Култура
Трилогијата на Ларсон наскоро и во стрип
Хит трилогија „Милениум“, на шведскиот писател Стиег Ларсон, ќе биде адаптирана за стрип а првиот дел со наслов „Мажите коишто мразат жени“ би требало да се појави во 2012-та на англиски јазик, објави њујоршкиот специјализиран издавач на стрипови „DC Entertainment“.
Хит трилогија „Милениум“, на шведскиот писател Стиег Ларсон, ќе биде адаптирана за стрип а првиот дел со наслов „Мажите коишто мразат жени“ би требало да се појави во 2012-та на англиски јазик, објави њујоршкиот специјализиран издавач на стрипови „DC Entertainment“.Следните продолженија „The Girl Who Played with Fire“ и „The Girl With the Dragon Tattoo“, ќе се појават во 2013 и 2014 година, се додава во соопштението во кое не се наведуваат имињата на авторите на адаптираниот текст ниту цртачите на стрипот. Секое од продолженијата на трилогијата ќе биде претставено во два тома, достапни во печатениот албум и во дигитална верзија. Издавачката куќа „DC Entertainment“ ги доби светските права за издавање и користење од шведскиот автор за адаптација на трилогијата во стрип од американски стил и на тоа работи со наследниците на Ларсон. Белгискиот издавач „Dupuis“ истовремено во вторникот објави дека ќе ја адаптира трилогијата во девет стрип-албуми на француски јазик. Трилогијата „Милениум“ веќе е продадена во повеќе од 50 милиони примероци во светот,а адаптирана е и за филм и за телевизија. Трилогијата „Милениум“ или „Девојката со тетоважа на змеј“ беше оригинално издадена во Шведска во 2005 година, кусо време по починувањето на авторот. Сите три романа предизвикаа големо внимание и станаа бестселери во светот. Вниманието за книгите се зголеми кога тие беа адаптирани во серија филмови во Шведска а преџизвика уште поголемо внимание по најавата за американска адаптација на филм, режиран од Дејвид финчер со Даниел Крејг кој треба да се појави во декември.„Сложеноста на ликовите и приказните на Ларсон во трилогијата ’Милениум’ се совршени за стрип формат, каде што може да се долови Лизбет Саландер поживо во сосем нов, визуелно привлечен начини. Претставува посебна чест да се работи на една приказна која е веќе толку популарна со милиони читатели ширум светот“, изјави Дан ДиДио, ко-издавач на „DC Entertainment“./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.
Култура
Љутков од Белград: Македонската ликовна уметност е културен мост меѓу Македонија и Србија
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во Македонскиот културно-информативен центар во Белград ја отвори изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници чии дела се чуваат во приватни белградски колекции.
Во присуство на многубројни гости, министерот Љутков во своето обраќање истакна дека изложбата на која се претставени дела од реномирани македонски уметници, меѓу кои и дела од основоположниците на современата македонска ликовна уметност во сопственост на познатиот белградски колекционер Игор Станковиќ, претставува топол културен мост меѓу Македонија и Србија.
„Делата на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев, Георгиевски, Коџоман, Корубин, Луловски, Бајалска… вечерва нѐ обединуваат во прекрасниот свет на ликовната уметност. Тие им припаѓаат на автори чии имиња одамна ја обележале нашата уметничка мисла, уметници кои со својот поетски јазик, својата тишина и својата смелост ги надминале границите на времето и просторот. Затоа вечерва не откриваме само изложба на уметнички слики, туку и фрагменти од креативниот дух кој струи низ нашите две земји. Ова е доказ за нераскинливата културна врска меѓу нашите два народа“, рече министерот Љутков, додавајќи дека вистинското богатство на уметноста не лежи само во институциите и музеите, туку и во домовите на љубителите што со голема почит ги чуваат овие дела.
Тој изрази благодарност до Станковиќ за неговата стручност, љубов и посветеност во зачувувањето на македонската ликовна традиција, нагласувајќи дека изложбата е „чин на непроценливо културно признание и пријателство“.
Иницијатор и домаќин на настанот е директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, кој ја истакна важноста на овој проект за афирмацијата на македонското ликовно наследство.
Реализацијата на изложбата „Откритија“, која е отворена за посетители до 29 ноември, е поддржана од Министерството за култура и туризам и претставува значаен проект што отвора ново поглавје во презентацијата на македонската уметност во Србија.
Култура
Камерниот оркестар „Профундис“ со ексклузивен концерт на свеќи во рамките на Охридско лето
Камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапи како дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал – „Охридско лето“, која годинава, за првпат, ќе биде претставена пред скопската публика. Концертот ќе се одржи на 29 ноември во големата сала на Македонската филхармонија, во препознатливата candlelight-атмосфера под светлината на илјадници свеќи – амбиент што ширум светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство.
Овој уникатен концепт, кој обединува минимална светлина и максимална музичка експресија, овозможува слушателот да се фокусира на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика што ја создава ансамблот.
„Чест е што ‘Охридско лето’ токму на Профундис му ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје. Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој музиката ќе прозвучи – искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината се во совршен дијалог, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент на „Профундис“.
Особена чест за оркестарот е соработката со ексклузивниот гостин-солист, виолончелистот Петар Пејчиќ – еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и солист кој веќе настапува со водечките европски оркестри.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ја спојува контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски низ неговите Рококо варијации. Заедно тие создаваат музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и беспрекорна артистичност, идеална за свечениот candlelight-амбиент.
Овој концерт е исклучителна можност скопската публика да го почувствува уметничкиот идентитет на „Профундис“ – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена.

