Култура
Охридско-битолската „Граница“ ќе се игра во Битола, Сараево и Белград

Претставата „Граница“ која е во копродукција на „Нов Театар“ од Охрид и Мал Драмски Театар од Битола, на 15 февруари ќе се изведе Народниот театар во Битола.
Претставата „Граница“ која е во копродукција на „Нов Театар“ од Охрид и Мал Драмски Театар од Битола, на 15 февруари ќе се изведе Народниот театар во Битола.
„Граница“ ќе биде изведена и во Сараево на 17 февруари во рамките на фестивалот „Сарајевска зима“, два дена подоцна на 19 февруари ќе биде изведена и во Белград во Југословенско-драмско позориште./крај/оhridnews/ин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Балканкан“ прослави 20 години со проекција под отворено небо

Со специјална проекција под ѕвездено небо на Rooftop Open Air Cinema, во организација на „Скопје сити мол“ и „Синеплекс“ и во соработка со Кинотеката на Македонија, синоќа беше одбележан големиот јубилеј – 20 години од премиерата на култната македонска црна комедија „Балканкан“ во режија на Дарко Митревски.
На настанот присуствуваше дел од филмската екипа, актерите Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Ирена Ристиќ, Емил Рубен, ѕвездите од „К15“ – Васко Тодоров и Бранко Огњановски, сценографот на филмот, Бујар Муча, костимографката Жаклина Крстевска, менаџерот на локации, Роберт Јазаџиски, и Зоран Ристески, продукциски менаџер, како и пријатели на филмот, и многу јавни личности од македонската сцена.
Режисерот Митревски, кој веќе 18 години живее и работи во Лос Анџелес и чиј филм ги собори сите рекорди на гледаност и обедини актери од Македонија, Србија, Хрватска, Босна, Италија и од Словенија, со видеопорака се обрати до присутната публика од елитната холивудска населба Малибу.
Во видеопораката накусо ја раскажа приказната за македонската урбана легенда за лошата баба завиткана во килим, која е лајтмотивот околу кој потоа се развива приказната на целиот филм.
„Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас – тоа беше македонска урбана легенда за некое наше семејство на летување во Бугарија. Кога почнав да го подготвувам филмот, тогашната австриска амбасадорка во Скопје ме убедуваше дека оваа приказна не се случила во Македонија, туку на едно австриско семејство во времето на Студената војна во тогаш комунистичката Унгарија. Подоцна запознав и некои шпански новинари, кои ме убедуваа дека тоа е шпанска приказна, која му се случила на некое шпанско семејство во Мароко. За на крај, откога филмот прошета на фестивали и беше дистрибуиран во светот, да прочитам еден есеј на писателот Габриел Гарсија Маркес, кој вели дека постојат приказни што им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму ним им се случиле, па наведува приказна за некоја си баба завиткана во украден тепих која ја слушнал дури во три земји: Виетнам, Аргентина и Русија. Тоа значи дека загубената баба му припаѓа на целото човештво. Единствена разлика помеѓу нивните баби и нашата баба е што нашата има име: се вика баба Зумбула. И таа баба Зумбула пред 20 години во Македонија беше пославна и од Бионсе и од Тејлор Свифт заедно. Таа баба на ‘Балканкан’ му донесе неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија: со 150.000 илјади продадени влезници и 20.000 илјади легално продадени ДВД-примероци“, вели Митревски, додека во заднина се гледаат долгата плажа и тиркизниот океан, а потоа неочекувано го сврте ракурсот на камерата, каде што сè уште се гледаат урнатините во Малибу, кој изгоре во стравотните пожари годинава и додаде:
„Како едно мало потсетување, гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи – само делата се вечни. И затоа на баба Зумбула и на ‘Балканкан’ им посакувам да ни бидат вечни и вековити“.
По проекцијата, следуваше кратка сесија разговори со дел од актерската екипа, во која беа споделени анегдоти, спомени и емотивни моменти од снимањето. Настанот заврши со коктел под отворено небо – вистинско филмско славење, проследено со неформално дружење.
Поради голем интерес на 22 август (петок) во 21 часот, „Балканкан“ ќе биде повторно прикажан на Rooftop Open Air Cinema.
Култура
Сиљановска-Давкова ќе ги отвори 64. Струшки вечери на поезијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва ќе се обрати и ќе го отвори 64. издание на Струшките вечери на поезијата, коешто се одржува под нејзино покровителство.
Во рамките на свеченото отворање на фестивалот ќе бидат одржани „Поетските меридијани“, коишто ќе започнат со претставување на добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка.
На Меѓународното поетско читање на првата фестивалска вечер ќе настапат добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година – Катица Ќулавкова, годинашниот добитник на наградата за најдобра поетска збирка на поет-дебитант од светот „Мостови на Струга“ – Матеуш Шимчик, како и 20 еминентни поети од 17 земји.
Манифестацијата ќе започне во 20:30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Култура
Новото издание на „Македокс“ почнува на 21 август во Куршумли ан

Отворањето на 16. „МакеДокс“ ќе се одржи на 21 август (четврток), од 20:30 часот, во Куршумли-ан. На програмата се краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.
Филмот „Бардо“ (Чешка, Словачка / 2025 / 27 мин.) носи длабок здив со искуства што навлегуваат уште подлабоко и темна амбиентална музика како придружник. Инспирирана од бардо, тибетско име за граничната состојба помеѓу смртта и повторното раѓање, авторката Вјера Чакањова тргнува на фасцинантно метафизичко патување кон темнината. Преку генеративна анимација, таа ги придвижува и материјата и мислите. На крајот, се чини дека најголемиот предизвик е враќањето во реалноста.
Долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ (Данска, Шпанија / 2025 / 92 мин.) на Робин Петре е неверојатно примамливо и визуелно впечатливо патување во Јужна Галиција, една од најранливите зони на шумски пожари во Европа. За време на најжешкото лето досега, и луѓето и животните се борат со околностите како што наближуваат неизгасливите пожари.
На отворањето на фестивалот на 21 август во Куршумли-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани.
Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, со почеток од 23 часот, концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими.
Мухамед Ибрахими е мултиинструменталист на жичени инструменти од Скопје, познат по својот неконвенционален, интуитивен и длабоко инспиративен пристап кон гитарата, мандолината и сазот (традиционален долговратен жичен инструмент). Неговата музика спојува различни стилови – блуз, рок и амбиент – но останува цврсто вкоренета во ориенталната (суфи) традиција и албанско-балканскиот фолклор. Преку оваа смела, но елегантна фузија, Ибрахими создава уникатни звучни пејзажи каде што се појавуваат изненадни хармонии, нудејќи му на слушателот автентично и восхитувачко музичко доживување.
Полноќната музичка програма ќе продолжи со диџеј-сет на Шурбе.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.