиот Филхармониски оркестар на Ливерпул, Би-би-си Филхармонијата…Во сезоната 2021/22 дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…
Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо,Марин Алсоп… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.
Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и со современи оркестарски дела. Таа е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други.
Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим…
Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан.
Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.
Култура
Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум
По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).
Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.
Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.

