Култура
Биеналето продолжува со забрзан ритам во Скопје
Уметничката Анета Стојниќ од Србија со перформансот „Balkan Desire“ во Куршунли Ан Ан го отвори третиот ден…
Уметничката Анета Стојниќ од Србија со перформансот „Balkan Desire“ во Куршунли Ан го отвори третиот ден од Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот што се одржува во Скопје.Нејзиниот перформанс поставува две значајни прашања: позицијата на Источноевропскиот-Балкански уметник во западен систем на уметност и статус за да се направи дело, во пазарна смисла.Свој перформанс ќе има Federica Casarosa од Италија, кој што ќе се одржи во Музеј на современа уметност во 14 часот. За нејзиниот перформанс и е потребна публика и нејзино активно учество. Нејзиниот проект е проект во развој чијшто исход зависи од вистинскиот одговор на учесниците, согласно барањата насочени кон нив.Уметниците Left luggage Theatre кои доаѓаат од Велика Британија и се занимаваат со куклен театар ќе имаат претстави во канцелариите на Асоцијацијата за меѓународна младинска соработка (АММС). Претставите се закажани за 18, 19 и 20 часот.Специјалност на Left luggage Theatre им е перформанс во кој публиката вклучена во околина опкружена со звуци, мулти-сензорна сценографија, кукларство, психички театар, текст и проекции.Според програмата, во 19 часот на плоштадот на Македонија кај ресторанот Пивница во дисциплината Гастрономија ќе се претстават Luci Nell’aranceto, Sebastiano Randieri, Luigi Taglienti од Италија.Најударните термини за музика се од 21 часот, па се до два часот по полноќ. Во 21 часот, Владимир Лукаш од Македонија ќе се претстави на плоштадот Македонија, со својот проект наречен проектот Тркало.Денешната оф програма на Биеналето ќе почне со првата регионална конференција за графички дизајн, со цел да се загатнат регионалните прашања за развојот на дизајнот како академска дисциплина, но и како силна културна и економска алатка во земјите од Источноевропските земји.Во куќата на креативност (Дом на АРМ) во концертната сала, од 10 до 13 часот ќе има работилница на Conspiracy band – единствена можност да се видат најголемите музички имиња во модерната и џез музика на едно место.Работилницата Европа со емоции ќе се одржи од 15 до 18 часот и има за цел да го скрши стереотипот дека Европа е ладна и бирократска, преку работилницата за млади дизајнери. Таа ќе се одржи на Европскиот Универзитет со Гордана Вренцовска и Давор Брукета.Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот ќе трае до 12 септември и ќе ја претстави работата на над 700 млади уметници од 43 земји./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

