Култура
Ќе се врши увид кој и како се грижел за исчезнатите артефакти од Музеј на Македонија

Инспектори за култура од Секторот за инспекциски надзор при Министерството за култура, во понеделник ќе извршат увид дали се водела прецизна евиденција за музејските предмети кои се чуваат во оваа музејска установа.
„Целта на надзорот е детално утврдување на почитувањето на сите аспекти предвидени во Законот за музеи, односно дали се запазени процедурите за водење на влезна книга, инвентарна книга, излезна книга, картотека и каталог на музејски предмети кои се чуваат во оваа национална установа“, соопшти министерството.
И стручњаци од Управата за заштита на културното наследство ќе извршат увид во работата на установата, а од министерството ветуваат дека јавноста ќе биде информирана за наодите од увидот и за евентуалните мерки што ќе бидат преземени.
Минатиот четвртокот беа извршени разговори со сите вработени во Музејот и со директорот на Музејот било договорено да бидат формирани комисии коишто би направиле попис на сите предмети кои се чувале во депото, за да се види дали евентуално има и други предмети кои недостасуваат.
Не може да се утврди кога точно исчезнале предметите и дополнително ќе се утврдува дали се прекршени правилниците за работа во Музејот.
Пред неколку дена од депо на Музејот на Македонија исчезнаа вредни артефакти од наоѓалиштата на Стоби и на Исак Марвинци. Недостасуваат обетки, прстени копчиња, дел од предметите потекнуваат од четвртиот век, а дел по четвртиот век, но сите се од непроценливо културно и историско значење за Македонија
Кражбата беше пријавена кога двајца кустоси од Музејот утврдиле дека предметите недостасуваат од збирките коишто ги должеле. Засега нема осомничени, но во полиција не е пријавено насилно влегување во објектот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска

Денес во 12.00 часот во Промотивниот центар на Саемот на книгата ќе се одржи промоција на книгата за деца „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска која е македонска поетеса, есеист, прозаист и книжевен критичар.
Таа е доктор на науки и активен член на Друштвото на писатели на Македонија. Мијаковска пишува поезија, есеи, проза и книжевни критики. Добитник е на бројни награди како на пример: на наградата „Караманов“ и Македонска книжевна авангарда, наградата Крсте Чачански, наградата „Бели мугри“, наградата „Даница Ручигај и други.
Автор е на повеќе од 10 дела за возрасни и две за деца. „Кошница со калинки“ е втора нејзина книга за деца.
Книгата – сликовницата „Кошница со калинки“ е иновативна, инвентивна и едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст. Приказната во книгата ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки.
Книгата е живописно илустрирана од страна на илустраторот Игор Јовчевски. Илустрациите во оваа книга се живи, сликовити, тие се во функција на текстот и говорат на сите светски јазици наместо текст, со што ја оживуваат приказната со изразен приказ на дејство и динамичност. Тие го поттикнуваат мисловниот процес и ја развиваат имагинацијата кај детето.
Промотор на книгата е Јованка Ефтимова заедно со децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани, кои денес ќе допатуваат специјално за оваа промоција на Саемот на книгата.
Култура
ИФФК „Браќа Манаки“ со повик за учество во проектот „Кадар-на“ (Her frame)

ИФФК „Браќа Манаки“ како дел од проектот „Кадар-на“ (анг. HER FRAME, во буквален превод „Нејзин кадар“) ја поддржува иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор.
Проектот „Кадар-на“ е поддржан од Британскиот совет како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (анг. Culture and Creativity for the Western Balkans – CC4WBs), кој е финансиран од Европската унија и има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социо-економско влијание. Проектот „КАДАР-НА“ е во заедничка реализација на Филмскиот фестивал во Нови Сад и Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.
Постоењето на родовата нерамноправност е утврдено на сите нивоа во аудиовизуелната индустрија, а оваа програма е наменета за нови и млади уметници, филмски работнички кои сакаат да ги усовршат своите знаења и вештини со поддршка од истакнати експерти од филмскиот свет, преку онлајн работилници и интензивна менторска програма.
Повикот е отворен до 09, а резултатите ќе бидат објавени на 16-ти јуни.
Учесничките ќе имаат можност да следат пет онлајн работилници со експертки од филмскиот свет, конференции во Нови Сад и во Битола, три мастер-класови, менторска програма и претставување.
За било какви дополнителни информации и/или појаснувања на [email protected].
Култура
Недела на полскиот филм во Кинотеката на Северна Македонија

Кинотеката на Северна Македонија, во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, го организира настанот „Недела на полски филм“, што ќе се одржи од 12 до 17 мај 2025 година, по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.
Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Филмската недела ќе започне на 12 мај (понеделник) во 20:00 часот со проекција на филмот СОЛАРИС, ЉУБОВ МОЈА (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Влезот за овој филм е бесплатен. Гостинка на оваа проекција ќе биде монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков ќе разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.
Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите СЛЕПА ШАНСА (Przypadek / Blind Chance, 1987), ОСАМЕНА ЖЕНА (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987), АКТЕРИ ОД ПРОВИНЦИЈА (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979), ЗЕЛЕНА ГРАНИЦА(Green Border/Zielona granica, 1923) и ЈАДИЦАТА (Córki dancing/The Lure, 2015)
Програмата е реализирана во соработка со Институтот „Адам Мицкевич“ како дел од меѓународната културна програма на Полското претстедателство со Советот на Европската Унија 2025.