Култура
Единствениот македонски краток филм „Mавера“ вечерва на „Браќа Манаки“
Краткиот игран филм „Мавера“ е во официјалната селекција на кратките играни филмови на 44. издание од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ како единствен македонски краток филм што ќе биде прикажан на вечерва во Центарот за култура во Битола со почеток од 19 часот.
Овој проект е независно финансиран, без надворешна поддршка, а притоа е селектиран од голема конкуренција на македонски и странски филмови со високи буџети, во режија и сценарио на Батухан Ибрахим, кој е и продуцент на филмот заедно со Стефан Ѓоргиевски, кој исто така е и кинематографер на проектот.
Монтажер е Драган Спасов, а дизајнот на звук е на Ристо Алчинов. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска.
„Заедно работиме од студентски денови, сметам дека многу добро функционираме во нашата работа и комуникација. Батухан ја сподели неговата идеја за ‘Мавера’ со мене, генерално сличните проблеми не засегаат, па и оваа приказна ми беше многу блиска. Во процесот бев од првиот момент, уште од самата идеја, па постојано комунициравме во фаза на сценарио, разменувавме идеи, мислења и лични искуства“, вели Ѓорѓиевски.
Ибрахим вели дека со Ѓорѓиевски ги работеле сите заеднички студентски филмови, вежби, а покрај тоа и други проекти, што не се филм.
„Новиот проект, кој е поддржан од Агенцијата за филм, исто така го работиме заедно, многу добар тим сме и функционираме одлично. Во овој процес тој беше вклучен од првиот момент, врз основа на нашето пријателство комунициравме уште од првите мигови, односно уште од креирање на идејата, јас ја споделив со него. Секако, од почетокот бевме одлучни дека двајцата ќе бидеме продуценти на филмот, дека ќе биде тежок нашиот пат, но успеавме“, додава Ибрахим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

