Култура
Eкипата на „Медена земја“ тврди: На Атиџе ѝ обезбедивме дом, храна и лекови – здружението „Бекирлија“ и донациите ќе бидат затворени

Екипата на „Медена земја“ реагира по тврдењата што се појавија во јавноста дека Атиџе Муратова е заборавена од сите, без никаква помош. Со тоа, според нив, се осквернавени документаристите, протагонистите, успехот на филмот и неговата голема хуманистичка идеја.
„Документаристичкиот филмски кодекс советува дека филмските работници не треба да ги следат, да соработуваат, помагаат или на каков било начин да интервенираат во животот на протагонистите. И покрај оваа практика, ние одлучивме да им помогнеме затоа што целосно се соживеавме со нив, од почетокот на идејата до најзначајните успеси на филмските фестивали. Правилата ги прекршивме со добра намера и притоа ангажиравме тим од правни и социјални работници, кои нѐ советуваа како да ја реализираме помошта за Атиџе Муратова и семејството Сем.
За таа цел, го основавме здружението на граѓани „Бекирлија“ преку кое досега беа спроведени следните активности за помош на протагонистите: На Атиџе Муратова, по нејзина желба, ѝ беше купена куќа, која дополнително беше комплетно опремена (ентериер, бања, покуќнина, кревет, машини за домаќинство итн.) Обезбедени беа над сто пакети со храна и лекови и приватни лекарски прегледи. Секоја зима беа обезбедени дрва за огрев. Се погриживме и за нејзините патувањата на фестивалите во светот: Нион (Швајцарија), Сараево (БиХ), Aјвалик (Турција), Њујорк и Холивуд (САД), на кои, покрај билетите за превоз, беа обезбедени и сместување и личен асистент“, се вели во соопштението.
Во него од екипата додаваат дека на семејството Сем им е подарено возило; неколкупати се правеа интервенции во куќата, со цел да им се обезбедат услови за зима; купена е покуќнина, постојано им беа праќани лекови и големо количество храна, со што ова семејство би ги задоволило условите за прехранување на подолги периоди. Дополнително, беше обезбеден и компјутер за децата непречено да ја следат онлајн-наставата оваа учебна година.
„На отворената сметка за протагонистите собрани се средства, а меѓу другото, со свои издвоени средства учествуваше Владата, како и Советот на Град Скопје. Исто така, како дополнителен проблем се јави и социјалната помош, која протагонистите ја земаат редовно. Доколку им беа исплатени други средства, тогаш, по автоматизам, социјалната помош ќе им беше укината. Затоа, од институциите чекавме да биде изработен модел за месечно исплаќање конкретна сума, без да ја изгубат постојната социјалната помош. Со цел да не се доведува јавноста во заблуда на каков било начин, одлучивме сите досега собрани средства одеднаш да им бидат префрлени на протагонистите наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат. Дополнително, здружението „Бекирлија“, како и страницата за донации, ќе бидат затворени“, се вели во соопштението.
Тие истакнуваат дека Атиџе Муратова за своето учество во документарниот филм има потпишано документ, со кој им дава право да го користат нејзиниот лик и дело во филм.
„Во документаристиката постои принцип да не им се плаќа хонорар на протагонистите, ниту да се интервенира во нивните животи. Но, ние, сочувствувајќи со нив, сепак одлучивме да им помогнеме. Горенаведените донации и активности се доказ дека тие не само што не беа заборавени од екипата туку, напротив, им беше дадена несебична помош. Екипата на филмот не заработила од милионските суми презентирани на некои медиуми. Тие пари завршуваат кај дистрибутерите, кои вложија финансии во кампањите за промоција на филмот. Всушност, кампањата за ‘Оскар’ чинеше повеќе од вкупната презентирана сума.
Македонија и светот се полни со силни приказни што заслужуваат да бидат документирани, а ние ќе продолжиме да создаваме со несмален интензитет и посветеност. Личности како нашите протагонисти има многу, но документаристи сме малкумина. Документарниот филм е медиумот што ние знаеме добро да го работиме и длабоко веруваме дека со следните проекти на кои работиме повторно ќе ги освоиме филмските фестивали. Нашата работа како промотори на културата продолжува. На крајот, би сакале длабоко и најсрдечно да им се заблагодариме на сите медиумски куќи што од почетокот соработуваат со нас и го поддржуваат филмот. Во меѓувреме, ‘Медена земја продолжува да реди интернационални успеси, признанија и пофалби во светските медиуми, меѓу кои е и репортажата на ‘Њујорк тајмс’ направена со екипата на филмот и Атиџе во Бекирлија“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Актуелно
Мицко Дамњановски нов уметнички раководител на НОБ

