Култура
Почина писателот Србо Ивановски

Друштвото на писателите на Македонија соопштува дека на 12 март во Скопје по подолго боледување почина писателот Србо Ивановски.
Посмртните останки на Србо Ивановски ќе бидат погребани во петок (14 март) во 12 часот на гробиштата Бутел.
Србо Ивановски е еден од најзначајните автори, претставници на втората генерација повоени македонски писатели. Во развојните процеси на македонската литература тој остави длабоки траги како поет, раскажувач, романсиер, драмски автор и писател за деца. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1949 година. Еден мандат беше претседател на ДПМ.
Србо Ивановски е роден е во 1928 година во Штип. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел како уредник во Телевизија Скопје.
Србо Ивановаски зад себе остави обемен и разновиден опус во кој, меѓу другите, влегуваат и следните книги: “Лирика”, “Желби и меѓи” , “Средби и разделби”, “Бели крикови”, “Маѓепсан патник”, “Пена од планината”, “Близу до животот близу до смртта”, “Жена на прозорецот”, “Осамени”, “Мартин Нуната”, “Леонида трча окрвавен”, “Кога тетин Клименте шеташе над градот” , “Додека го чекавме Андреја”, “Балада за исчезнатите”, “Неподобниот”, “Ангелот и лудите свеќиња”.
Србо Ивановски добитник е на високи книжевни награди, меѓу кои: “Кочо Рацин”, “13 Ноември”, “Стале Попов” и “Книжевно жезло” за опус од Друштвото на писателите на Македонија. Српското издание на неговата книга песни “Маѓепсан патник” во 1976 година ја доби наградата “Бранко Миљковиќ”. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Со средбата „Продуценти со продуценти“ почна „МакеКоПроДокс форум“

Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, на 25 август во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
– Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27 август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.
МакеКоПроДокс форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје – Фонд Екип Франција при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Институтот за документарен филм, Интернационалниот Вишеград фонд, Гете институт Скопје, Грчкиот филмски центар, Документарната асоцијација на Европа, фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“, „Сани сајд оф д’док“, МК Деск на „Креативна Европа“ и Младинскиот културен центар во Скопје.
Култура
Врачени највисоките фестивалски признанија на Струшките вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и меѓународното поетско читање „Мостови“ вчера вечер на Мостот на поезијата во Струга заврши 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на добитничката Јулијана Величковска и ја врачи претседателот на жири-комисијата Санде Стојчевски.
На 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација е глаголицата. Фестивалот почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.
Манифестацијата се одржа под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирана од Министерството за култура и туризам.
Култура
Јулијана Величковска со „Рајсфершлус“ ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“

Поетската книга „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, издадена од ПНВ Публикации, е добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објави денеска претседателот на жирито, Санде Стојчевски.
Жирито посебно го истакна уникатниот стил на Величковска, која во книгата користи песни во проза и го истражува прашањето за граничните области меѓу жанровите.
„Авторката не ги пишува своите лирски записи, туку ги компонира од разговорни фрази и наслушнување на лексички единици, создавајќи автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект“, нагласи Стојчевски.
Првиот дел од книгата се карактеризира со игра со јазичниот материјал, еуфонија и внимание кон формата, додека вториот дел внесува нов семантички слој, зумирајќи врз природата, историските хероини и современата цивилизација.
„Книгата се издвојува како многу ферментирана поетика и пример за долготрајна творечка посветеност“, додаде Стојчевски.
Величковска наградата ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловски.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Многу ме радува што генерациите се доближуваат и се гледаме како заедница и пријатели, а не како конкуренција“, изјави авторката.
Во најтесен избор се најдоа и книгата „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски, но жирито едногласно ја избра „Рајсфершлус“ како победник.