Култура
Со спектакуларен концерт на “Синтезис” отворено културното лето во Кисела Вода
По осми пат годинава, Општина Кисела Вода ја продолжува традицијата и го организира културното лето “Три круши 2013”.
Пред повеќе од 3.000 посетители, вчеравечер на верско-рекреативниот центар “Три круши” во с. Драчево стартуваше културното лето во Кисела Вода, кое годинава се реализира под мотото “Бранувано Културно Три круши 2013-то лето”.
Честа да го отвори овогодинешното културно лето, ја имаше покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, која во својот говор посочи дека од самиот зачеток, пред осум години, до денес, културното лето ги оправда очекувањата и со бројните домашни и странски гостувања, со шареноликата културна програма која ја понуди, прерасна во престижна културна манифестација.
“Во предвечерието на големиот христијански празник “Духовден”, Општина Кисела Вода со благослов на црквата ја продолжува традицијата. На тој начин се навраќаме на корените и ја покажуваме нераскинливата врска на граѓаните со ова свето, црковно место“ порача градоначалникот Беличанец – Алексиќ.
Таа се осврна и на работата на општината во изминатите два месеци и посочи дека понекогаш е тешко да се видат резултатите веднаш, но фаќањето вкостец со повеќедецениските наталожени комунални проблеми, треба да се одвива со планско, систематично и практично темпо. Само на тој начин можат да се постигнат долгорочни и квалитетни резултати, а локалната самоуправа да го потврди епитетот на вистински сервис на граѓаните.
“Овогодинешното културно лето кое се реализира под мотото “Бранувано Три круши 2013-то културно лето”, се карактеризира со неколку елементи кои произлегоа токму од Вас – граѓаните. Програмата се подготвуваше во дослух со граѓаните, а локациите на изведба на овогодинешните манифестации се дисперзирани низ целата територија на општината. Со годинашната богата културна програма, која ќе ја понуди културното лето “Три Круши” се надевам дека ќе ги задоволиме вкусовите на сите генерации и дека во следниот двомесечен период ќе можете да уживате на овој прекрасен локалитет“ заврши Беличанец – Алексиќ.
Претставникот на црквата Св. Спас, отец Tимчо, ги поздрави и благослови присутните и посака заштитничката на локалитетот “Три Круши” – Св. Петка да им донесе здравје, среќа и благосостојба.
Културната манифестација први ја отворија претставниците на црковно-византискиот хор “Хармосини” под диригентското водство на Ристо Солучнев, по што следеше брилијантниот едночасовен концерт на македонскиот и светски музички бренд, етно-групата “Синтезис”, која е чесен и достоен продолжувач на македонската фолклорна традиција.
Забавата ќе продолжи во сабота на верско-рекреативниот центар “Три Круши”, со гостување на Драмскиот театар со претставата “Последните Македонци”.
Куриозитет е тоа што годинава, културните настани ќе се дисперзираат и на други локации низ општината. Културни манифестации ќе се реализираат во парковите “Фредерик Шопен” и “Македонија”, како и во подрачното училиште “Кузман Јосифовски – Питу” во Црниче. За сите заинтересирани граѓани и годинава, Општина Кисела Вода обезбеди бесплатен автобуски превоз до локациите каде ќе се одржат културните манифестации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

