концерти
75 години организиран фолклор во Вевчани

Културно уметничкото друштво ,,Дримкол” од Вевчани вечерва во Домот на култура во Вевчани, ќе одржи Свечен јубилеен концерт посветен на: ,,75 години организиран фолклор во Вевчани”. На концертот ќе настапат сите ансамбли на друштвото: фолклорните, народниот оркестар, пејачката група Каданка, а гости на концертот ќе бидат членовите на КУД ,,Илинден” од Битола.
– Започнат од некогашните Вевчански скоевци и скоевки во далечната 1947 година, преку ученичките од нашата школа ,,Страшо Пинџур”, потоа преку младинската организација, прво до КУД ,,Печалбар”, а веднаш потоа до КУД ,,Дримкол” се движел и развивал фолклорот цели 75 години. Секој период низ годините – различен, секоја генерација – уште поразлична, низ времето, подеми, некогаш падови, но, ентузијазмот и љубовта кон фолклорот и кон Вевчани секогаш и кај сите била иста и непрестајна. Денес фолклорот е главно обележје на нашето место. КУД,,Дримкол” успеа да го подигне фолклорот на високо ниво со кое се гордееме сите ние кои истото го работиме, а за среќа гордоста е присутна и кај секој Вевчанец. Ова за нас е чест, но, во исто време обврска да продолжиме да ја негуваме, развиваме и презентираме фолклорната традиција во Вевчани, низ Македонија и насекаде низ светот – изјави Кирил Бебекоски, член на Управниот одбор на КУД ,,Дримкол” од Вевчани.
Поради интерес на публиката концертот ќе се прикажува во два термини, во 18,00 и во 20,00 часот. Оваа година концертот е под покровителство на Министерството за култура на Република С.Македонија кој го категоризира како проект од национален интерес за нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Почнува најмасовниот „Д фестивал“ во Дојран

Денеска, официјално почна новото, 12-то издание на „Д фестивал“, кој од 1 до 3 јули ќе се одржува во Дојран со програма во која се најавени настапите на повеќе од 50 музички изведувачи, но и уште 100 учесници и гости во дополнителната програма.
Првиот фестивалски ден, петок, 1 јули, програмата на фестивалот ќе ја предводат изведувачите чии настапи се закажани на главната бина, односно КРУДЕР и ДОРФМАИСТЕР, ЏУЛИЈАН МАРЛИ, КОШИН, РУНДЕК и ЕКИПА и ЗАД АГОЛОТ. Во саботната вечер, пак, главната бина е резервирана за АНФИСА ЛЕТЈАГО, ЈУРА СТУБЛИЌ и ГРУПА ФИЛМ, БУЧ КЕСИДИ, КУЛТУР ШОК и ЧИСТА ОКОЛИНА, а во финалната вечер ни пристигнуваат ЗУ, КОНСТРАКТА и ЗЕМЉА ГРУВА, ХЛАДНО ПИВО и МАРКИ РАМОН.
Втората по големина фестивалска бина на „Д фестивал“, МОСКИТО СТЕЈЏ, годинава ја има најсилната програма досега, во чии рамки ќе имаме можност да уживаме во настапите на ТАМИКРЕСТ, ЛУФТАНЗА, ЏИПСИ ГРУВ и НЕИКЕД в петок, ГАБРИЕЛА ЧИЛМИ, ДОУП КУЌАТА, ДЕМЕНСИ и ТОРЗС в сабота, ПИЈАН СЛАВЕЈ, ДИНА ЈАШАРИ, ОФ-ГРАУНД АНСАМБЛ, КАЛАТА, но и ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ, в недела, во рамките на програмскиот концепт „Д фамилијарен ден“. Посебно концертно доживување гарантира музичкиот храм на „Д фестивал“, односно бината позната како ЧРЧ СТЕЈЏ, која, всушност, е лоцирана во црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран.
БИЛЕТАРНИЦИТЕ и ЗАМЕНСКИТЕ МЕСТА на „Д фестивал 2022“ се на две локации: пред влезот во „Д кампот“, т.е. кај Туристичкото биро во Стар Дојран, со работно време од 8.30 до 00.30 часот; пред главна бина кај паркингот „Гранит“, со работно време од 20 до 02.30 часот.
Билетите за време на „Д фестивал“ ќе се продаваат по нивната полна цена, односно: 500 денари за еднодневен билет (пристап до цела програма за еден ден), 1.100 денари за тридневен билет (пристап до целата програма за целиот фестивал), 1.200 денари за фестивалски билет (пристап до целата програма за целиот фестивал + камп-место), 300 денари за докупување камп (за оние што веќе имаат купено каков било билет за „Д фестивал“ без кампување).
концерти
„Лудориите на Чаплин“ – концерт на отворено во Градскиот парк

Вечерва, во 21 часот, во Градскиот парк, ќе се одржи традиционалниот концерт на отворено на оркестарот на Филхармонијата, посветен на генијалниот Чарли Чаплин.
Оркестарот ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ од 1921 година, а паралено ќе оди и проекција на истоимениот филм. Диригент е Џијан Емин.
Со својата неверојатната умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира разни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформира светската кинематографија, особено во жанрот на комедијата, на која ѝ даде сосема нова естетска и социјална димензија.
концерти
Гала оперски концерт „Млади оперски надежи – Коста Трпков“ со студентите на ФМУ

Студентите од студиската програма по соло пеење на ФМУ учествуваат на традиционалниот гала оперски концерт „МЛАДИ ОПЕРСКИ НАДЕЖИ – КОСТА ТРПКОВ“ со оркестарот на НУ Национална опера и балет под диригентско водство на Андреј Наунов.
Настапуваат студентите од класите по соло пеење на проф. м-р Марија Муратовска-Наумовска, проф. д-р Горан Начевски, проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова и вонр. проф. м-р Ана Дурловски, како и од класата по вокално студио на доц. м-р Бисера Чадловска.
На програмата се оперски арии и ансамбли. Концертот ќе се одржи на 17 јуни (петок) во Салонот на НУ Национална опера и балет со почеток во 20 часот.
Влезот е слободен.