Култура
Eкипата на „Медена земја“ тврди: На Атиџе ѝ обезбедивме дом, храна и лекови – здружението „Бекирлија“ и донациите ќе бидат затворени
Екипата на „Медена земја“ реагира по тврдењата што се појавија во јавноста дека Атиџе Муратова е заборавена од сите, без никаква помош. Со тоа, според нив, се осквернавени документаристите, протагонистите, успехот на филмот и неговата голема хуманистичка идеја.
„Документаристичкиот филмски кодекс советува дека филмските работници не треба да ги следат, да соработуваат, помагаат или на каков било начин да интервенираат во животот на протагонистите. И покрај оваа практика, ние одлучивме да им помогнеме затоа што целосно се соживеавме со нив, од почетокот на идејата до најзначајните успеси на филмските фестивали. Правилата ги прекршивме со добра намера и притоа ангажиравме тим од правни и социјални работници, кои нѐ советуваа како да ја реализираме помошта за Атиџе Муратова и семејството Сем.
За таа цел, го основавме здружението на граѓани „Бекирлија“ преку кое досега беа спроведени следните активности за помош на протагонистите: На Атиџе Муратова, по нејзина желба, ѝ беше купена куќа, која дополнително беше комплетно опремена (ентериер, бања, покуќнина, кревет, машини за домаќинство итн.) Обезбедени беа над сто пакети со храна и лекови и приватни лекарски прегледи. Секоја зима беа обезбедени дрва за огрев. Се погриживме и за нејзините патувањата на фестивалите во светот: Нион (Швајцарија), Сараево (БиХ), Aјвалик (Турција), Њујорк и Холивуд (САД), на кои, покрај билетите за превоз, беа обезбедени и сместување и личен асистент“, се вели во соопштението.
Во него од екипата додаваат дека на семејството Сем им е подарено возило; неколкупати се правеа интервенции во куќата, со цел да им се обезбедат услови за зима; купена е покуќнина, постојано им беа праќани лекови и големо количество храна, со што ова семејство би ги задоволило условите за прехранување на подолги периоди. Дополнително, беше обезбеден и компјутер за децата непречено да ја следат онлајн-наставата оваа учебна година.
„На отворената сметка за протагонистите собрани се средства, а меѓу другото, со свои издвоени средства учествуваше Владата, како и Советот на Град Скопје. Исто така, како дополнителен проблем се јави и социјалната помош, која протагонистите ја земаат редовно. Доколку им беа исплатени други средства, тогаш, по автоматизам, социјалната помош ќе им беше укината. Затоа, од институциите чекавме да биде изработен модел за месечно исплаќање конкретна сума, без да ја изгубат постојната социјалната помош. Со цел да не се доведува јавноста во заблуда на каков било начин, одлучивме сите досега собрани средства одеднаш да им бидат префрлени на протагонистите наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат. Дополнително, здружението „Бекирлија“, како и страницата за донации, ќе бидат затворени“, се вели во соопштението.
Тие истакнуваат дека Атиџе Муратова за своето учество во документарниот филм има потпишано документ, со кој им дава право да го користат нејзиниот лик и дело во филм.
„Во документаристиката постои принцип да не им се плаќа хонорар на протагонистите, ниту да се интервенира во нивните животи. Но, ние, сочувствувајќи со нив, сепак одлучивме да им помогнеме. Горенаведените донации и активности се доказ дека тие не само што не беа заборавени од екипата туку, напротив, им беше дадена несебична помош. Екипата на филмот не заработила од милионските суми презентирани на некои медиуми. Тие пари завршуваат кај дистрибутерите, кои вложија финансии во кампањите за промоција на филмот. Всушност, кампањата за ‘Оскар’ чинеше повеќе од вкупната презентирана сума.
Македонија и светот се полни со силни приказни што заслужуваат да бидат документирани, а ние ќе продолжиме да создаваме со несмален интензитет и посветеност. Личности како нашите протагонисти има многу, но документаристи сме малкумина. Документарниот филм е медиумот што ние знаеме добро да го работиме и длабоко веруваме дека со следните проекти на кои работиме повторно ќе ги освоиме филмските фестивали. Нашата работа како промотори на културата продолжува. На крајот, би сакале длабоко и најсрдечно да им се заблагодариме на сите медиумски куќи што од почетокот соработуваат со нас и го поддржуваат филмот. Во меѓувреме, ‘Медена земја продолжува да реди интернационални успеси, признанија и пофалби во светските медиуми, меѓу кои е и репортажата на ‘Њујорк тајмс’ направена со екипата на филмот и Атиџе во Бекирлија“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.

