Култура
Предавања до областа на кураторството во ГЕМ
На првата вечер од отворањето на симпозиумот Кураторски размени, во клубот ГЕМ, во среда навечер во 20 часот воведна презентација на тема Развој на кураторството и посредувањето во современата уметност, ќе одржи Дороти Рихтер.
Рихтер, инаку, е кураторка, теоретичарка и раководителка на постдипломските студии по кураторство на Institute Cultural Studies, Universtiy of Fine Arts, во Цирих.
Во рамки на нејзиното предавање таа се осврнува на развојот на кураторските практики и посредувачките стратегии во современата уметност преку поставување на три основни прашања во широк времски и теоретски контекст: „Кои сме? (во однос на кураторството и уметничкото посредување), Од каде доаѓаме? и Каде одиме?“
Дороти Рихтер била уметнички директор на Künstlerhaus во Бремен, Германија, каде курирала серија проекти, изложби, разговори и симпозиуми, кои, меѓу другото, ги истражуваат прашањата на социјално ангажирани практики, феминистичките позиции и уметнички колаборации денес. Има одржано низа предавања на Merz Akademie во Штутгарт, Универзитетот во Бремен, Critical Curatorial Cybermedia курс на Ecole des Beaux Arts, Женева и Универзитетот во Линебург. Од 1998 до 2009 година, таа е основач и координатор на Curating Degree Zero Archive. Во 2008 година го основала web-списанието www.on-curating.org.
Вечерната сесија ќе ја продолжи Марко Стаменковиќ кој со неговото излагање Оспорените и осудените, се осврнува на концептот на „самоубиствен бомбашки напад“ како на моќно присутен концепт во современиот свет, но и како на нешто со недоволно јасно значење во рамки на современиот дискурс. Преземениот ризик, со цел да се артикулира дискурсот околу формите на насилство идентификувани како „самоубиствен бомбашки напад“ го детектира како јасен пример за изложениот притисок при критичкото размислување – секогаш кога овој вид на дискурс однадвор е прифатен од доминантна, „нормативна“ гледна точка.
Марко Стаменковиќ е историчар на уметноста, критичар и куратор. Роден е во Врање (Србија) а сега живее во Гент (Белгија). Член е на ИКТ – Меѓународната асоцијација на куратори на современа уметност (Луксембург). Дипломирал на институтот за историја на уметност на Филозофскиот факултет во Белград. Магистрирал во областа на културна политика и културен менаџмент (УНЕСКО), на уметничкиот Универзитет во Белград, на интердисциплинарните студии акредитирани од страна на Универзитетот Лион 2. Докторант е на Факултетот за уметност и филозофија, на катедрата за филозофија и етика на Универзитетот во Гент – со докторска дисертација на тема: „Самоубиствени култури. Теории и практики на радикално повлекување – транснационална културна и медиумска парадигма (2001-2011)“.
Славчо Димитров дипломирал Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот Факултет на УКИМ, а магистрирал на одделот за Родови студии и филозофија при Институтот Евро-Балкан на тема ‘Генеалошка деконструкција на исповедниот субјект: Етико-политички импликации“. Докторант е на одделот за Родови студии и филозофија, на Институтот Евро-Балкан, на тема ‘Реполитизација на телесноста’. Покрај истражувачкиот и предавачкиот ангажман и интерес, како и интересот кон хуманистичките теоретски колажи, Димитров е посветен на активизам за човекови права на маргинализираните заедници, со посебен фокус кон квир и феминистички активизам. Директор е и на Коалиција ‘Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’, Скопје. Моментално работи како асистент предавач на последипломските Родови и културни студии при Институтот. Предметите на кои е ангажиран се од областа на културните теории, родовите студии, студии на маскулинизмот, квир теоријата, постколонијалната критика и телото и родот.
Неговото излагање на тема Емоционална архива на квир искуства го испитува потенцијалот кој овој вид на архивирање го има во оспорувањето на одредени хегемонистички режими на дистрибуција на видливоста и разбирање, односно-одредени режими на моќ./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.

