Култура
Министерката Канческа-Милевска во посета на Хрватска
Министерот за култура д-р Елизабета Канческа-Милевска, во петок во Загреб, во рамките на првата официјална посета на Република Хрватска, оствари билатерална средба со хрватската министерка за култура Андреа Златар-Виолиќ.
На средбата, двете министерки за култура разговараа за досегашните односи во областа на културата, како и за активностите кои во следниот период ќе бидат преземени во насока на продлабочување на контактите на културен план.
„Соработката на културно поле со Република Хрватска постои во сите дејности. Потпишаната Програма за културна соработка која е за периодот 2012-2015 година само ја потврдува одличната соработка и верувам дека истата ќе придонесе за афирмирање на културата на двете земји како и за дополнителен развој на заемната соработка меѓу институциите и соодветните здруженија од сите области на културата и уметноста“, истакна Канческа-Милевска.
Таа нагласи дека годинава македонската култура во Хрватска ќе биде промовирана преку повеќе културни содржини, меѓу кои се и претставувањето на Прилепскиот театар на фестивалот „Еуроказ 2012“ во Загреб, потоа Македонската филхармонија ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Дубровнички летни игри“ во Дубровник, изложбата „Синестезија“ ќе биде претставена во Ровињ и Пула“, ќе биде реализирано претставување на изложбите „Невидливи пејзажи“ и „Пресек на современата македонска ликовна сцена“ и други настани. Канческа-Милевска потсети дека Министерството за култура и годинава ги поддржа активностите на здруженијата на Хрватите во Република Македонија, Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ во Битола и Здружението на Хрватите во Скопје.
По повод одбележувањето на 20 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Хрватска, денеска во Националната и универзитетска библиотека во Загреб беше промовирана капиталната едиција „130 тома македонска книжевност на англиски јазик“.
Канческа-Милевска денеска го посети и Музејот за уметности и занаети и оствари средба со директорот на институцијата Љубомир Гашпаровиќ.
Во реномираната концертна сала во Загреб „Ватрослав Лисински“, вечерва предвидено е македонскиот пијанист Симон Трпчески заедно со загрепската филхармонија под диригентската палка на маестро Иван Репушиќ да одржи концерт насловен „Магичниот Трпчески“.
На програмата е и делото „Фантазијата на две фолклорни теми“ – првиот став од Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери, кој и самиот со своето присуство се очекува да ја збогати балканската премиерната изведба. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

