Култура
„Дени те Чува“ и „Ж\Бука“ на Бум Таксират фестивалот
Најпрепознатливиот скопски панк-состав „Дени Те Чува“ и хрватската женска рок-атракција „Ж\Бука“ ќе настапат на 3 декември во клубот „Хавана“, во рамки на Бум Таксират фестивал
Најпрепознатливиот скопски панк-состав „Дени Те Чува“ и хрватската женска рок-атракција „Ж\Бука“ ќе настапат на 3 декември во клубот „Хавана“, во рамки на Бум Таксират фестивал.
„Дени Те Чува“ се оформени 2004 како трио, а во 2005 се квартет. Тие во 2005 година го снимија акустичниот албум „Меѓу четири ѕида“, а вториот албум „Се вртиме во круг“ една година подоцна.
Групата учествувала и на манифестацијата Избор на навивачка химна, каде „Дени Те Чува“ својата „Навивачка“ го освои второто место. Настапиле и на најголемиот македонски рокенрол фестивал ТАКСИРАТ 9.
Од 2008 година членовите на бендот работат на разни други музички проекти, но „Дени Те Чува“ се активира повторно за да настапат на 3 декември во склоп на програмата за овогодишниот Boom Taksirat Festival.
„Ж/Бука“ е хрватски женски бенд кој постои од 2005 година. Тие имаат отсвирено голем број на концерти, некои самостојни, некои во склоп на различни фестивали (Vox Feminae, Rdeče Zore, GAW…), а имаат свирено и како предгрупа на концертот на „Disciplina Kitshme“ во Загреб.
Во март 2008 го снимаат првото демо „Plavuša nije kul” кое содржи четири песни: „Zlo mi je“, „Star“, „Nesvjesni“ и „Rebelt“.Во средината на септември 2008 „Ж/Бука“ го снима своето второ демо, исто така со четири песни: „Dumb“, „Reality“, „Saša“ и „Zlo mi je“.Кон крајот на 2008 снимаат преработка на песната „Tiha noć“ за потребите на филмот „Neka ostane među nama“ на режисерот Рајко Грлиќ.
Од 2009 „Ж/Бука“ значително го менува звукот комбинирајќи минимализам, психоделија и мелодичност. Во октомври 2009 повторно влегуваат во студио за да го снимат новото EP со кое ќе го претстават својот нов, на концертите пофален, звук и концепт на бендот, а кој воедно е најава за албумот првенец кој ќе излезе во 2010 година./крај/сл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

