Култура
Државата не води грижа за родното место на Јустинијан, а даде 1.2 млн. евра за неговиот споменик
Археолошкиот локалитет „Tauresium“, родното место на византискиот император Јустинијан, се наоѓа на 20 километри од Скопје, во селото Таор, а е потполно запуштено,меѓутоа, од друга страна, во рамките на проектот „Скопје 2014“, на овој император му беше подигнат споменик на плоштадот во Скопје, во вредност од 1.200.000 евра.
Значењето на Јустинијан е огромно, а тој ја има направено првата кодификација на правото, па во рамки на проектот „Скопје 2014“ му беше оддадена посебна почест со тоа што беше подигнат споменик во негова чест на плоштадот „Македонија“ поради неговото значење во светската историја.Сепак, државата заборава на она што ја носи историската и културната вредност на фактот дека Јустинијан потекнува од селото Таор, а тоа е токму овој археолошки локалитет „Tauresium“.Доколку некој сака да го посети овој локалитет, ќе треба малку да побрза пред негрижата на државата комплетно да го уништи.Она што е најалармантно е фактот дека ископините се обраснати со трева, изложени на постојани атмосферски влијанија и оштетувања, теренот не е соодветно уреден и локалитетот полека но сигурно оди кон целосно уништување. Состојбата е ваква најмалку три години и нема ниту еден знак кој ќе даде и најмала надеж дека државата е подготвена да се грижи за зачувувањето на овој локалитет.Патот, ако воопшто може тоа да се нарече пат, со оглед на огромните дупки кои ги има, од селото до самиот локалитет е во очајна состојба. До некаде на патот има рабници и знаеме дека се движиме барем на некаков пат, но рабниците ги снемува кога се врти кон локалитетот. Натаму се продолжува по треви и запуштен терен.Исто така, никаде во селото, ниту на патот кон селото, нема патоказна табла или каква било табла која упатува на постоење на значаен археолошки локалитет. До пред некое време постоеше мала табличка на која пишуваше само „Tauresium“, без притоа да се дава какво и да е појаснување што всушност значи тоа Tauresium, но сега и таа мала табличка ја нема и многу е веројатно некој да помине низ селото и воопшто да не знае и да не го посети локалитетот.Лицемерно и срамно е од една страна да се вложуваат огромни средства за рекламни кампањи како „Истражи ја Македонија“ или „Мојата чудесна земја Македонија“, а истовремено на само 20 километри од Скопје да имаме ситуација во која археолошки локалитет значаен по својата историска и културна вредност е оставен да пропаѓа.Ако сме искрени во патриотските чувства и љубовта кон државата, ако сме искрени во нашата намера да се зачуваат сите културни посебности на Македонија и да ја афирмираме како земја која постоела многу одамна, мора да се преземе нешто и да се зачува тоа културно наследство за кое барем досега знаеме.На прашањето испратено до Министерството за култура од ден 09.10.2016, од загрижен граѓанин, до денес нема никаков одговор.Инаку, споменикот на Јустинијан, изработен во рамки на грандиозниот и контроверзен проект „Скопје 2014“ се наоѓа на десната страна од кејот на Вардар во близина на Камениот мост. Скуплтурата е изработена од бел мермер со висина од 5 метри. Поставена е на постамент изработен од бел мермер со висина од 3,50 метри. На постаментот има бронзени релјефи со површина од 10,50 квадратни метри. Автор на делото е Роза Павлеска, а изработувач е уметничката галерија Пиетро Базанти е Фиљо (Pietro Bazzanti & Figlio) и уметничката леарница Фердинандо Маринели (Ferdinando Marinelli) од Фиренца, Италија. Вреноста на нарачаната скулптура била 75.640.000 денари,односно нешто повеќе од милион евра./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

