Култура
ФАЛБИ И ФАЛИНКИ
Отворањето на фестивалот беше отстапено на The Skopje Connection, трио во состав Џијан Емин, Георги Шаревски и Лука Аквино, македонско-италијанска постава (тромпет-флугелхорн; акустична гитара; француска хорна-мелодион).
Отворањето на фестивалот беше отстапено на The Skopje Connection, трио во состав Џијан Емин, Георги Шаревски и Лука Аквино, македонско-италијанска постава (тромпет-флугелхорн; акустична гитара; француска хорна-мелодион). Одлично подготвена и „легната“ програма која на првиот ден изнуди аплаузи од преполната сала на Домот на АРМ.Вистинско доживување беше и настапот на јапонката Аки Такасе, бравурозна пијанистка која заедно со својот квартет (бенџо, бас кларинет, тромбон и тапани) направи вистинско музичко шоу комбинирајќи ги класичните диксиленд и рег-тајм звуци со извонредно аранжираните делници на прогресивен и експериментален џез. И како поединци и како група, членовите на оваа постава покажаа дека се врвни музичари. Настапот на моменти личеше на весело кабаре за следниот миг да експлодира во сосема авангардна концепција на џез-импровизации. Одлично!За разлика од Такасе, перкусионистката од Њујорк со голема репутација Марилин Мазур (свирела со Мајлс Дејвис и Јан Гарбарек) не успеа да ја возбуди присутната публика во Универзалната сала. Причината се чини лежи во праволинискиот концепт на нејзиниот репертоар, варијанта на чилаут-џез кој на моменти станува здодевен. И покрај квалитетниот квинтет музичари, само на моменти можевме да слушнеме поатрактивни делници, но главно се се сведе на рутинско музицирање во кое најслабата точка беше отсуството на музичка динамика.Третиот ден го проследивме Бред Мелдау триото во кое покрај Бред на пијано, свират извонредните Лари Гренадие на бас и Џеф Балард на тапани. Според коментарите на публиката ова трио досега остави најсилен впечаток на фестивалот.Многу рекламираниот Џејмс Картер се покажа како велемајстор на саксофони и флејта. И останатите членови беа извонредни, но целиот концерт беше на граница на егзибиционистичко шоу на Картер, и како да недостасуваше волја да се музицира. Далеку од тоа дека публиката не беше задоволна, но мислиме дека сепак се очекуваше повеќе музичко отколку сценско доживување.
пишува Влатко ГАЛЕВСКИ (Форум)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.
Култура
Македонскиот филм „17“ на Берлинскиот филмски фестивал
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на овогодинешниот 76-ти Берлински Филмски Фестивал.
Ова беше денес соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови, на светско ниво.
Во Берлинале Перспективи, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал
Култура
Изложба на фотографии и проекција на документарен филм „Старата скопска чаршија: визии за иднината”
Францускиот институт во Скопје со најава за изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзаланата сала.
Проектот имаше за цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство, нагласува организаторот.
Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници – по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура – во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Свеченото отворање ќе се одржи во четврток, 22 јануари 2026 година, во 19:00 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Настанот ќе го отворат: Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција и Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
По повод одбележувањето на Елисејскиот договор, Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Во рамките на настанот, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот.

