Култура
70 филмаџии побараа средба со надлежните и располагање со средствата, повикаа да не се дозволи буџетско кратење за филм

Седумдесет македонски филмски режисери и продуценти бараат средба со Министерството за култура и Агенцијата за филм, повлекување на предлогот за кратење на средствата за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.
Нивното писмо го објавуваме во целост:
„Благодарност до Министерството за култура за брзата реакција. Со овој обид за демант и официјално се потврдија нашите информации дека е предвидено кратење средства од буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм. Министерството изјавува дека наводно за финансиските средства, кои сега ќе ги земе од Агенцијата за филм, ќе преземе активности да ги врати до крајот на годината. Затоа уште еднаш нагласуваме дека средствата предвидени во буџетот за 2023 година ни се потребни веднаш и сега, а не во декември, уште помалку в година.
Проектите што се веќе во реализација и оние чие снимање е предвидено да почне овој период не може да го чекаат евентуалното враќање на одземените средства на крајот од годината. На тој начин, колегите, кои ги водат и се ангажирани на овие проекти, ќе бидат во неизвесност дали и кога ќе ги добијат финансиските средства. Постојат трошоци за непречена реализација на филмовите што мораат да бидат исплатени во текот на снимањето. Без прецизна и навремена динамика на исплата на ваквите трошоци не може да се одвива снимањето на кој било филмски проект насекаде во светот. Дополнително, потсетуваме, филмските работници живеат единствено од хонорари, никаде не се вработени и не примаат плата.
Во изминатите години сведоци сме на разни ветувања, кои никогаш до крај не се исполнуваат. Буџетот за филм континуирано се крати наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа. Несфатливо е што буџетот за филм се крати и покрај големите успеси на македонскиот филм на интернационално ниво.
Уште еднаш упатуваме барање до Министерството за култура за повлекување на предлогот за кратење на средствата за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.
Воедно, упатуваме барање до Министерството за култура и Агенцијата за филм за заедничка средба, која треба да се одржи што побргу, на која ќе се стават на маса сите актуелни прашања и ќе се разговара за правилно проектирање на буџетот за 2024 година, со што ќе се овозможи македонската кинематографија да застане цврство на нозе и да чекори непречено кон нови успеси.
Со почит,
1. Тамара Котевска – режисер
2. Теона Митевска – режисер
3. Ѓорче Ставрески – режисер
4. Даријан Пејовски – режисер
5. Вардан Тозија – режисер
6. Дина Дума – режисер
7. Марија Апчевска – режисер
8. Горан Столевски – режисер
9. Митко Панов – режисер
10. Игор Иванов – режисер
11. Петра Селишкар – режисер и продуцент
12. Георги Унковски – режисер
13. Андреј Волкашин – режисер
14. Срѓан Јанакиевиќ – режисер
15. Игор Алексов – режисер
16. Иван Ивановски – режисер
17. Елеонора Венинова – режисер
18. Николче Поповски – режисер
19. Трифун Ситниковски – режисер
20. Лидија Мојсовска – режисер
21. Марко Ѓоковик – режисер
22. Васил Христов – режисер
23. Кристијан Ристевски – режисер и продуцент
24. Димитар Оровчанец – режисер
25. Кастриот Абдили – режисер и продуцент
26. Гоце Цветановски – режисер
27. Батухан Ибрахим – режисер
28. Маријан Гавриловски – режисер
29. Ромир Јакупи – режисер
30. Ибрахим Деари – режисер
31. Мирсад Абази – режисер и актер
32. Авдиљ Тачи – режисер и монтажер
33. Фисник Исмаили – режисер и кинематографер
34. Андреј Георгиев – режисер
35. Гоце Трајковски – режисер
36. Алекс Цветков – режисер
37. Косара Митиќ – режисер
38. Ана Јакимска – режисер
39. Владимир Митревски – режисер
40. Илија Пиперковски – режисер
41. Стојан Вуисиќ – режисер
42. Саша Станишиќ – режисер
43. Лабина Митевска – продуцент
44. Марија Димитрова – продуцент
45. Томи Салковски – продуцент
46. Роберт Насков – продуцент
47. Владимир Анастасов – продуцент
48. Ангела Несторовска – продуцент
49. Дејан Илиев – продуцент
50. Иван Унковски – продуцент
51. Ивана Шекутковска – продуцент
52. Елена Станишева – продуцент
53. Јорданчо Петковски – продуцент
54. Сашо Пешев – продуцент
55. Илија Циривири – продуцент
56. Сара Ферро – продуцент
57. Владимир Стојчевски – продуцент
58. Дарко Попов – продуцент
59. Огнен Антов – продуцент
60. Гоце Кралевски – продуцент
61. Атанас Георгиев – продуцент и режисер
62. Роберт Јазаџиски – продуцент
63. Дејан Крајчевски – продуцент
64. Бунјамин Куртиши – продуцент
65. Душан Ефремов – продуцент
66. Иво Антов – продуцент
67. Сашо Павловски – продуцент и режисер
68. Бранд Ферро – продуцент и кинематографер
69. Илија Тирицовски – продуцент
70. Горан Стоиљковиќ – продуцент“, се вели во писмото.
