Култура
Најскапиот крик на светот
Сликата „Крик“ (The Scream) насликана во 1895 година од Едвард Мунк, последното од делата во приватна сопственост од познатата серија, на уметникот во 90-тите години на XIX век, е продаден на 2-ри мај на аукција на Sotheby’s во Њујорк за 119,9 милиони долари.
Тоа само го потврди трендот што завладеа на пазарот на уметнички дела, во периодот по кризата, колекционерите на ремек делата се подготвени да исплатат високи суми.
„Сега ова е апсолутен светски рекорд за уметничко дело“, рече Тобиас Мејер, еден од водачите аукцијата.
Името на новиот сопственик на ова ремек-дело на експресионизмот сѐ уште не е познато.
Претходно, најскапата слика продадена на јавно наддавање, беше делото на Пабло Пикасо „Акт, зелени лисја и биста“ насликана во 1932 година, кој беше продадена во 2010 година на аукција на Christie’s во Њујорк за 106,5 милиони долари. Сепак, најскапото уметнико дело, според експертите, е делото „Играчи на карти“ којашто неодамна била купена од емирот на Катар за 250 милиони долари. Сепак, продажбата била договорена приватно, а со тоа и износот не е официјално потврден.
Две верзии на „Крик“, една насликана во пастелна техника, и другата во маслена, се чуваат во Музејот на Мунк во Осло, а третото дело, исто така направено во маслена техника, во норвешкиот Националниот музеј на уметност, архитектурата и дизајнот. Пастелот „Крик“ од Мунк, кој доаѓа од збирката на норвешки милијардер Петер Олсен, неговиот татко бил пријател на уметникот, првично беше проценета на 80 милиони долари. Сепак, непосредно пред аукција кога беше објавено нејзиното појавување на ауцијата, ко-претседавалот во Одборот на директори на Sotheby’s, Дејвид Норман внимателно сугерираше дека ремек-делото може да ја надмине сумата од 100 милиони долари. Ова, до неодамна, успеаја да го постигнат само две уметнички дела, спомнатата на Пикасо и скуплтурата „Човек што оди“ на Алберто Џакомети.
Очекувањата на Норман беа исполнети. Западните медиуми објавија повикувајќи се на доверливи извори, дека нов сосптвеник на делот на Мунк е Роман Абрамович. Инаку, последните години речиси секоја поголема продажба на уметничко дело се поврзува со некој од многуте руски милијардери.
Оваа верзија на „Крик“, една од четирите насликани од Мунк, никогаш не била понудена на продажба и никогаш не беше изложена во јавноста. Другите три што му припаѓаат на норвешкиот музеј, беа украдени двапати, но секогаш беа враќани без да бидат оштетени.
Како што Мунк своевремено објаснил како кај него се родила идејата за оваа слика „Одев по патот со пријателите. Сонцето заоѓаше. Небото стана крававо црвено. Ме обзема депресија. Стоев смртно вкочанет во заднината на темно синото. Фјордот и градот вивнаа во огнени јазици. Се иставив од пријателите. Треперејќи од страв, го слушав крикот на природата“, се зборовите врежани на рамката од сликата лично од Мунк.
„’Крик’ се однесува на колективното несвесно. Од каква и да сте националност, вероисповед или возраст, барем еднаш веројатно сте ги искусиле истите егзистенцијални чувства на ужас, особено во време на насилство и самоуништување, кога сите се борат за опстанок“, изјави пред аукцијата Дејвид Норман.
Тој верува дека платното е пророчка работа на Мунк, предвидувајќи го 20-от век со неговите две светски војни, Холокаустот, еколошките катастрофи и нуклеарното оружје.
Темата на животот и смртта се испреплетуваат во творештвото на Мунк кој страдал од тешка депресија, многу тешко ја преживеал смртта на неговата сестра во раното детство. „Болест, лудило и смрт – црни ангели стоеја над мојата лулка и ме прогонуваа целиот живот“, пишува Мунк за себе.
Неговото творештво проткаено со чувство на болка, се сметало за „дегенерирано“ во нацистичка Германија, откако Адолф Хитлер дошол на власт и било забрането. Бизнисменот Олсен како пријател и поддржувач на Мунк ги купил неговите платна од Германија и ги спасил од уништување.
Семејството Олсен, коешто ја поседува и куќата на Мунк во Хвидстене веднаш до нивната, има намера приходите од продажбата на сликата „Крик“ да ги вложи во подигнување музеј посветен на уметникот, уметнички центар и хотел. Како што се очекува, мемориалниот центар на уметникот ќе биде отворен следната година и се совпаѓа со 150-годишнината од раѓањето на славниот експресионист./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

