Култура
Центар за византолошки студии на „Евро-Балкан“
Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ денеска и утре го промовира новиот Центар за византолошки студии и воедно свечено ќе биде отворен научниот симпозиум „Византискиот религиски концепт и современието:
Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ денеска и утре го промовира новиот Центар за византолошки студии и воедно свечено ќе биде отворен научниот симпозиум „Византискиот религиски концепт и современието: Идеологија, претстава, традиција“, кое ќе се одржува во просториите на ресторантот „Занзибар“, кај Градскиот парк, Скопје. Формирањето на Центарот за византолошки студии претставува заокружување на неколкугодишните активности на Евро-Балкан, кои вклучуваат организирање на повеќе научни симпозиуми, културни манифестации и Летни школи посветени на феноменот на Византија и на византиското културно-историско наследство. Воспоставените контакти на Центарот со врвни византолози од Западна Европа и претстојното вмрежување со европските византолошки центри, отвара широки перспективи за истражување и академска мобилност во рамките на Европскиот научно-образовен систем. Организирањето на научниот симпозиум претставува иницијален дел од широката програмска дејност на Центарот за византолошки студии при Евро-Балкан, фокусирана кон интердисциплинарно проучување на спецификите на византискиот свет, кој како круцијален транзициски линк помеѓу античкиот и модерниот свет, ги детерминирал цивилизациските процеси на Балканот, Европа, како и на христијанско-исламскиот ориент. На симпозиумот ќе настапат 30-на истакнати македонски истражувачи, кои ќе ги презентираат своите најнови научни сознанија за византискиот религискиот концепт како клучен фактор кој ја маркирал културната и цивилизациската посебност, специфики и различности на Балканот и на Источниот Медитеран. Поаѓајќи од заложбите за подобро разбирање на значењето на Византија за европската цивилизација, што го вклучува и придонесот на Република Македонија како интегрален дел од византиското и европското културно-историско наследство, Евро-Балкан годинава стартува и со новата последипломска студиска програма за Византолошки студии, којашто е прва од ваков вид во Република Македонија и меѓу ретките на Балканот.Во рамките на свеченото отварање ќе бидат промовирани и најновите монографски изданија на тимот професори – соработници на Центарот за византолошки студии при Институтот Евро-Балкан: Јане Коџабашија и Маја Ангеловска – Панова. /крај/со/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

