Култура
„Северен Пол“ на уште еден фестивал од А-категорија

По учеството во Официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и на фестивалите во Сараево, Конкорто во Италија, Батуми и Сванети во Грузија, Тирана, Рејкјавик, Монпелје и Солун, филмот „Северен Пол” на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на Кино око ќе биде дел од Официјалната конкуренција на уште еден фестивал од А-категорија. Со проекција на 17 ноември, филмот ќе биде прикажан на Black Nights Film Festival (PÖFF) во Талин.
Од 2019 година Black Nights Film Festival (PÖFF Shorts) е член на Европска филмска академија (EFA) и на секое издание фестивалот кандидира еден краток филм во изборот за Европски филмски награди. Исто така, овој фестивал секоја година номинира и филм за наградата на Британската академија за филм и телевизија (BAFTA).
По овој фестивал, во текот на ноември следува учество на фестивалот во Стокхолм и други европски и светски фестивали.
Главните улоги ги толкуваат: Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија Влатко Самоиловски, костимограф Билјана Гргур, сценограф Кирил Спасески, монтажер Драган Вон Петровиќ, шминка Горан Игњатовски, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг-директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков.
Филмот е во продукција на „Кино око” во копродукција со „Сервиа филм” и „Форгрејд” од Србија и „Тиволи продукција” од Унгарија. Финансиски е подржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и Српскиот филмски центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.