Култура
Успешна година за Министерството за култура
Изминатава година е една од најуспешните досега, изјави во понеделник во Скопје министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, презентирајќи ги активностите на Министерството за оваа 2009 година
Изминатава година е една од најуспешните досега, изјави во понеделник во Скопје министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, презентирајќи ги активностите на Министерството за оваа 2009 година.
По иницијатива на Министерството за култура беше подготвен предлог за нов закон за култура кој ќе се однесува на финансирањето, како и нов закон за авторски и сродни права. Вкупниот буџет за реализираните проекти на Министерството за култура во 2009 година изнесува околу 755 милиони денари.
Од позначајните проекти реализирани со поддршка на Министерството можат да се издвојат неколку врвни изложби – Салвадор Дали во Музејот на современа уметност, откупот и изложбата на 44 необјавени цртежи на Никола Мартиноски во Културно-информативниот центар во Скопје, „Енформел во сликарството“ – од 1959 до 1966 ( кратка историја на енформелното сликарство во Македонија) и „Енформел во скулптурата“ – од 1960 до 1970 во МСУ.
Во областа на издаваштвото се поддржани вкупно 310 публикации. Најзначајни – проектот „130 тома македонска книжевност“ од кој во тек е втората фаза на превод на англиски јазик, финализирање на проектот „Превод на писатели-нобеловци“, издавањето на четирите публикации од областа на културното наследство, а во подготовка е уште еден проект – „Ѕвезди на светската книжевност“, работен заедно со врвни македонски автори и издавачи.
Во областа на музичко-сценската уметност, оваа 2009 година ја одбележаа гостувањата на оркестарот на театарот Бољшој на концертот на маестро Симон Трпчески, потоа отворањето на „Охридско лето“ со Енио Мориконе и унгарскиот филхармониски оркестар „Гјор“, гостувањата пијанистите Борис Березовски (Русија) и Тео Георгиу (Швајцарија), виолинистката Мидори (Јапонија) и хрватската виолончелистка Моника Лесковар, како дел од официјалната програма на „Охридско лето“, јубилејните концерти по повод 100-годишнината од раѓањето на Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев.
Во организација на Министерството за култура се одржаа Денови на Македонската култура во САД и во Чешка, а голем дел од културното наследство беше претставено во Рим за време на чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Македонија со двајца претставници учествуваше на Венециското биенале, на Франкофонските игри во Бејрут, Либан, а за првпат Скопје беше домаќин на Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот, на кој учествуваа над 700 уметници.
Во првата половина од оваа година се завршени дел од капиталните проекти, како Спомен-домот на Мајка Тереза во центарот на Скопје, Музејот на вода во Охрид, доградбата на Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, со што се реши долгогодишниот проблем на чување и заштита на огромниот библиотечен фонд, како и процесот на автоматизација на сите библиотеки низ Македонија, по што ќе следува нивна дигитализација, новите депоа во Кинотеката на Македонија, осветлувањето на Камениот мост, реновирањето на библиотеката во Битола и Куќата на Уранија во Охрид, поставувањето на 35 скулптури во централното градско подрачје…
Во тек е изградбата на стариот театар во Скопје, музејскиот комплекс, салата за Македонската филхармонија, театарот во Велес, а во завршна фаза се проектите за изградба на Турскиот театар, ревитализацијата на Хавзипашините конаци во Бардовци, куќата на Кемал Ататурк и проектот за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Оваа година започна снимањето на 7 играни филмови чии премиери се планирани за 2010 година. Министерството за култура го поддржа и издавањето на ексклузивната ДВД-колекција на трите филмови на Милчо Манчевски.
Министерството за култура и во наредната година останува фокусирано на проекти со кои културата целосно ќе биде ставена во функција на општествениот развој на државата, подобрување на културната клима, развојот на културата на локално ниво, меѓународни претставувања на Македонија, завршување на капиталните проекти, проекти за негување на културата на етничките заедници во Македонија, заштита на културното наследство, конзервација и реставрација…/крај/фо/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

