Култура
Швајцарска програма за култура на Западен Балкан – десет години во Македонија
Во периодот помеѓу 23 октомври и 24 ноември Швајцарската програма за култура преку неколку настани организирани во соработка со локалните партнери ја одбележува 10-годишнината од своето делување во Македонија.
Во периодот помеѓу 23 октомври и 24 ноември Швајцарската програма за култура преку неколку настани организирани во соработка со локалните партнери ја одбележува 10-годишнината од своето делување во Македонија.Сите настани организирани од Швајцарската програма ќе се одвиваат под заеднички наслов – „Диверзии“ и се од сферата на независната културна сцена.Воедно, преку овие настани се одбележува и затворањето на локалната канцеларија во Скопје и регионализирање на оваа програма преку канцеларијата во Сараево. Швајцарската програма за култура, најпозната под името Про Хелветиа, во изминатите 10 години поддржа вкупно 450 индивидуални проекти преку програмската линија Мали акции и 8 среднорочни проекти, преку програмата Кооперативни проекти. Најголемиот придонес на Швајцарската програма за култура во Македонија е што ја промовираше културата како средство за социјални промени, со акцент на независната сцена, децентрализацијата во културата, мултикултурализмот, развојот на руралната култура, а благодарение на оваа програма во Македонија почнаа да функционираат независните културни простори и организации („Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, „Press to exit project space“, културните центри Точка и Место, Мултимедијалниот центар во Тетово, Македонскиот центар за фотографија, итн.) и преку нив ги популаризираше некои од уметнички форми кои дотогаш не беа доволно застапени кај нас, како современиот танц и документарната фотографија.Програмата на „Диверзии“ започна на 23 октомври во Културниот центар ЦК со регионална конференција која беше дел од проектот „Trans Balkans Express“. До 24 ноември продолжува со неколку проекти како две танцови претстави во рамки на фестивалот „LocoMotion“, музичкиот перформанс на Александар Пејовски „Дискреирање мантра“, 12 ноември, Младински културен центар; промоција на три нови публикации од „Press to exit project space“ во Културниот центар ЦК (14 ноември); групна изложба „Делокализација“ курирана од Фатош Уштек во ЦК; изведба на претставата „Празен град“ во центарот за култура во Гостивар (премиерно беше изведена на „МОТ“) и претставување на фотографскиот проект „Be right back“ на Ѓорги М. Унковски во Мала станица 924 ноември). Во меѓувреме, од 12-14 ноември во Скопје ќе присуствува регионалниот борд од канцеларијата во Сараево на кој ќе бидат договорени следните три регионални проекти помеѓу Македонија, Србија, Албанија, Косово и БиХ. Исто така, регионалната мрежа Крос радио, преку Канал 103 и останатите регионални радио-станици, ќе посвети 4 емисии на Швајцарската програма за култура на Западен Балкан. /крај/форум/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

