Култура
Јавно предавање „Фотографијата пред Дагер“ во Кинотека
Во сабота, 26-ти мај, со почеток во 18 часот, во Кинотеката на Македонија предавање на тема „Фотографијата пред Дагер“ ќе одржи проф др Душан Стулик од Институтот за конзервација ГЕТИ од Лос Анџелес. Предавањето го организира Македонскиот центар за фотографија во соработка со Кинотека на Македонија
Многу историчари на уметност кои ја обработуваат фотографијата, почетокот на фотографијата го сместуваат во 1839 година, кога Луј Манде Дагер го обзнани пронаоѓањето на дагеротипијата. Иако Дагер ја има заслугата за пронаоѓање на првиот комерцијално успешен фотографски процес, тој не може да се поврзе со првата идеја за фотографија, ниту, пак, со првата фотографска слика.
Со ова предавање професор Стулик ќе се осврне на предисторијата на фотографијата, оценувајќи го притоа придонесот на оние научници и филозофи кои со својата работа го овозможиле создавањето на овој медиум.
Посебен акцент ќе биде ставен на работата на Жозеф Нисефор Ниепс како творец на првата сочувана фотографија во светот. Истовремено, со предавањето ќе биде опфатено и последното истражување на Институтот за конзервација Гети, со кое се откриени многу значајни факти за работата на Ниепс и Дагер, факти кои го менуваат нашето поимање на историјата на фотографија.
Професорот Стулик е виш конзерватор на Институтот за конзервација ГЕТИ. Се здобил со диплома и магистериум од областа на хемија како и диплома од историја на уметност на Универзитетот Чарлс, а докторирал во областа на физиката на Чешката академија за науки во Прага. Пред да стане член на институтот ГЕТИ, д-р Стулик бил професор по хемија на Вашингтонскиот државен универзитет како и вонреден професор на Универзитетот Корнел.
Тој е конзерватор на првата фотографија во сватот; автор е и коавтор на неколку научни книги од областа на конзервација на фотографија и на повеќе од педесет менторски оценети статии од истражувачки карактер. Добитник е на неколку престижни награди за неговата работа поврзана со зачувување на културното наследство./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

