Култура
Комеморативна седница во чест на проф. м-р Милан Фирфов
Комеморативна седница во чест на музикологот Милан Фирфов, кој почина во саботата, ќе се одржи во среда во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во рамките на седницата, за животот и делото на Милан Фирфов ќе говори Деканот на УКИМ ФМУ проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска и ќе биде прикажан краток документарен филм за уметничката, педагошката и културната дејност на Милан Фирфов изработен од ИРАМ.Милан Фирфов е роден во 1943 година во Скопје во семејство на истакнатите музички уметници, етномузикологот и композитор Живко Фирфов и првенката на Македонската опера, сопранот Данка Фирфова. Завршил Педагошка академија во Скопје во 1963 година, на групата музичко воспитание, дипломирал на одделот за пијано (1969) во класата на Андреј Прегер, соло пеење (1970) во класата на Никола Цвејиќ и диригирање (1980) во класата на Душан Сковран и Станко Шепиќ , а магистрирал на одделот за соло пеење (1978) во класата на Зденка Зикова на Факултетот за музичка уметност во Белград. Како сестран уметник делувал во повеќе области: соло пеење, пијано, диригирање, музичка критика, педагогија и општествени дејности.Милан Фирфов бележи бројни настапи низ Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Шпанија и Холандија. Како солист баритон настапувал со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на Радио Телевизија Скопје, Детскиот хор „Пиколо“, Хорот на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Нишкиот симфониски оркестар и ансамблот „Света Софија“. Соработувал со диригентите Фимчо Муратовски, Ангел Шурев, Александар Лековски, Тома Прошев, Димитрије Бужаровски, Томислав Шопов, Сандро Занинович и Маријан Фајдига. Најзначајните успеси како репродуктивен уметник Милан Фирфов ги остварува на полето на вокалните рецитали. Неговиот широк репертоар содржи стари мајстори, германски лид, француска соло песна, творештво на современите македонски композитори и останатите современи автори. Во 1972 година ја започнува соработката со музичкиот уметник Димитрије Бужаровски кој се јавува како негов пијано соработник на огромен број настапи. Како резултат на оваа соработка Бужаровски создава повеќе циклуси за глас и пијано чии први изведби ги доживуваат на концертите со Фирфов. Поголемиот дел од рециталниот пеачки репертоар на Фирфов е снимен во Музичката продукција на МРТ. Како диригент настапувал со Хорот на Операта при МНТ, Хорот на Музичката младина на Македонија, Хорот на Музичко-балетскиот училишен центар, Хорот „Мирче Ацев“, Хорот на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Хорот на Македонската радио телевизија и на машкиот октет „Хорот на Ангелите“, ансамбл формиран од самиот Фирфов во црквата Св. Архангел Михаил во Скопје во 1993 година. Покрај ова, во повеќе наврати диригирал со Македонската филхармонија, како и со Нишкиот симфониски оркестар и Симфонискиот оркестар од Суботица. Тој е основоположник и диригент на камерниот оркестар „Музикум Академикум“ (1996-2000).Како оркестарски диригент соработувал со: Ги Туврон – труба, Франција, Рита Кинка – пијано, Србија, Ласло Варга – виолончело, Будимпешта, Благоја Ангеловски – труба, Михајло Докузов – хорна, Михајло Куфојанакис – виолина, Васил Атанасов – обоа, Живко Фирфов – виолончело, Милка Ефтимова – мецосопран, Марија Муратовска – сопран, Нина Среброва – пијано, Гордана Јосифова – обоа, Марија Малинова – флејта и други.Како оперски диригент, Милан Фирфов има реализирано над 40 изведби на „Шеќерната приказна” – музичката игра за деца од Димитрије Бужаровски, ја поставува и диригира „Приказна за штурецот и мравката” од Сотир Голабовски, а ја диригира и операта “Илинден” од Кирил Македонски.Првиот концертен настап Милан Фирфов го реализирал како пијанист во 1967 година на концерт организиран од Музичката младина на Македонија. Во 1970 година Фирфов настапил како пијано соработник на својата мајка, оперската певица Данка Фирфова, а како солист пијанист реализирал и снимки за Македонското радио.Во периодот од 1977 до 1981 Милан Фирфов се јавува како рецензент во весникот „Нова Македонија” каде има објавено 104 рецензии за музичките настани во Македонија.Милан Фирфов го проведува својот работен век во Факултетот за музичка уметност во Скопје од 1969 година до неговото пензионирање во 2005 гдоина, каде предава: пијано, свирење хорски партитури, свирење оркестарски партитури, хорско пеење и соло пеење. Тој е автор на Прирачникот за свирење хорски партитури во Це клучеви.Особено забележителна е неговата класа по соло пеење, во која се образувале Никола Китановски – тенор, Марјан Николовски – тенор, Магдалена Митевска – сопран, Билен Еминов – тенор, Александра Дукаетова – мецосопран, Лазар Стевановиќ – баритон, Ернест Ибраимовски – баритон, Марјан Стојановски – тенор и Марија Наумовска – сопран.Покрај ова Милан Фирфов бил професор и на Факултетот за драмска уметност во Скопје, МБУЦ “Илија Николовски Луј” и Факултетот за уметности во Приштина.Во текот на своето 40-годишно делување Милан Фирфов е и особено активен на општествен план остварувајќи повее функции во Музичката младина на Македонија, Здружението на музичките уметници на Македонија, Тетовските Хорски Одзиви, фестивалот Охридско лето, Македонскиот музички совет, Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и Факултетот за музичка уметност во Скопје.Милан Фирфов почина на 28 април 2012 година во Скопје. /крај/со/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

