Култура
Наградата на Охридската академија за хуманизам доделена на Рави Шанкар

Светски познатиот индиски ситарист Рави Шанкар е добитник на годинешното признание Светска награда за хуманизам што ја доделуваат Охридската Академија на Хуманизмот и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.
Светски познатиот индиски ситарист Рави Шанкар е добитник на годинешното признание Светска награда за хуманизам што ја доделуваат Охридската Академија на Хуманизмот и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.Ова во понеделник во Скопје го соопшти одборот за доделување на наградата. Од името на Охридската академија на хуманизмот, наградата на Рави Шанкар му ја врачил амбасадорот на Република Македонија во Њу Делхи, Петар Јованоски.„Годинашниот лауреат изрази голема благодарност за ова високо признание, истовремено покажувајќи интерес наскоро да ја посети Македонија, да одржи серија концерти и да учествува на централниот уметнички чин кој ќе се одржи во Брисел на 5 септември 2010, во чест на стогодишнината од раѓањето на скопјанката Мајка Тереза, која за вечни времиња ги обедини Македонија и Индија“, беше речено на денешната прес-конференција.Добитникот на ова престижно признание светски познатиот индиски композитор, хуманист и филозоф Рави Шанкар, има соработувано на повеќе проекти на ѕвездите од популарната музика, како што се на пример некогашните членови на ливерпулската четворка „Битлси“.Охридската академија на хуманизмот заедно со Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, во 2007 година ја инаугурираа Светската награда за хуманизам, која се доделува на врвни фигури на светската уметност, според традицијата на Свети Климент Охридски – основоположникот на правата Средновековна школа за хуманизам во Европа. Прв добитник на Светската награда за хуманизам беше јапонскиот будистички филозоф Даисаку Икеда во 2007 година, втор добитник беше португалскиот синеаст Мануел де Оливеира во 2008 година., трет добитник беше рускиот писател и нобеловец Александар Солженицин, кој лани не успеа лично да ја прими наградата, бидејќи ненадејно почина. /крај/форум/ин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Фото) Премиера на документарниот филм „Планината не оди никаде“ на 16. „МакеДокс“

Со силни и долготрајни аплаузи и овации на 25 август во Куршумли ан се одржа македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар. Премиерата се одржа во рамки на програмата на 16. „МакеДокс“.
Публиката во исполнетиот до последно место Куршумли ан во еден здив ја проследи приказната за браќата кои со своето стадо овци најголемиот дел од годината го поминуваат високо во планината, на околу 2.400 метри надморска височина под врвот Солунска Глава. Покрај овците, браќата се опкружени и заштитени од 30-ина шарпланинци, кои се во нивната непосредна близина додека ги исполнуваат секојдневните обврски. Единствениот контакт со цивилизацијата се нивните мобилни телефони, со кои ако сакаат да воспостават контакт мораат да се искачат на околните планински врвови.
На премиерата на филмот присуствуваа тројца од браќата – протагонисти во приказната – Зекир, Басри и Бесам, како и нивниот пријател Марјан. Во Куршумли ан беше присутна и филмската екипа што работеше на најновото документарно остварување на Петра Селишкар.
По премиерната проекција на „МакеДокс“, режисерката Петра Селишкар изрази огромна благодарност до филмската екипа на соработката во изминатите, речиси, шест години, колку што траеше продукцијата на филмот, и огромна благодарност до протагонистите на трпението и искрените намери со кои ја прифатија идејата и филмската екипа во нивниот планински дом.
Режисерката Селишкар рече дека иако потекнува од Словенија, која е позната како планинска земја, сепак прва вистинска средба со животот во планината ја направила во текот на снимањето на филмот и дека открила еден свет што не го познавала.
Со искрена и возбудена емоција и протагонистот Зекир се обрати кон публиката, искажувајќи благодарност за времето што го посветиле да го гледаат филмот во кој тој е протагонист, посакувајќи им на сите да се гледаат само за убаво. За возврат од публиката доби искрени аплаузи, а прашањата што беа поставени се однесуваа на условите во кои живеат, но и на начинот на живот со толку многу кучиња кои им се неопходни за чување на стадото овци во планината. Зекир едноставно одговори дека кучињата имаат внимателен и грижлив однос кон луѓето, а стануваат агресивни кога кон стадото ќе наближи некое диво животно.
Филмот е реализиран како копродукција помеѓу Словенија, Франција, Северна Македонија преку продуцентските куќи „Петра Пан Филм“ (Словенија), „Синефаж продукција“ (Франција), ППФП (Северна Mакедонија) во копродукција со РТВ Словенија.
Сценариото го потпишуваат Петра Селишкар и Танкред Ривиер, директор на фотографија е Бранд Ферро, монтажери се Лорелин Делом и Сашко Потер Мицевски, музиката е на Изток Корен, дизајнот на звук е на Владимир Ракиќ, додека фоли-артист и едитор на звучни ефекти е Вера Галешев. Продуценти се Петра Селишкар, Виктор Еде и Сара Ферро, а извршни продуценти се Бранд Ферро и Ивана Нацева.
Филмот досега е прикажан на 10 фестивали, со 2 номинации и 2 награди, а до крајот на годината веќе е поканет на уште многу фестивали. По фестивалската патека ќе започне редовна дистрибуција во повеќе земји, вклучително и во македонската Кинотека.
Култура
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска утре во Венеција ја отвора програмата „Хоризонти“

Денес, 26 август 2025 година, се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза во Скопје. Веќе утре, 27 август, токму во пресрет на овој значаен јубилеј, на 81. меѓународен филмски фестивал во Венеција, ќе се одржи светската премиера на филмот „Мајка“ (Mother) на Теона Стругар-Митевска.
Филмот ќе ја има честа да ја отвори престижната програма „Хоризонти“ (Orizzonti) на фестивалот, која е посветена на најновите авторски и уметнички тенденции во светската кинематографија.
„Мајка“ е инспириран од животот на Мајка Тереза прикажувајќи ја Колката во 1948 година во моментот кога таа ја носи клучната одлука да го напушти манастирот и да им се посвети на сиромашните.
Филмот е копродукција на Северна Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.
Официјалната премиера ќе се одржи на 27 август во 16 часот во Sala Darsena во рамките на фестивалот во Венеција.
Култура
Австралиска премиера за „Јон Вардар против галаксијата“ во срцето на Сиднеј

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, ќе ја има својата австралиска премиера на Sydney Science Fiction Film Festival – најголемиот филмски фестивал во Австралија посветен на научната фантастика.
Шестото издание на фестивалот ќе се одржи од 3 до 5 октомври во центарот на Сиднеј во престижниот комплекс Event Cinemas George Street. Филмот на Цветановски е во трка за наградата Рон Коб за најдобар игран филм – именувана по легендарниот концептуален уметник Рон Коб (Ron Cobb), кој остави траен белег во светската кинематографија со својата работа на филмски класици како Осмиот патник, Војна на Sвездите и Враќање во иднината.
„Фантастиката за мене отсекогаш била средство да зборувам за реалноста. Среќен сум што австралиската публика и македонската дијаспора ќе имаат можност да го проследат филмот на големото платно. “ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Сценариото на филмот го потпишува Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.