Култура
Разочара првата есенска аукција на Christie’s
На аукцијата на врвните мајстори на импресионизмот и модерната уметност која во вторникот беше одржана во њујоршки Christie’s, како прва од серијата двенеделни есенски аукции на оваа и на конкурентската аукциска куќа Sotheby’s
На аукцијата на врвните мајстори на импресионизмот и модерната уметност која во вторникот беше одржана во њујоршки Christie’s, како прва од серијата двенеделни есенски аукции на оваа и на конкурентската аукциска куќа Sotheby’s, не е продадено речиси ниедно дело, најверојатно поради превисоките цени за делата на Дега, Пикасо и Џакомети. Аукцијата се покажа како целосен неуспех откако скулптурата на танчарка од големиот француски импресионист Едгар Дега, наместо очекуваните 30 милиони долари привлече понуда од 18,5 милиони долари.Без купувачи останаа и двата портрета на Пабло Пикасо проценети на 12 односно 18 милиони долари, како и едно дело на Алберто Џакомети проценето на околу 10 милиони долари. Овој неуспех доаѓа по неколкуте години вистински процут на пазарот на врвните уметнички дела и покрај нестабилната ситуација на финансиските пазари. „Пазарот е очигледно многу почувствителен и поселективен отколку што мислевме. Ова аукција ќе не присили на повнимателно разгледување околу понатамошните процени“, изјави раководителот на одделот за импресионизам и модерна уметност во Christie’s, Томас Сејдокс.Тој нагласи дека неговата аукциска куќа успеа да ги убеди продавачите да ги намалат своите минимални цени, но очигледно тоа за купувачите не било доволно. Сепак, вкупните резултати од вчерашната аукција донекаде се ублажени од неколку добри постигнати цени. Така, сликата „The Stolen Mirror“ од 1941 година од германскиот вајар и сликар Макс Ернст е продадена за 16,3 милиони долари вклучувајќи ја и провизијата,трикратно надминувајќи ги очекувањата и многу повеќе отколку претходната рекордна цена платена за дело од овој уметник којашто изнесуваше 2,6 милиони долари. Скулптурата „Le premier cri“ на Константин Бранкуси е продадена за 14,87 милиони долари иако за нејзе беше очекувана најголема понуда од 10 милиони долари, додека делата на Рене Магрит е продадена за 10,2 милиони и за 7 милион долари, додека една графика од славниот Пабло Пикасо, ги надмина сите досегашни рекорди за цена на некоја графика на аукциите. Сезоната на есенски аукции продолжува во среда во Sotheby’s./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