Претходно денес, на темата се огласи и Агенцијата за филм, која порача дека средствата за филмските проекти се потребни веднаш и не може да се чека прераспределба до крајот на годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против галаксијата“ со награда за најдобра анимација во Италија

Првиот долгометражен македонски анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, беше награден со престижната награда за најдобра анимација (Best Animation Award) на овогодинешното издание на Ariano International Film Festival, што се одржа во италијанскиот град Аријано Ирпино.
Во образложението на жирито се наведува:
„Филмот успеа да нè маѓепса со својата неукротлива креативност, зачудувачки стил и способност да ги истражува чудата и тајните на вселената. Ова филмско дело нè катапултира во врелиот космос на животот, каде што футуристички астронаути танцуваат низ непознати галаксии, а вселената е населена со вонземјани од секакви облици и големини. Секој кадар е триумф на имагинацијата – со ликови со чудни сличности и пејзажи исполнети со необични вонземски светови. Филмот претставува доказ дека анимацијата може да биде моќно средство за истражување на длабоки теми, притоа нудејќи забава, емоции и визуелна магија.“
Гости на фестивалот годинава беа италијанскиот режисер Матео Гароне, познат по филмовите Гомора и Пинокио, и кој одржа специјална мастер-класа за младите автори, потоа Ралф Мачио, ѕвездата на Карате Кид и Кобра Каи, а почесен гостин на фестивалот беше Карло Вердоне, еден од највлијателните италијански актери и режисери, чие уметничко творештво е поврзано со легендарниот Серџо Леоне, кој бил негов ментор на почетокот на кариерата.
Ова е второ меѓународно признание за филмот, по наградата за најдобра анимација која претходно ја освои на фестивалот Портовјехо во Еквадор, а досега беше селектиран на повеќе реномирани меѓународни фестивали.
„Ова претставува големо охрабрување за целиот тим што работеше на филмот. Особено ме радува што Јон Вардар против Галаксијата е препознаен и ценет не само од фестивали посветени на анимацијата, туку и од жанровски фестивали и манифестации со различни профили и сензибилитет кон филмската уметност. Македонската анимација сè појасно се наметнува како значаен претставник на современата европска и светска сцена, и драго ми е што сум дел од овој културен бум на нашата национална кинематографија“ изјави режисерот Гоце Цветановски по повод наградата.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Вечер што ќе се памети со македонскиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски

Енергичен и впечатлив настап на „Охридско лето“ имаше еден од најдобрите гитаристи на македонската, но и светската сцена, Дамјан Пејчиноски, кој вчеравечер беше дел од фестивалската програма заедно со неговиот квинтет, Дејан Милосављевиќ на ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски, Горан Гешовски на бас-гитара и пијанистот Трајче Станков.
Програмата со којашто настапија и ѝ приредија на публиката прекрасна вечер содржеше авторски композиции на Пејчиноски, џез теми, како и македонски етно композиции.
-Чувствувам огромна одговорност со мојот настап, со оглед на тоа дека станува збор за престижен фестивал низ чија долгогодишна историја продефилирале фантастични уметници, фестивал кој носи еден посебен дух, една огромна уметничка вредност, вели Пејчиноски.
Младиот гитарист Пејчиноски свири електрична и акустична гитара и специјализира повеќе музички стилови вклучувајќи џипси-џез, џез-фјужн, блуз, рок, кантри, традиционална македонска музика и слично.
Тој е спознориран од компанијата за гитари „Страндберг” и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат оваа компанија. Ќе ја има честа да го промовира и најновиот модел на гитари што го изработува „Страндберг“. Ова е доказ дека неговото име е прочуено и во светски рамки.
-Компанијата „Страндберг“ ќе вади нов модел на гитара и особено имам чест што од сите нивни уметници ме избраа мене да ја промовирам новата гитара. Што се однесува до интернационалните настапи, тие не се толку чести, но ете, успевам нешто да договорам сам, нешто преку компанијата „Страндберг“ која е мој спонзор. Инаку сум задоволен, изминатиот период ми беше мошне активен. Во мај имав учество на фестивал во Португалија, а потоа и во Велика Британија. Да, би сакал мојата кариера да е светска. Посакувам да имам и менаџер којшто ќе ми договара настапи низ светот. Јас можеби сум скромен но реален во ова што го кажувам, и сепак, сум свесен за својата музичка вредност и знам дека треба повеќе да работам на маркетинг за да ги добијам големите светски сцени, вели охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски.
