Култура
Култура демантира оти куќата на Личеноски е во сопственост на Владата

По написите во печатот дека куќата на значајниот македонски уметник Лазар Личеноски е руинирана откако наводно и’ е подарена на државата, односно дека не се води грижа за нејзиното одржување, Министерството за култура негира дека овој објект не е во владение на Владата.
По написите во печатот дека куќата на значајниот македонски уметник Лазар Личеноски е руинирана откако наводно и’ е подарена на државата, односно дека не се води грижа за нејзиното одржување, Министерството за култура негира дека овој објект не е во владение на Владата. „Министерството за култура … ја информира јавноста, дека куќата на Л. Личеноски, не е во сопственост на Владата Р.Македонија и не постои законски документ дека е дадена во владение на Владата на Република Македонија. Врз основа на тестаментот на починатата сопруга на Личеноски, Зое Личеноска, во тек е оставинска постапка, во која застапник на државата е Државното правобранителство“, се нагласува во писмената изјава од министерството.Како што е од порано познато, а се потенцира во дописот, надлежната институција Национална галерија го направила целосниот попис на сите уметнички дела од куќата на Лазар Личеноски, слики и мозаици, и се „преземени се сите неопходни чекори за нивна целосна заштита и истите се наоѓаат во депоата на Националната галерија на Република Македонија односно во Даут пашиниот амам“. „Сакаме да подвлечеме дека Владата на Република Македонија длабоко го респектира значењето и придонесот на основоположникот на македонската современа уметност Лазар Личеноски. Токму во таа насока, оваа година, во рамките на одбележувањето на 110 годишнината од неговото раѓање, со поддршка на Министерството за култура беа организирани голем број настани преку кои ја одбележавме големината на ликот и делото на Лазар Личеноски“, се дополнува во соопштението од Министерството за култура, при што се истакнува дека с очекува што поскоро завршување на законската процедура за да можат надлежните институции да пристапат кон целосно адаптирање на куќата и формирање „Музеј на Лазар Личеноски“, кој ќе биде од голема важност за културното наследство на Македонија. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.