Култура
Театарот за деца и младинци ќе се реновира и проширува
Театарот за деца и младинци од септември 2015 година ќе има реновиран и проширен простор, најави во вторник министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која беше во работна посета на оваа единствена национална театарска установа за деца.
Салата за публика ќе биде поголема во должина и ќе се протега до крајниот дел од објектот. Ќе бидат реновирани и сцената, гримјорните и просториите за фундусот, театарското фоаје, административните простории и санитарните јазли. Идејниот проект се очекува до 10-ти јуни, за потоа да биде објавен тендер за избор на фирма што ќе го проектира просторот и фирма што ќе го реновира.
„Театарот за деца и младинци заслужува да добие реконструкција. Сметаме дека е тоа доста значајно, бидејќи ова е единствена институција која има едукативна мисија на младата популација со содржините во својот репертоар. Затоа во програмата го ставивме овој проект и веднаш ќе пристапиме кон негова реализација. Денеска со тим од Министерството за култура ја скениравме состојбата, направивме динамичен план за реконструкцијата и веднаш ќе се пристапи кон идеен проект за реорганизација на објектот. Според планот, во септември следната година театарот треба да добие нов современ простор, со поголема сцена и поголемо гледалиште”, изјави Канческа-Милевска.
Директорот на театарот Драган Довлев истакна дека проширувањето ќе ги задоволи нивните потреби.
„Ова е голем ден за нашиот театар и ни дава сила за натаму. По една ваква одлука, сигурен сум дека еден ден ќе дочекаме и нов објект со кој ќе се гордее и целата држава. Но големо благодарам што во рамките на овој објект ќе се извлече максимумот. Мислам дека проектот ќе биде одличен и дека во наредните пет до 15 години ќе немаме потреба за нешто плус. Сé што вложивме за 24 години, на крајот се исплаќа. Многу ќе ни ја подобри работата, а децата, кои се нашата публика, заслужија подобри услови во кои ќе ги гледаат нашите претстави”, рече Довлев.
Покрај реконструкцијата, Театарот за деца и младнци ќе добие и современа сценска опрема, во рамки на проектот за нова сценска технологија на македонските театри.
Овој театар постои 24 години, а во просторот што ќе се реновира работи 16 години. Просторот има 30-ина метри квадратни со 123 седишта во партер. Во изминатиот период ансамблот беше доекипиран со шест актери.
Театарот за деца и младинци е меѓу најнаградуваните професионални театари во Македонија: 36 меѓународни награди, девет гран-при за најдобра претстава. Годишно изведува околу 200 претстави и е посетен од околу 20 илјади гледачи.
Најнова претстава на театарот е „Нашиот клас”, за деца над 14 години, по текст на Тадеуш Слобоѓанек и во режија на Владимир Милчин, која премиерно беше изведена минатата недела./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“