За нов уметнички раководител на Националната опера и балет е назначен Мицко Дамњановски, кој доаѓа на местото на диригентката Бисера Чадловска, која беше уметнички раководител од септември 2017 до сега.
Мицко Дамњановски 2002 година дипломирал на факултетот за Музичка уметност, отсек туба, а магистрирал 2006 година на Кралскиот конзверваториум за музика во Брисел, Белгија, отсек туба. Пред вработувањето во оркестарот на Националната опера и балет во 2007 година, кратко време работел во Бриселската филхармонија.
Постојан член е на меѓународниот оркестар за снимање филмска музика FAMES, соработник на сите помали и поголеми оркестри формирани за посебни намени (Биг бенд, Дувачки оркестар, Градски оркестар и други, како и гостин тубист во Нишкиот симфониски оркестар, Национална опера-Тирана, Црногорски симфониски оркестар. Основач е на БРАССТЕТ СКОПЈЕ во 2019 година со настапи на Охридско лето и други фестивали низ републиката.
Култура
„Врба“ на Манчевски ќе игра во кината во САД

Македонскиот кандидат за Оскар за 2021 „Врба“ на Милчо Манчевски ќе игра во кината, на ТВ и на стриминг-платформите низ САД, во дистрибуција на „Кино Лорбер“, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД.
„Врба“ пред американската публика ќе се прикажува во текот на 2021 и ќе продолжи во 2022 и 2023.
Сопственикот на Кино Лорбер, Ричард Лорбер, го нарече „Врба“ „моќно и најоригинално дело на маестро Манчевски, достојно за награди – трогателен, брилијантно одглумен и визуелно фрапантен поглед врз мајчинството.
„Не можеме да дочекаме да го споделиме ова длабоко дело со американската публика“, рече тој.
„Кино Лорбер“ постои од 1977 година, а во големата библиотека од над 4.000 нивни филмови се цела низа стари и нови добитници на Оскар и номинирани филмови и филмови на големи автори, како „Жртва“ на Тарковски, „Странецот“ на Орсон Велс, „Книга слика“ на Жан-Лик Годар, „Враќање дома“ на Хол Ешби, „Софи Шол“, „Збогум на оружјето“, „Ѕвездата е родена“, „Песјак“ на Лантимос, „Томасо“ на Абел Ферара со Вилем Дафо, „Суд“ на Тамхане, „Причината зошто скокам“, „Капитал во 21 век“ – документарец со Пикети, Фукујама и Стиглиц, документарни филмови за Јозеф Бојс, Роберт Френк, Кјубрик, Гери Виногранд, Џозеф Камбел, Грејс Џонс, итн. Во последните девет години имаат добиено дури седум номинации за Оскар.
Во текот на 2021 се предвидени кинопремиери на „Врба“ и во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и Велика Британија.
За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, „Врба“ се прикажа на над 20 фестивали на четири континенти.
Култура
Сара Климоска – актерско откритие во Европа за 2021 година

European Film Promotion оваа година ја избра македонската актерка Сара Климоска како една од десетте европски актерски откритија – European Shooting Stars 2021.
Оваа манифестација се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале, каде актерите кои се избрани имаат неверојатно искуство и можност за воспоставување на контакти со европски кастинг агенции, филмски професионалци и етаблирани актери од Европа.
Оваа година 24. издание на European Shooting Stars, ќе се одржи дигитално во период од 23 до 25 февруари, една недела пред 71. издание на Берлинале, додека официјалната церемонија за доделување на наградите за European Shooting Stars ќе се случи во Берлин во јуни 2021, кога ќе се одржува и дел од програмата со проекции на филмовите на фестивалот.
Во оваа престижна селекција, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерки имиња од Финска, Франција, Германија, Унгарија, Литванија, Ирска, Холандија, Португалија и Шведска, а поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов – „Лена и Владимир”, во продукција на „Минд продукција“.
Во филмот „Лена и Владимир“, Сара ја глуми 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој, пак, има загубено сè што љубел претходно. Заедно доживуваат пролет во еден ладен јануари и се вљубуваат во животот. Сценариото е на Александар Русјаков. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, којшто е завршен минатата година, но сè уште не е прикажан.
Во меѓународната организација European Film Promotion, каде Агенцијата за филм е членка, досега во оваа програма учествувале многу познати актери од Европа како: Matilda de Angelis (The Undoing), Carey Mulligan (Promising Young Woman, The Great Gatsby), Alba Rohrwacher (Happy as Lazzaro), добитничката на Оскар – Alicia Vikander (Tomb Raider), Maisie Williams (Game of Thrones), Riz Ahmed (Rogue One: A Star Wars Story, Mogul Mowgli- Berlinale 2020), George MacKay (1917), како и Louis Hofmann (Netflix’s Dark), а од С. Македонија досега од оваа програма биле дел Благој Веселинов во 2019 , Наташа Петровиќ во 2011 и Лабина Митевска 1998 година.
- Книги4 недели
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија3 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира