Култура
Aпстракториум – мултимедијална изложба на Митко Гогов
Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, 23 декември 2023 година во 21:00 часот ќе ја отворат деветтата изложба на дела, насловена „Апстракториум“ на Митко Гогов.
Со оваа претпразнична изложба се завршува годишниот проект на кој струмичани во текот на оваа година имаа можност да ги видат делата на Стефан Јакимовски, Кирчо Арсовски, Марија Трпеска, Виктор Јаневски, Христина Мазнеска, Миле Ничевски, годишната изложба на плакати на „100 Илјади поети за промена“ и Ѓорги Динев.
Мултимедијалната изложба „Апстракториум“ на Митко Гогов ќе покаже 12 дела создадени во процес на „action painting“, како и краткометражно видео од самиот процес на создавање на истите.
За уметноста на Гогов, филмскиот режисер и критичар Јане Алтипармаков ќе напише: “…Концептуалата како термин кај многумина предизвикува непријатно чувство. На одбивност, претенциозност, квази-артизам… донекаде и со право. Но, не е се така црно на тоа поле. Се појавува нова енергија, нова генерација на мултимедијалци-РЕКонцептуалисти кои знаат како и зошто го работат токму тоа. Митко Гогов е еден од нив. Покрај виртуелната дружба, ја имав честа да го запознаам и во живо и да поминам неколку повеќе од благопријатни денови со овој креативец од Струмица. Обрнете внимание на неговиот израз. И тоа како ќе ви се исплати трудот…”
Mитко Гогов е роден 1983-та година во Скопје, Македонија. Концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија…
Младински работник и граѓански активист, пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, USA, Русија, Шпанија, Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија… Автор е на стихозбирките „Ледена вода“, „Скриено писмо“ и „Линијар. Бројки“. Добитник на неколку домашни и меѓународни награди и признанија. Организира културни и арт-настани, меѓу кои „100 Илјади поети за промена“, „Антево слово“, Роднокрајни поетски средби“, „Валандовско поетикување“ и многу други. Соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер, секогаш отворен за комуникација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.