Култура
Подарени предмети од граѓани го збогатуваат Музејот на македонската борба
Со доделување повелби за најголем помагател и најдобар работник во Музејот на македонската борба, во петок се одбележа една година од постоењето на оваа музејска институција во Македонија.
Со повеќе од 70 различни стари оружја и амбиентални предмети Благој Механџиски, помогнал во збогатување на музејските поставки и добивање автентичен амбиент на музејот за времето кое го прикажува.
„Ги повикувам сите кои имаат вакви предмети да ги донесат, да ги подарат на овој музеј, затоа што само така може да се постигне нивната вредност, ако се покажат пред сите, ако сите можат да ги видат“, рече Механџиски по примањето на наградата.
За најдобар музејски работник беше прогласена Ана Вишнова, која помогнала во соработката со повеќе туристички агенции , да се донесат повеќе туристи кои ќе ги видат поставките на музејот.
Во изминатата една година, Музејот на македонската борба го посетиле 60.000 посетители од цела Македонија и 7.000 посетители од повеќе од 50 земји во светот.
„Музејот на македонската борба е своевидна туристичка атракција за сите домашни и странски посетители на нашата земја. Бројни се размислувањата на гостите кои своите импресии од посетата на музејот и богатството на изложените експонати редовно ги впишуваат во книгата за впечатоци“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Таа рече дека над 20.000 ученици го посетиле Музејот и имале можност да се запознаат со нашата богата историја и со сите историски предмети користени во остварувањето на борбата за своја држава.
„Организирањето на вакви посети е единствен начин како младите теоретското знаење го поврзуваат со оригиналните предмети, со претставените фотографии, документи, поставки, восочните фигури , портретите и масовни сцени“, додаде Канческа-Милевска.
Музејот на македонската борба остварува соработка со други македонски институции и музеи, како и со странски музеи, соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и со музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје.
Со помош на професорите и учениците, посетители на Музејот имаат можност да ги слушнат најубавите, оригинални мелодии од времето на Дончо Штипјанчето и други, во изведба токму на учениците од „Илија Николовски – Луј“, што ја збогатуваат програмата на музејот.
Исто така, од неодамна беше издаден и каталог на Брајово писмо, со што на лицата со оштетен вид им е овозможено да ги доживеат богатствата на музејот.
Во музејот има сместено 109 восочни фигури, 63 уметнички слики и 17 портрети, 1.064 оригинални експонати, од кои 764 се откупени, а 310 подарени, појасни директорот Бранимир Светозаревиќ.
Тој се заблагодари на сите кои ги отстапиле предметите кои ги поседувале во корист на музејот, особено на овие анонимните, како Македонецот од Канада, кој донесол три примероци од весникот „Ла петит шурнал“, во кој на повеќе страни се илустрирани моменти од Илинденското востание и киднапирањето на Мис Стон./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

