Култура
Концерти под отворено небо во Центар
Од петок, во летниковецот на плоштад „Македонија“ во Скопје, почнува серијал на „Коцерти под отворено небо“ што ќе се одржуваат секој петок и сабота со почеток во 19.30 часот.
Бисерите на класичната музика на современ и софистициран начин, изведени од еминентни македонски уметници ќе бидат претставени пред пошироката јавност. Звуците на безвременската музика впечатливо и инспиративно ќе допрат во душата на сите присутни граѓани на различен начин.
Концертите под отворено небо се микс од најубавите ремек дела на различни композиции од популарни композитори и претставуваат чиста убавина за сите сетила за оние кои ќе ги проследат.
Станува збор за транскрипции на класична и популарна музика, преработена во модерен аранжман и со сите анимациски карактеристики треба да биде доживеана како атракција која долго време ќе се памети.
Со овој проект Општина Центар ќе има тенденција, класичната и популарната музика да не се доживуваат само како музика за одредена популација, туку музичките вредности на класичниот жанр да се афирмираат и да бидат достапни кај целокупното население. Со модерната обработка на класичната музика, всушност целта е таа да се приближи до слушателите, како и да се изгради однос на почитување кон тој вид на музика.
Општина Центар најмногу апелира до родителите да ги донесат своите деца на овие настани, за да можат да им ја приближат класичната музика, бидејќи децата се поретко се посетители во Македонската Филхармонија и Македонската опера и балет.
Програма07.09.2012 (ПЕТОК)Air Strings
08.09.2012 (САБОТА)Пламенка Трајковска-Квартет
15.09.2012 (САБОТА)Air Strings
21.09.2012 (ПЕТОК) Four Strings
22.09.2012 (САБОТА)Танго Трио
28.09.2012 (ПЕТОК) Arte String Quartet
29.09.2012 (САБОТА) Ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“
Концертите се во организација на Општина Центар во рамки на проектот „Топол културен бран 2012 година“, што се спроведува на локално ниво во соработка со Министерството за култура./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

