Култура
Над седум години се снима филмска музика во Македонија за престижни филмски проекти
Повеќе од седум години филмска музика за престижни филмски проекти се снима во Македонија.
Над 120 талентирани македонски музичари се дел од „Фејмс“ симфонискиот оркестар, зад кој стои француската продукциска компанија позната како „Маседониан мјузик & ентертејнмент“ (Macedonian music & entertainment).
Сместени во просториите на Македонското радио и телевизија под раководство на господинот Лорен Копитс и неговата сопруга Насју-Мопа, кои се воедно и директори на компанијата, реализирани се фантастични музички проекти за композитори и продуценти од целиот свет.
Овогодишниот огномет во Дубаи по повод новогодишната свеченост беше најголемиот огномет досега направен во историјата, а симфониското дело кое беше специјално напишано за овој настан е снимено од страна на Македонскиот симфониски оркестар познат како „Фејмс“. Компзиторот на ова несекојдневно музичко дело е Мет Феди, а аранжманот на македонскиот музички уметник Емин Џијан. По повод огнометот во Дубаи, беше снимен и кус филм кој ја раскажува приказната за подготовките за оваа новогодишна свеченост, а во кој, на самиот почеток, се прикажани и македонски музичари. Аудио и видео материјалот кој за само неколку секунди го обиколи целиот свет.
Симфонискиот оркестар „Фејмс“ на македонските музичари им овозможува ретка можност од дома да бидат дел од врвни светски филмски проекти, да го покажат својот потенцијал и воедно да ја промовираат Македонија во светот на уметноста.Благодарејќи на соработката меѓу Маседониан мјузик & ентертејнмент“ и Македонската радио телевизија Студиото М1, каде е и сместена оваа продукциска компанија, е повторно ревитализирано и опремено со најсовремена аудио техника која на МРТВ и стои на располагање. Или поточно МРТВ е првиот корисник на оваа инвестиција имајќи предвид дека 2/3 од вкупниот работен распоред на ова студио им припаѓа токму ним. Голем број на реномирани македонски уметници имаа можност бесплатно да ги користат придобивките од ова модерно опремено студиото како што е снимањето на музиката за македонските филмови: „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“, потоа музиката на Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Дуке Бојаџиев, Тони Китановски, Ана и Олег Кондратенко и многу други.
Тука се и голем број на успешно снимени музички проетки за голем број на холивудски филмови како на пример „Хемингвеј и Гелхорн“ во кој главните улоги ги толкуваат Никол Кидман и Клајв Овен, потоа документарниот филм за промоција на Италија, во режија на познатиот Франко Зафирели, во кој глумат познати актери, како што е култната Моника Белучи и многу други. Во годинава која следува во план е снимање на музиката за отворањето на Дизниленд во Шангај, како и новиот музички постхумен албум на легендарниот Џорџ Харисон (Битлси).
Главниот фокус на оваа компанија е да привлече интернационални музички проекти од целиот свет, па како резултат на нивната неколкугодишна работа во Скопје досега соработувале на повеќе од 500 проекти со голем број престижни комапнии како: Дизни, ХБО (HBO), Ворнер Броз (Warner Bros), Парамаунт (Paramount), ЕМИ мјузик (EMI Music), Канал + (Canal+), Сони Пикчерс (Sony Pictures), Катинг еџ мјузик (Cutting Edge Music) и многу други. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

