Култура
Хуманитарен концерт за помош на неколку клиники

Неколку познати имиња од македонската естрада ќе учествуваат на хуманитарниот концерт, што во петокот ќе се одржи во Скопје, со цел да се соберат средства за донација на три клиники.
Неколку познати имиња од македонската естрада ќе учествуваат на хуманитарниот концерт, што во петокот ќе се одржи во Скопје, со цел да се соберат средства за донација на три клиники.
На настанот, кој се одржи во дискотеката Хард рок со почеток во 21 часот, ќе учествуваат „Некст Тајм“, „Паркети“, Андријана Јаневска, Бојана, Ванчо Тарабунов, Александар Белов „Роџер Брадерс“ и други.
Хуманитарната акција под слоганот „Подарете небо за насмевка“ има за цел да собере финансиски средства за потребите на Клиниката за детски болести, Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле и клиниката за ортопедски болести во Скопје.
Организатори на настанот се студентите на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, кои се надеваат дека ќе успеат да донираат 10.000 евра.
Професорот на Американ колеџ, Бобан Грчев, кој на денешната прес конференција имаше улога на портпарол на своите студенти, упати апел до граѓаните масовно да дојдат на концертот, бидејќи со секоја купена влезница се донираат 200 денари за клиниките.
Тој не се согласи со одредени забелешки дека оваа хуманитарна акција би можела да биде слабо посетена, бидејќи во исто време на плоштадот ќе има концерт по повод визната либерализација.Членовите на дуото „Некст Тајм“ изразија голема благодарност до организаторот , што ги поканил да учествуваат на еден ваков хуманитарен настан.
Доколу имавме доволно средства, сами ќе дониравме или ќе организиравме хуманитарен настан, но ние сме задоволни што ќе учествуваме на концертот во петокот“, велат браќата Стефан и Мартин Филиповски.
Истовремено отворени се и телефонски линии на сите мобилни оператори (070 143 108, 075 143 800, 077 143 111), на кои сите хумани граѓани ќе може да донираат 100 денари. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Откриј ја „Ноксиа“ – аудиовизуелна магија оваа сабота во Аеродром

В сабота (20.9.2025), со почеток од 20 часот, ќе биде поставена аудиовизуелната инсталација „Ноксиа“ во надворешниот простор на локалот Books&Dogs Café во Аеродром.
Проектот интегрира транс-медиуми кои со поврзување на алатките на генеративната вештачка интелигенција прикажува комуникациски можности и дисфункционалности. Дигиталнaта комуникација со виртуелните соговорници е функционално истражување на аудио-визуелната инсталација која поврзува уметничко видео, звучен дизајн, актерска игра и поезија.
Инсталацијата интегрира експериментално прикажување на специфична локација (site-specific).
Автори на проектот се видео-авторката Вероника Камчевска и дизајнерoт на звук Горан Москов. Актерката Јасмина Василева ја деконструира човековата состојба, а поезијата е на авторката Елена Пренџова и Владимир Петровиќ. Ова е почеток на серија истражувања на влијанието на алатките на ВИ, а како прв соговорник се анализира Chat GPT.
Повеќе за проектот
Аудио-визуелниот проект „Ноксиа“ (noxia) е видео инсталација која претставува систем на медиумски можности во пренесување на информација и прекини во комуникациски процеси. Низ видео и звучен приказ „Ноксиа“ прикажува недоследности во искази кои настануваат со користење на алатките на генеративната вештачка интелигенција. Во проектот се истражува начинот на кој вревата (noise, noxia) која постои или настанува во перцептивниот процес на комуникаторите станува дисфункционален дел на информацијата сè до пренесувањето на пораката. На тој начин таа метаморфозира и созадава код на новонастаната ситуација во која когнитивната способност на рецепиентот е тестирана. Како замислените факти се претвараат во препозиција на логичности и стварности е истражувачки предизвикот на аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ со кој низ експеримент се обидуваме да симулираме комуникациски процес на човекот кој користи алатки на генеративна вештачка интелигенција за да постигне значење. Може ли да се создаде комуникациска состојба ако комуникаторите не користат човечки предиспозиции туку синтетички изградени модели на свест? Алатките на генеративната вештачка интелигенција преку ChatGPT, Character AI, Gemini, X, Facebook овозможуваат виртуелни соговорници и виртуелни асистенти да помогнат или остварат комуникациски систем преку природен процесиран јазик (NLP). Возможно ли е да се комуницира ако комуникаторот е празен простор исполнет со кодови и факти, а емоционалноста ја создава врз база на интерпункциски знаци, емотикони, емоџи и граматички структури во реченицата?
Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ симулира врева која настанува во самата намера да се комуницира со податоци кои создаваат логички композиции каде се исклучува одговорноста за влијанието од создаденото значење врз корисниците. Кога фактите изгледаат навидум реални и стварни, настанува поле на фантазии и замисли кои можат да креираат простор на брзо и автоматизирано комуницирање, но да го намалат потенцијалот на човековото автономно размислување.
Како автори го следиме и аналзираме процесот на создавање комуникациски варијации на визуелни искази кои се генерички и синтетички. Низ аудио-визуелен процес , „Ноксиа“ ја интегрира природата како основен функционелен дел на пренесување пораки.
Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ ќе започне циклус на истражувачки процес за тоа како генеративната вештачка интелигенција создава нов систем на разбирање на стварноста, потенцијалните ризици врз разбирањето на информациите и влијанието на аудио визуелните потенцијали на креативното изразување.
Вероника Камчевска
Култура
Собрана поезија од Игор Исаковски на 55-тата годишнина од неговото раѓање

