Култура
Почина Ана Липша, основоположник на Охридско лето

Долгогодишната првенка на скопската опера и основоположник на најголемата културна манифестација во Македонија, Ана Липша Тофовиќ почина во понеделникот во Скопје на 86-годишна возраст.
Ана Липша Тофовиќ во далечната 1961 година на 4 август влезе во историјата со концертот одржан во црквата Света Софија, со што беше означено раѓањето на манифестацијата Охридско лето.Чинот на концертно крштевање на Света Софија направен во миг на визионерско вдахновение на Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржан од неколку видни граѓани од Охрид и македонски културни работници покажа дека семето е посеано на плодна почва и од него се зародува манифестација со комплексно значење, стои во историјатот на Охридско лето. Изведбата на дела од Хендл, Моцарт, Бетовен, Глук, што ги изведе прекрасниот глас на Првенката на Македонската опера, со самиот почеток делуваше импресивно и покажа дека Света Софија е дадена за тоа. Така започна приказната што се вика Фестивал Охридско Лето. “Се гордеам што прва запеав во овој свет храм и што го дадов својот придонес во културната историја на Македонија. Охридското лето стана дом на културата за што сонувавме пред 50 години…“, вака преку телеграма познатата оперска примадона Ана Липша-Тофовиќ го честиташе роденденот на Охридско лето на свеченоста што се одржа во храмот “Света Софија“ по повод промоцијата на монографијата “50 години Охридско лето“. Погребот на Ана Липша Тофовиќ ќе биде извршен во среда на 5 септември во кругот на семејството. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Oтворањето на изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин во Галерија „Метаноја“

Изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин ќе биде отворен во галерија „Метаноја“ во среда 6 август 2025 година од 11:55 часот.
На настанот ќе учествуваат Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко поетски перформанс ќе имаат музичарот Никола Стојковски и актерката Арна Шијак.
За изложбата д-р Коста Милков вели, „Низ долгите години на неговите заложби за мир, Живко Поповски – Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025, под име „Цвеќе на мирот“ по повод „Денови на уметноста“ во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец.“
Живко Поповски – Цветин (р. 1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседтел на црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. По професија е агроном, но неговиот животен пат го обележуаат новинарството, јавната служба и уметноста во име на мирот.
Поповски – Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.
Култура
(Видео) Со концерт на Ана Дурловски, „Охридско лето“ го прослави 65. роденден

Со концерт на реномираната македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет, Ана Дурловски која настапи со пијано придружба на Анархит Тер-Татшатјан, синоќа беше одбележан 65. роденден на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот се одвиваше во катедралната црква „Света Софија“, каде што пред повеќе од шест децении почна целата приказна наречена „Охридско лето“.
На настанот присуствуваше и министерот за култура, Зоран Љутков, кој честитајќи го роденденот на Охридско лето, порача дека станува збор за најрепрезентативниот меѓународен фестивал во Македонија, симбол на културата, уметноста и врвната изведба.
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и Албанија. Во 2006 година Ана дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.Нејзината успешна кариера ѝ носи соработки со познатите светски диригенти и солисти како Сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Шангај, Оркестарот на Минхенското радио, Филхармонијата во Штутгарт и др.
Култура
15 години Баскерфест – уличната магија тргнува на пат низ Македонија

Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи јубилејното 15. издание на Баскерфест — најпознатиот и најпосетуван уличен фестивал во земјава. По неколкугодишна пауза, фестивалот повторно ќе ги оживее плоштадите и булеварите со шарени уметнички настапи, радост и позитивна енергија.
Под мотото „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), Баскерфест ќе понуди уникатно улично искуство без билети и сцена, каде што улиците ќе станат сцена за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и други улични артисти од целиот свет.
Оваа година фестивалот ќе собере над 20 артисти од Полска, Србија, Албанија, како и од далечните Чиле, Бразил и Канада, кои ќе ги споделат своите уметнички таленти и ќе создадат непредвидливи и возбудливи моменти за публиката.
Секоја вечер ќе биде дополнета со музичка програма која ќе го збогати визуелниот спектакл со звук и ритам, овозможувајќи уште поголема блискост помеѓу уметниците и посетителите.
Баскерфест 2025 е единственото уметничко доживување кое живее на улица, создавајќи атмосфера исполнета со смеа, аплаузи и забава. Сите заинтересирани се повикуваат да го доживеат фестивалот, да повикаат пријатели и да уживаат во ритамот на уличната магија.