Филм
Денови на кинескиот филм во Кинотека
Денови на кинескиот филм ќе бидат организирани од сабота до 16 февруари во Кинотеката на македонија, а по повод Празникот на фенерите, со кој се означува крајот на двонеделното празнување на кинеските новогодишни празници.
Организатор на настанот е институтот „Конфуциј“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
По тој повод ќе се обрати кинескиот директор на Институтот, проф. д-р Денг Шиџонг. На отворањето осврт за значењето на современата кинеска кинематографија ќе даде младиот реномиран филмски режисер Саша Станишиќ.
Во рамки на ревијата во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани пет репрезентативни филмови од современата кинеска кинематографија. Настанот се реализира во соработка со дистрибутерската куќа „КТ Филм и Медиа“.
Многумина Кина ја поврзуваат со древна цивилизација стара 5000 години, замислуваат слики на дрвени предмети и скулптури, додека сликите од современа Кина се скриени и непознати. Филмовите го претставуваат токму неодоливиот и непосреден дух на современа Кина.
Филмската лента ќе почне да се одмотува во сабота (11 февруари) во 20 часот со проекција на документарниот филм кој е дел од серијата ЗАЛАК ОД КИНА, чија тема се природните состојки карактеристични за кинеската кујна, нивната историја и техниките на подготвување. Станува збор за епизодата под наслов ЗАЛАК ОД КИНА: ПОДАРОКОТ ОД ПРИРОДАТА во која се зборува за ретката и скапоцена габа мацутаке, вкусниот и хранлив бамбус, природната сол, најомилениот зеленчук во Кина
корен од лотус и скромната скуша.
Деновите на кинескиот филм продолжуваат од понеделник (13 февруари) во 20 часот со проекција на играниот филм РАВЕНКА ЗА ЉУБОВТА И СМРТТА во режија на Баопинг Цао.
Во филмот се преплетуваат три различни љубовни приказни и се истражуваат различните емотивни судири кои ги доживуваат луѓето кога минуваат низ болка и загуба. Воедно филмот ни покажува дека заборавот, можеби, е најтешкото нешто што може да се направи. Добитник е на наградата за најдобар режисер дебитант на Фестивалот во Сан Себастијан.
По повод Денот на вљубените (14 февруари) од 20 часот ќе биде прикажан играниот филм ДВАЈЦА СТАНУВААТ ЕДЕН во режија на Вингченг Лоу.
Во среда (15 февруари) во истиот термин ќе биде прикажам МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН, филмот што ја истражува улогата на мобилните телефони во комплексните односи помеѓу мажите и жените во современа Кина, каде брзиот развој на информатичката технологија има огромно влијание врз начините на кои луѓето комуницираат.
Деновите на кинескиот филм се заокружуваат со проекција на играниот филм ЉУБОВЕН МИГ на режисерот Гавин Лин во четврток (16 февруари) од 20 часот. Филмот ја прикажува случајната средба на двајца млади луѓе на едно патување на двајца млади луѓе и начинот на кој тие откриваат што значи љубовта.
Сите проекции се бесплатни. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања
Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.
Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.
Култура
(Видео) Објавен првиот трејлер за контроверзниот биографски филм за Мајкл Џексон
По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.
Трејлерот започнува со сцена во студио каде Џексон снима со Квинси Џонс (го игра Кендрик Семпсон), кој вели:
„Знам дека долго го чекавте ова. Песните се снимени, подготвени се. Да почнеме од почеток.“
Следуваат кадри од детството на Џексон, неговите легендарни настапи и видеа, меѓу кои и „Трилер“, додека во позадина свири хитот „Вана би стартин самтинг’“ од 1982 година.
Филмот го прикажува патот на Џексон од детска ѕвезда до светска икона, со „интимен поглед во животот и наследството на еден од највлијателните уметници на сите времиња“, стои во синопсисот.
Снимањето завршило во мај 2024 година, но поради дополнителни снимања во јуни, премиерата беше одложена за 24 април 2026 година.
Иако се шпекулираше дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.
Режисер е Антоан Фукуа, познат по акциските хитови „Training Day“, „The Equalizer“ и „Olympus Has Fallen“. Сценариото го напиша Џон Логан, автор на „Gladiator“, „The Aviator“ и „Hugo“.
Главната улога ја толкува Џафар Џексон, вистинскиот внук на Мајкл Џексон.
Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:
„Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.“
Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.
Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.
Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.
Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.

