Култура
Документарци за биодиверзитетот во Македонија во Кинотека
Два документарни филма за богатиот биодиверзитет во земјата, на познатата германска авторка и режисерка Корнелија Фолк, ќе бидат премиерно прикажани во Скопје, во четврток 5-ти април 2012 во Кинотека Македонија со почеток во 13 часот.
„Во срцето на Балканот – Барајќи го рисот“ и „Во срцето на Балканот – Пеликаните од Преспа Парк“ се изработени од германската продукција „Метју Филм“, во име на Мителдојчер Рундфунк (МДР) во соработка со европскиот канал за култура Арте.
Премиерното прикажување ќе го отворат авторката и режисерката Корнелија Фолк, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Диадра Бојд и претседателот на Македонското еколошко друштво (МЕД), професорот Љупчо Меловски.
„Во срцето на Балканот – Барајќи го рисот“ ја раскажува приказната за младиот рис, неодамна фатен во Националниот парк Маврово. Биолозите го следат редовно преку сателит, собирајќи важни информации за животот на овој фасцинантен вид. Балканскиот рис е еден од најретките и најзагрозените месојадни животни во Европа.
„Во срцето на Балканот – Пеликаните од Преспа Парк“ ја отсликува убавината на Преспанското Езеро, и дава спектакуларен увид во животот на Далматинските пеликани. Филмот ја раскажува и одличната соработка меѓу трите земји кои го делат езерото и нивните напори да го зачуваат овој особено значаен екосистем.
„Нашите филмови нема да го сменат светот. Но, се надевам дека ќе им помогнат на оние кои секој ден со сета душа и срце работат да ги спасат и зачуваат важните живеалишта за неверојатниот диверзитет на видовите“, вели Корнелија Фолк.
Филмовите ќе бидат прикажани на неколку јавни телевизиски канали во Европа и ќе бидат претставени на меѓународни филмски фестивали за природа во Германија, Австрија, Италија, Естонија, Финска, Словачка, Чешка, Полска и Кина./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

