Култура
„Бич филм фестивал“ го најавува своето 8. издание во Охрид: повеќе од 60 европски филма под ѕвезденото небо
Од 23 до 27 јули, Охрид повторно ќе стане живо гледалиште на новиот европски филм.
Осмото издание на Beach Film Festival ќе се одржи на четири внимателно избрани локации: главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар во Охрид.
Фестивалот годинава носи повеќе од 60 филма од современата европска кинематографија – внимателно селектирани, со свежи авторски гласови. Отворањето на фестивалот е закажано за утре вечер, со проекција под отворено небо на плажата Славија – почеток на петдневна филмска авантура покрај езерото.
Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.
За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија).
Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески.
Beach Film Festival не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката. Ова издание се реализира со поддршка од: Агенција за филм, Општина Охрид, Шпанска амбасада, Гете Институт, Француски институт, Италијанска амбасада, Халкбанка и Соко.
Сите продадени карти и доброволни донации ќе бидат донирани на погодените семејства од пожарот во Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