Пејчиноски запопочнува да свири гитара на шестгодишна возраст, но вистински интерес покажува на 14-годишна возраст. По завршувањето на основното училиште и гимназијата во родниот град Охрид, каде што живее и денес, се запишува на Националната музичка академија „Проф. Пантчо Владигеров “ во Софија (2003) и на Новиот бугарски универзитет, каде добива целосна стипенидија за неговите студии во областа на џезот каде што и магистрира. Во текот на својата музичка кариера Пејчиноски има бројни национални и меѓународни настапи и награди: во 2009 година тој е финалист на Светскиот натпревар по гитара „Гитар идол“ одржан во Лондон. Во 2010 година победува на 2 меѓународни натпревари за гитара – „Шред дис ту“ (“Shred This Too” – онлајн натпревар) и „Зиуа Китарелор“ („Ziua Chitarelor“) во Романија (настап во живо). Во мај 2010 година тој ја претставуваше својата земја како дел од Изборот за песна на Евровизија во Осло, како учесник на сцената. Во април 2013 година Пејчиноски настапува како солист со Претседателскиот оркестар на Белорусија во Минск, Белорусија. Предава во повеќе музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што бил раководител на Катедрата за гитара како вонреден професор. Во јули 2017 година одржува 4 концерти во Кина со своето трио, каде што е примен со најголеми почести од градоначалникот на градот Ланџоу кој му ја врачува наградата „Екселенс ин перформанс“ (“Excellence in Performance“).
Концертите, турнеите и мајсторските курсеви на Дамјан се одржуваат во Австралија, Кина, САД, Малдиви, Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, Косово, Македонија и др. Тој настапувал и ја делел сцената со многу големи имиња како што се: Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други.
Култура
Свечено затворање на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“

Со вечер на интернационална музика и игра исполнета со прекрасна музика и изведби, на Платото пред Офицерскиот дом, синоќа свечено беше затворено 55 издание на Фестивалот „Илинденски денови“, кој како значајна традиционална манифестација и оваа година беше дел од програмата на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, им се заблагодари на организаторите, учесниците и гостите на фестивалот, нагласувајќи дека, изминатите две недели преку Фестивалот „Илинденски денови“, Битола ги живееше деновите кои не се мерат со време, туку со вистинска емоција, исполнета со пулсот на еден народ кој културата и традицијата ги поставил на пиедесталот на највисоките вредности.
„Боите, звуците и душата на светскиот фолклор, одекнаа од најпрепознатливите агли на нашиот град – сцена, почнувајќи од Старата чаршија, Плоштадот Магнолија, преку Широк Сокак, па се до Офицерскиот дом. Од чекорот на орото, преку шевот на носијата, погледот на младите кои ги учат песните и играта на предците, бројните работилници и едукативните средби, покажавме дека во Битола фолклорот е жив, длабок, топол ритам што трае, но и вистински мост што ги поврзува генерациите и народите.
Нашето 55 издание на фестивалот „Илинденски денови“, токму на еден таков импресивен начин ни покажа уште едно моќно испреплетување на македонската традиција со традициите и културните обележја на Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска.
Благодарност до сите кои беа дел од ова фестивалско издание, до ансамблите и уметниците, до нашите партнери и институции, а посебна благодарност до публиката која за време на секој настан го исполнуваше просторот со љубов, восхит и силни аплаузи.
Ова фестивалско издание нека ни биде потсетник дека она што го правиме денес, останува за утре, дека културата е светлина што не се гасне, а фолклорот не е само традиција, туку иднина што ги чува корените.
Со срце полно гордост, со љубов кон нашиот град и со поглед свртен кон идното издание – ве поздравувам и Ви благодарам што бевте дел од Програмата на 55 издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ – рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, нагласи дека во изминатите две недели Битола повторно пулсираше во ритамот на народната музика, во боите на носиите, во живиот збор и изразот на традицијата. Тој додаде дека, мисијата на институцијата не завршува тука, напротив веднаш започнуваат подготовките на новото издание на фестивалот, кое повторно ќе биде мост помеѓу генерации, култури и простори.
„Нека живее фолклорот, нека живее културата. Да ја негуваме и одржуваме традицијата, а со тоа и фестивалот „Илинденски денови“. До ново видување со уште повеќе љубов, музика и традиција“, порача Илковски.