Во слава на поетот Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање, на 19 септември во кафе-книжарницата Буква од 20 часот ќе се претстави книгата со неговата собрана поезија со наслов „Совршен поет“ во издание на Или-Или.
Книгата има 700 страници собрана поезија на еден од најзачајните и најпознати современи македонски поети.
Уредничката на ова издание, Елизабета Баковска, во поговорот на книгата вели:
„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“.
Во вториот поговор на ова издание, Елизабета Шелева истакнува:
Никојпат не знаеме која песна ќе (ни) биде последна, заветна – и која песна (или книга) ќе ја втисне неизбежната есхатолошка точка на нечие творештво и, уште поважно, живот.
Кога станува збор за близок и драгоцен човек, одличен и посветен поет, бескомпромисен и огнен маж, граматиката одеднаш станува мошне сурова дисциплина. Како (одеднаш) да се говори за некого во минато време, како веќе еднаш да бил и никојпат повеќе нема да биде? Ова (студено граматичко време) особено паѓа тешко, кога тој исклучителен и редок човек заминал ненадејно, во својата полна животна и, уште повеќе, творечка сила, кога немал ниту едно бело влакно во бујната долга коса, ниту еден траг од толку блиската конечност…
Оти премногу енергија, премногу супстанција, премногу живот, премногу „музики“, премногу прашања, што живот значат „полн сум сокови и стихови“ – му останале несподелени, недокажани, незаобиколни – да ги сподели со своите читатели-сојузници, од онаа страна на баналното, од онаа страна на рамнодушноста, од онаа страна на темницата и на небитието…
Фотографиите во книгата се на Сашо Димоски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска а графичкото уредување на Светлана Кочовска-Стеовиќ.
Култура
Изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во македонскиот КИЦ во Софија

На 19 септември, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“.
Изложбата ќе биде отворена во присуство на претседателката на ДЛУМ – проф. д-р Јана Манева Чупоска, претставници на управниот одбор, совет и членови на Друштвото.
Учествуваат 42 ликовни уметници: Синиша Новески, Иво Пецов, Јасмина Главинче, Стефан Младеновски, Татјана Ристовска – Керакамика, Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Ненад Тонкин, Ирена Паскали, Дејан Иванов – Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Марина Цветановска-Мартиновска, Стефан Јакимовски – Стеф, Марија Сотировска-Богдановска, Марија Мицова-Гацова, Кирил Гегоски, Валентина Илијевска, Ристо Мијаковски, Љубица Мешкова-Солак, Гоце Божурски, Ивона Велковска, Страхил М. Петровски, Борче Богоевски, Трајче Чатмов, Ангел Димовски, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Ана Спасова, Христина Зафировска, Ацо Таневски, Стефан Анчевски, Филип Јовески, Јана Манева-Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Шќипе Мехмети, Софија Грабулоска, Златко Хаџи Пецов, Анета Стојчевска, Драган Вреговски – Алпи, Марија Чепешиева, Слободан Милошески, Љупка Делева.